Економија
Жбогар: ЕУ досега во транспортниот сектор има инвестирано околу 250 милиони евра

Заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев, заедно со заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи, министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, и шефот на делегацијата на Европската Унија во Македонија, амбасадорот Самуел Жбогар, извршија увид на реконструираните железнички станици во Велес и во Чашка, како дел од кампањата „ЕУ за тебе“ со која се промовира поддршката од Европската Унија за подобрување на инфраструктурата во земјата.
Во рамките на соработката, реновирани се 10 железнички станици лоцирани на паневропскиот железнички коридор 10 и кракот 10-д, за што се наменети околу 2,5 милиони евра, од кои најголемиот дел, или околу 2,1 милиони евра, се средства од ИПА-програмата, а преку кои се врши подобрување на целокупниот квалитет на услугите за патниците и карго-превозот, зголемувајќи ги техничките стандарди и капацитети.
Вицепремиерот Анѓушев потенцираше дека поддршката на ЕУ кон Република Македонија значително придонесува за забрзана реализација на инфраструктурните проекти и притоа дополни дека инвестициите во обновата на железничките станици се само дел од поддршката што Македонија ја има од ЕУ.
„Со грант од ЕУ во висина од 2,1 милиони евра се реконструирани 10 железнички станици, додека дополнителни 2,5 милиони евра се наменети за реконструкција на железничката станица во Скопје. Сепак, тоа е помал дел од поддршката за изградба на железничката инфраструктура. Во тек е изградба на пруга со која Република Македонија се поврзува со Република Бугарија, каде што Европската Унија обезбеди грант од 70 милиони евра како дел од средства за изградбата на делницата Бељаковце – Крива Паланка и дополнителни 60 милиони евра неповратни средства за третата делница Крива-Паланка – граница со Република Бугарија. Вкупната вредност на целиот проект за изградба на пруга кон Бугарија е околу 500 милиони евра, а поддршката од ЕУ е навистина значајна“, нагласи Анѓушев
Вицепремиерот Османи оцени дека соработката со ЕУ, која резултирала со обновени 10 железнички станици на паневропскиот коридор 10, е на особено високо ниво. Тој истакна дека средствата од ЕУ се наменети правилно, за подобрување на инфраструктурниот крвоток и за унапредување на условите за живот на македонските граѓани.
„Поголемиот дел од овие средства, или околу два милиони евра, не се пари на нашите даночни обврзници, туку тоа се пари на даночните обврзници на земјите членки на Унијата, кои одлучиле, наместо да ги потрошат во своите држави, за реновирање на, на пример, нивните сопствени железнички станици, да ги насочат кај нас, за ние да ги реновираме нашите“ – истакна Османи на средбата потенцирајќи дека е тоа клучната идеја на Европската Унија, идеја во која се вградени вредности како што се еднаквост, рамноправност и заедништво.
Амбасадорот на ЕУ во Република Македонија, Самуел Жбогар, посочи дека инвестициите на Унијата не треба да се гледаат само низ призмата на изградена инфраструктура, туку дека тоа се инвестиции за граѓаните.
„Сакаме луѓето полесно да патуваат, лицата со хендикеп да имаат услови да патуваат со железница, патувањето да биде побезбедно и секако да се овозможи економски развој. Европска Унија досега во транспортниот сектор има инвестирано околу 250 милиони евра, а добра вест е дека може да се очекува поддршка и во иднина, особено во железницата, која се смета за брза и поеколошка транспортна опција“, подвлече ЕУ амбасадорот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Славески со ИФЦ: соработка за унапредување на дигиталните финансии и финансиската вклученост

Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, ја оствари својата прва средба со претставникот на Меѓународната финансиска корпорација (ИФЦ) во земјава, Висар Перани. На средбата се разговараше за можностите за соработка меѓу Народната банка и ИФЦ во повеќе области, вклучително и во рамките на проектот на ИФЦ насочен кон унапредување на дигиталните финансиски услуги и поттикнување на финансиската вклученост во регионот.
Проектот се спроведува во контекст на стратегиските определби на ИФЦ за создавање напреден и одржлив дигитален финансиски екосистем, заради поддршка на иновациите, градење капацитети кај давателите на финансиските услуги и за развој на конкурентна и сеопфатна околина.
Во текот на разговорот, беше истакната важната улога на Народната банка во дигиталната трансформација на финансискиот систем преку современа регулатива и активности што ја поттикнуваат иновацијата. Посебен акцент беше ставен на новата правна рамка во платежната сфера, којашто овозможи отворање на пазарот за нови даватели на услуги и поттикнување на финтек-иновациите.
Гувернерот Славески ја нагласи подготвеноста на Народната банка за унапредување на соработката со ИФЦ, особено во делот на поддршката за давателите на платежните услуги во натамошната интеграција со платните системи на Европската Унија, по членството во СЕПА, како и во развојот на инстант плаќањата и подготовката на новата среднорочна стратегија за развој на платниот систем.
Претставниците на ИФЦ го нагласија значењето на усогласувањето на регулативните рамки со меѓународните стандарди и поттикнувањето партнерства помеѓу банките, финтек-фирмите и приватниот сектор.
Средбата претставува важен чекор кон унапредувањето на партнерските односи меѓу Народната банка и ИФЦ, заради зајакнување на финансискиот екосистем и промовирање на финансиската вклученост, велат од НБРМ.
Економија
Дурмиши за новата потрошувачка кошничка: ќе служи за градење политики поврзани со минималната плата и ќе се усогласи со европските стандарди

На четвртата седница на Економско-социјалниот совет, министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши ја истакна важноста од повторното активирање на трипартитниот дијалог меѓу Владата, синдикатите и работодавачите, кој претставува суштински механизам за социјална кохезија и економски напредок. Тој ги поздрави новите претставници на Конфедерацијата на слободни синдикати, со што, како што рече, се враќа легитимитетот на Советот.
Министерот информираше дека е успешно завршена постапката за утврдување на репрезентативноста на синдикатите – прашање што подолг период го блокираше нормалното функционирање на ЕСС. Воедно, се предложени измени на Законот за работни односи, со кои прагот за репрезентативност се намалува од 10 на 5 проценти, со цел да се поттикне поинклузивен и плуралистички социјален дијалог.
Дурмиши го претстави и процесот за изработка на нова, официјална методологија за пресметка на потрошувачката кошничка, заснована на проверливи и релевантни податоци од Анкетата за потрошувачка на домаќинства, спроведена од Државниот завод за статистика. Новата кошничка ќе служи како основа за градење политики поврзани со минималната плата и социјалните трансфери и ќе биде усогласена со европските стандарди.
Економија
Трипуновски: Откупните цени за пиперката се зголемени – прва класа ќе се откупува по 45 денари за килограм

Откупните цени за пиперката се зголемени – прва класа ќе се откупува по 45 денари за килограм, изјави министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски.
„На состанокот се договорија откупните цени по класи за пиперката. За прва класа откупната цена на пиперката изнесува 45 денари, за прва-втора класа е 35 денари, за втора класа откупната цена изнесува 20 денари, а за трета класа откупната цена ќе биде 15 денари”, појасни министерот.
Тој посочи дека тоа се почетните цени со кои што ќе започне откупот на пиперката за реколтата 2025 година.
„Пиперката во Македонија се одгледува во два региони – струмичкиот и прилепскиот регион. Бербата треба да биде во договорен период за да не се соочиме со зголемена количина на берба на пиперка во текот на денот и да имаме застој во откупот”, додаде министерот Трипуновски.
Министерот истакна дека оваа година откупните цени за пиперката се зголемени во однос на минатата година.
„Текот на откупот ќе го следиме преку Државниот инспекторат за земјоделство. Како Министерство стоиме на располагање, а трендот на зголемување на земјоделското производство треба да продолжи и понатаму”, посочи тој.