Вести
Роухани: Иран отвори ново поглавје во поврзаноста со светот
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2016/10/21e632ff-73c6-443b-a5e1-679245693229.jpg)
Иран отвори ново поглавје од своите врски со светот, изјави претседателот Хасан Роухани во пораката до нацијата, неколку часа откако се укинати меѓународните и западните економски санкции за земјата, поради стапувањето на сила на договорот што Техеран го постигна со шесте светски сили во врска со неговата нуклеарна програма.
Меѓународната агенција за атомска енергија (IAEA) потврди во саботата вечерта во австриската престолнина Виена дека Иран ги исполнил своите обврски од нуклеарниот договор, со што се исполнети условите за симнување на санкциите.
Иранскиот претседател Хасан Роухани во своето обраќање потенцираше дека договорот не ѝ наштетил на ниедна земја, пренесува Press TV. Роухани, исто така, смета дека станува збор за „златната страница“ во историјата на земјата, како и дека е радосен што економската иднина на земјата е помалку зависна од нафтата.
„Нуклеарниот договор е можност којашто можеме да ја искористиме да ја развиеме земјата, да го зголемиме богатството на нацијата и да создадеме стабилност и сигурност во регионот“, рече иранскиот претседател во говорот пред парламентот, претставувајќи го нацрт буџетот за следната фискална година.
Укинувањето на санкциите е „момент на пресвртот“ за иранската економија, додаде истакнувајќи дека земјата би требало помалку да зависи од приходите од нафтата, откако по долги години ќе се врати на светските нафтени пазари.
Повеќето западни влади го поздравија укинувањето на санкциите против Иран, меѓутоа, останувајќи доследен на своето противење на потпишувањето каков и да е договор со Техеран, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху е упорен на тоа дека иранската држава и натаму ќе настојува да изгради атомска бомба.
„Без соодветни санкции на секое кршење на договорот, Иран ќе смета дека може да продолжи да развива нуклеарно оружје, да го дестабилизира регионот и да шири терор“, предупреди Нетанјаху, пренесува Reuters.
Роухани, пак, истакна дека сите се среќни поради договорот, освен оние коишто ги опиша како воени подбуцнувачи во регионот – Израел и тврдолинијашите во американскиот Конгрес.
„Ние Иранците му подаваме рака на светот во знак на пријателство и ги оставаме зад себе непријателствата, сомнежите и заговорите, отвораме ново поглавје во врските на Иран со светот“, порача Роухани во обраќањето на нацијата во неделата./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2022/08/makfax_logo_350px.jpg)
Вести
“Во основа е пекол на земјата”: Градот Газа оставен тотално без здравствената заштита
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2023/11/gaza32.jpg)
Во раните утрински часови во саботата, над купови бетон и урнатини, толпа лекари и пациенти пешачеа километри низ уништените улици на градот Газа, принудени да се евакуираат пеш од она што остана од болниците. Здравствените работници велат дека се плашат да ги оставаат критично болните пациенти зад себе во град кој сега во голема мера е сведен на урнатини, преземен израелските сили, со болници кои работат без струја, гориво, вода или храна, пишува британски „Гардијан“.
“Тоа е во основа пекол на земјата”, вели Вилијам Шомбург, шефот на Меѓународниот комитет на Црвениот крст во Газа, опишувајќи го она што остана од животот во градот.
Со недели, десетици илјади луѓе се надеваа дека во болниците во Газа ќе најдат засолниште кое е најблиску до безбедно бидејќи енклавата издржа интензивирачки бомбардирања.
Но, откако израелските сили се приближија до објектите и потоа ја нападнаа најголемата болница во Газа, Дар ал-Шифа минатата недела, илјадници луѓе беа раселени заедно со медицинскиот персонал, шетајќи низ уништените улици на југ од енклавата.
Палестинското министерство за здравство во Газа соопшти дека израелските сили побарале евакуација на болницата Ал Шифа вчераутро, три дена откога влегоа во објектот. Здравствените лица сведочат дека им им било кажано дека имаат еден час да ја евакуираат болницата која беше центар на здравствениот систем на Газа.
Најмалку 12.000 луѓе загинаа во израелскиот напад врз Газа по нападот на Хамас на 7-ми октомври, во кој загинаа 1.200 Израелци, а околу 240 луѓе беа заложници.
Вести
Борел: Целосно е невозможно да се евакуираат милиони луѓе од северот на Газа
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2022/09/борел-миа.jpg)
Првиот човек на ЕУ-дипломатијата Жозеп Борел утринава на прес-конференција изјави дека евакуацијата на милиони луѓе од северниот дел на Газа е целосно невозможна.
Десетици илјади цивили почнаа да бегаат од јужниот дел на Газа вчера, откако Израел им порача на луѓето да ја напуштат областа пред очекуваната копнена офанзива.
„Да се замисли дека можеш да преселиш милион луѓе за 24 часа во ситуација во каква што е Газа, може да биде само хуманитарна криза“, рече Борел на последниот ден од тридневната дипломатска посета на Кина.
И покрај изјавата на ЕУ за поддршка на Израел, тој исто така предупреди дека и Израел е должен да го почитува меѓународното хуманитарно право во одбранбениот процес.
„Позицијата е јасна“, рече Борел. „Но, како и секое право, тоа има граница. А таа граница е меѓународното право“.
Вести
Проценки на ОН: Десетици илјади луѓе веќе ја напуштија Газа
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2023/10/антонио-гутереш.jpg)
Во текот на ноќта беа објавени најновите проценки на ОН за бројот на луѓе кои ги напуштиле своите домови во северниот дел на Газа.
Тие велат дека веруваат дека станува збор за десетици илјади кои се упатиле кон југ по предупредувањето за евакуација на Израел.
Пред наредбата за евакуација, повеќе од 400.000 Палестинци беа внатрешно раселени, според хуманитарната канцеларија на ОН OCHA.
Израелската војска им порача на околу 1,1 милион луѓе во северниот дел на Газа да заминат пред очекуваната копнена инвазија. Хамас, пак, ги повика луѓето да останат на место и да пркосат на израелската воена наредба.
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш рече дека наредбата од Хамас е „исклучително опасна – и во некои случаи едноставно не е возможна“.