концерти
Концерт на Инес Неделковска во малата сала на Македонската филхармонија
Македонска пијанистка Инес Неделковска, на 18 мај, во организација на Музичката младина на Македонија, ќе одржи солистички концерт во малата сала на Македонската филхармонија со почеток од 20 часот.
Со само 15 години, со своите постигнати успеси во светот, Инес Неделковска претставува вистински амбасадор на Република Македонија. Во нејзината биографија веќе се удомени шест први награди на државните натпревари и девет први меѓународни награди. Инес е добитник на три први награди во Њујорк, како и добитник на гран при од жирито (тоа е посебна награда доделена од страна на жири-комисијата на најдобриот натпреварувач од сите дисциплини на целиот натпревар), прва награда на интернационалниот натпревар по пијано во Лондон, победник во Италија – Наполи и Бари (апсолутен победник), Монте Карло и др. Овие награди резултираат со настапи на младата пијанистка во најпрестижните сали во светските метрополи: Њујорк – „Меркин хол“ во Кауфман центарот, како и светски реномираниот „Карнеги хол“ (каде што Инес има настапено веќе двапати), а потоа и во легендарниот „Ројал Алберт хол“ во Лондон.
Инес исто така има реализирано и значајна концертна меѓународна активност. Како член на престижната светска Фондација за млади таленти „Владимир Спиваков“ од Русија, на 10-годишна возраст Инес настапи на три концерти во Москва, како и во Љубљана, Загреб, Белград.
Покрај тоа што повеќепати има настапено како солист со Македонската филхармонија, талентираната Инес реализира исклучителни настапи како солист со камерниот оркестар од Софија, Бугарија; камерниот оркестар „Ансамбл арт линк млади виртуози“; во престижната сала „Коларац“ во Белград, со Младинскиот симфониски оркестар на Новосибирск, а концертот беше пренесуван од страна на Руската национална телевизија.
Неделковска е во деветто одделение во ОУ „Лазо Ангеловски“ и ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“, во класата на Нина Костова, а под менторство на Људмила Романова.
Како што вели самата Инес, успесите ги постигнува благодарение на постојаната желба за нови сознанија, огромната трудољубивост и посветеноста кон инструментот, но, пред сè, поради огромната заложба и посветеност на професорката Нина Костова-Јаневска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
концерти
„Медитеранска магија“: Концерт за две пијана и четирирачно пијано на дуото Аврамовска–Мариновски
Во Салон 19 19, на 26 ноември 2025 година со почеток во 19:19 часот, ќе се одржи концертот „Медитеранска магија“ — музичка вечер посветена на јужниот медитерански дух, во изведба на дуото Аврамовска–Мариновски. Наратор на концертот ќе биде Мимоза Рајл.
Публиката ќе има можност да доживее ретко музичко патување исполнето со сончеви ритми, страст и виртуозност. На програмата се дела од италијански, француски и шпански автори, како и премиерни изведби и специјално подготвени аранжмани.
Програма:
Жорж Бизе – Свита „Арлезијанка“ бр. 2
Жорж Бизе – Свита „Арлезијанка“ бр. 1
Ернесто де Куртис – Non ti scordar di me (солист: Илија Белистојановски)
Rodolfo Falvo – Dicitebcelli (солист: Илија Белистојановски)
Г. Росини – Увертира „Крадливата страчка“
Исаак Албениз – Rapsodia Española
Дуото, активно веќе девет години, има бројни настапи во Македонија и во странство — меѓу кои Турција, Бугарија и САД. Нивната работа е посветена на спојот меѓу македонската традиција и современиот музички израз, со концертни програми што ја освојуваат публиката со емоција и уметничка длабочина.
„Медитеранска магија“ ветува вечер исполнета со топлина, енергија и дух на јужниот Медитеран — музика која ги надминува границите и допира директно до публиката.
концерти
Почна фестивалот „Виноскоп 2023“
Со настапи на Стефан Петановски, Пајак, „Офчестра“, „Брас брадрс“ и „Фолтин“ вчера беше отворен фестивалот „Виноксоп“, кој веќе тринаесет години по ред ја промовира македонската винска култура.
![]()
Со учество на над 40 винарници и гурмански катчиња фестивалот продолжува до сабота, а денеска концертни настапи ќе имаат „Баклава“, Нино Величковски, Сале Певац, Дани Димитровска и „Куку леле’.
![]()
Програмата почнува во 17 ч со „афтер ворк“ забава, а до 19 ч на секои две купени вина, посетителите ќе добијат едно гратис.
концерти
Петтото издание на музичкиот фестивал „Андерфест“ Скопје
Музичкиот фестивал „Андерфест“ ќе се одржи петти пат на 13 октомври во Младинскиот културен центар (МКЦ).
На овој јубилеј публиката ќе може да ужива во музиката од алтернативната, рок, панк-рок, метал, хардкор-сцената од нашата држава, која ќе покаже дека е одлична и има што да понуди.
Од најавените бендови, сите ѝ се одлично познати на македонската публика. Се работи за актуелни музички имиња за кои организаторите очекуваат многу публика и ветуваат забава.
На „Андерфест 5“ ќе настапат: Преку ред, Ред 18, Конспираси, Луфтанза, Пич Ваис и Последен удар.
Продажбата на билети за концертот e почната и можете да ги набавите преку следниот линк.

