Македонија
(Видео) Ослободителна пресуда за Заев во случајот „Поткуп“
Кривичниот суд донесе ослободителна пресуда за премиерот Зоран Заев во случајот „Поткуп“. Според пресудата, која јавно ја прочита судијата Дарко Тодоровски, Обвинителството не успеало да докаже дека Заев сторил кривично дело примање поткуп.
„Трауматичен е моментот на изрекување пресуда, но среќен сум. Јас докажав невиност и дочекав правда. Очекував ослобителна пресуда, беше логично затоа што тоа се докажа во судската постапка од презентираните докази“, рече премиерот. Тој истакна дека се што правел како градоначалник на Струмица било транспарентно.
Заев рече дека тој не ја поседува снимката од ПИ мерките, објавена на Јутјуб, која фигурираше како доказ за делото за кое се товареше, но ги повика институциите кои ја поседуваат, да ја објават во целост.
На претходните рочишта јавната обвинителка Валентина Бислимовска побара делото да биде преквалификувано од примање, во барање поткуп, по што судијата ги отфрли доказите во случајот прибавени преку посебните истражни мерки, односно видео-снимките и телефонските разговори.
Заев во „Поткуп“ беше обвинет дека како градоначалник на Струмица барал поткуп од над 160 илјади евра од бизнисменот Иван Николов Сачевалиев за продажба на државно градежно земјиште.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Нормализиран сообраќајот на патот Градско – Прилеп
Денеска во 20:25 час, сообраќајот на регионалниот пат Градско – Прилеп кај клучката Манастирец кој беше пренасочен по регионален пат Р1107 кон Кавадарци поради случена сообраќајна незгода помеѓу патнички автомобил и трактор е пуштен за сообраќај во целост.
Македонија
Сообраќајка меѓу патничко возило и трактор на регионалниот пат Градско – Прилеп, сообраќајот пренасочен
Денеска околу 19:00 часот поради случена сообраќајна незгода помеѓу патнички автомобил и трактор, регионалниот пат Градско – Прилеп кај клучка Манастирец е пренасочен по регионален пат Р1107 кон Кавадарци, соопшти АМСМ.
Македонија
МВР: Шалтер за „Безбеден град“, граѓаните од утре ќе можат да ги променат контакт-податоците
Од Министерството за внатрешни работи известуваат дека граѓаните од утре (17.12.2025), на посебен шалтер во Одделот за граѓански работи, во зградата на МТВ (приземје) во Скопје, кој ќе работи секој работен ден во периодот од 08:00 до 17:00 часот ќе можат да поднесат барање за промена на контакт-податоците кои ги доставиле при регистрација на возилата, доколку има настаната промена или во случај да имаат добиено известување со неточни податоци.
„Истото, ќе може да се изврши и низ станиците за технички преглед на возила во државата каде што е распореден деташиран референт на МВР.
Исто така, граѓаните по електронска пошта на [email protected] ќе можат да достават писмена забелешка доколку имаат нејаснотии, прашања или проблеми поврзани со функционирањето и примената на системот „Безбеден град“, при што сите доставени забелешки ќе бидат евидентирани и разгледани согласно утврдените процедури, со цел унапредување на работењето и поефикасна комуникација со граѓаните“, соопшти МВР.

