Македонија
Случај „Монструм“: Ќе сведочат обвинетите Хаки Азири и Сами Љута

Хаки Азири и Сами Љута, обвинети во случајот „Монструм“, денеска треба да сведочат што виделе и правеле во критичните денови. Хаки Азири во претходната судска постапка од заштитен сведок стана обвинет. Тој ја смени изјавата што ја дал претходно објаснувајќи дека бил под притисок од полициски инспектори и дека стравува за својот живот.
На минатото рочиште сведочеа обвинетите Агим Исмаиловиќ и Фејзи Азири. Обвинителите на специјалното јавно обвинителство неколку часа ги распрашуваа за нивното алиби на критичниот ден и поврзаноста со настанот и другите обвинети.
Агим Исмаиловиќ на претходното рочиште даде контрадикторни изјави за критичниот ден кога биле убиени момчињата на Смилсковското Езеро. Тој рече дека на 12 април 2012 година бил на работа во интернет-кафуле, кое било во неговиот дом. Подоцна рече дека можеби бил дома и извршувал верски обред. Кога обвинителката Фетаи му предочи негов исказ во кој порано тврдел дека на критичниот ден работел на поставување канализација, тој го потврди и тоа.
Обвинителите го распрашуваа обвинетиот Фејзи Азири за неговото алиби на критичниот ден и подоцна кога според обвинението го помогнал бегството на другите обвинети. Судењето го следеа родители и роднини на убиените момчиња.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Вчера 841 сообраќаен прекршок на територија на цела држава, 214 за брзо возење

Во текот на вчерашните активности на полициските службеници од сите осум сектори за внатрешни работи во врска со засилените сообраќајни контроли за почитување на сообраќајните правила и прописи на патиштата низ државава, беа констатирани 841 сообраќаен прекршок. Согласно актуелните статистички трендови по однос на сторените прекршоци и натаму најбројни се прекршоците на непрописно паркирање 270, потоа санкционирани се 214 возачи за возење со брзина поголема од дозволената, како и 82 мерки за возење без возачка дозвола, извести МВР.
„Вчера, покрај ова, изречени се пет мерки за возење под дејство на алкохол, шест санкции за минување на затворен сигнал, а прекршочни пријави заработиле и шестмина пешаци. Исто така по основ на неносење сигурносен појас изречени се 65 санкции, 28 мерки по основ на недозволено користење на мобилен телефон при возење, а санкционирани се и шестмина мотоциклисти заради неносење заштитна кацига. Согласно, пак, Законот за возила од сообраќај се исклучени 17 нерегистрирани возила како и осум технички неисправни возила“, соопшти МВР и додаде дека сообраќајните контроли продолжуваат и во наредните денови.
Македонија
„Фамилиите Заеви, Филипче, Мицкоски со заедничка среќна дестинација – бугарски фирми во Петрич“, велат од партијата Левица

„Фамилиите на Филипче, Заев и Мицкоски имаат свои приватни фирми во бугарскиот град Петрич. На ваков начин, коалицијата ДПМНЕ – СДСМ дополнително е споена од бугарскиот пазар и од тактиките за финансирање на партиите преку странски пари, што е кривично дело“, велат од партијата Левица.
„Баџанакот на Мицкоски, Јорданчо Јанев од Струмица, како еден од најблиските соработници на Мицкоски, е сопственик на фирма во Петрич преку која се вртат милиони евра. На адресата на фирмата на Јорданчо во Петрич е регистрирана уште една фирма, чиј сопственик е Дончо Карастоев, прв братучед на баџанакот на Мицкоски.
Венко Филипче има регистрирано фирма за недвижности во Петрич – Бугарија на ул. „Гоце Делчев” бр. 12. На истата адреса се водат и фирми на роднините на Заев, братот и братучедите Вице, Трајче и Бобан Заеви“, соопштуваат од партијата Левица.
„Бугарските газди, роднини на Мицкоски, се јавуваат и како донатори на ДПМНЕ, со илјадници евра уплатени на сметката на партијата и пренасочени на изборни сметки. Наспроти тоа, самопрогласениот патриот Мицкоски, се колнеше дека ќе ја спречи „бугаризацијата“ на Македонија.
Додека СДСМ и ДПМНЕ си делат тендери, функции, „амнестии“ и фирми во Бугарија, Обвинителството ги оправдува, УЈП и Антикорупциската комисија молчат, а парите од македонскиот народ завршуваат во џебовите на домашните предавници со странски интереси“, се додава во соопштението на партијата Левица.
Македонија
(Видео) Филипче во Брисел побара европските социјалдемократи да помогнат за проширувањето на ЕУ

Процесот на проширување на Европската Унија не е само механичко прилагодување на законите или административно исполнување на критериумите за пристапување, туку и процес од геополитичко значење. Ова го истакна претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, во своето обраќање на конференцијата „Започнување на Програмата на С&Д „Вили Брант“ за проширување на ЕУ“, која се одржа во Брисел.
Филипче, во својот говор, нагласи дека во период на динамични геополитички промени, повеќе од било кога е потребна социјалдемократијата како идеологија која нуди приоритет на трансатлантската солидарност, социјалната еднаквост и демографскиот интегритет.
„Никаде оваа визија не е повитална како на Балканот и во Северна Македонија, која претставува раскрсница на европските аспирации и современата геополитичка ранливост. Затоа, потребна е сеопфатна социјалдемократска агенда за процесот на проширување. Процесот на проширување не е само механичко прилагодување на законите или административно исполнување на критериумите за пристапување, тој е прашање на надворешно политичко и геополитичко значење“, рече Филипче.
Во својот говор, Филипче нагласи дека е неопходно ПЕС и групата СД во Европскиот парламент да преземат активна улога во процесот на проширување на Европската Унија. Според Филипче, социјалдемократските партии треба да предложат целосна и амбициозна агенда која ќе го забрза процесот на интеграција, обезбедувајќи демократска стабилност и напредок во регионот.Тој подвлече дека сеашниот застој за проширување не е само техничко или административно прашање, туку има многу пошироки и опасни последици по демократскиот развој на земјите кандидатки.
„Застојот само ги зајакнува авторитарните тенденции и ги зајакнува десничарските и екстремно десничарските политички сили во нивните земји, што оди на штета на демократскиот развој на овие земји. Сега е вистинско време социјалдемократите да го засилат процесот на проширување, во кој предолго беа заложници. Ако Европа и социјалдемократите не го пополнат постоечкиот вакум, тогаш тоа ќе го сторат антидемократските и антиевропските сили“, порача претседателот на СДСМ, Венко Филипче, додавајќи дека социјалдемократските партии треба активно да ја поддржат и убрзаат агендата за проширување на ЕУ, како и да се залагаат за политики кои ќе го зајакнат демократскиот развој во регионот.
Говорејќи за евроинтеграцискиот процес во Северна Македонија, Филипче истакна дека Владата не е подготвена да го продолжи процесот, што сериозно ја загрозува иднината на државата.
„Се соочуваме со Влада во Северна Македонија која не е подготвена да продолжи со уставните измени, неопходни за започнување на преговарачките поглавја со ЕУ. Македонската влада е пример за немање стратегија, особено во однос на прогресијата на евроинтеграциите. Северна Македонија е во бизарна ситуација на таканаречено самонаметнато вето, бидејќи Владата одбива да ги спроведе потребните уставни измени за да продолжи со пристапниот процес“, изјави Филипче.
Конференцијата „Започнување на Програмата на С&Д ,,Вили Брант” за проширување на ЕУ“, во Брисел, се одржа во организација на прогресивната Алијанса на социјалисти и демократи во Европскиот Парламент.