Македонија
Започна со работа првата канцеларија за превенција во Стајковци

Градоначалникот на општина Гази Баба, Борис Георгиевски заедно со министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски го означија почетокот со работа на првата канцеларија за превенција на Советот за превенција во општина Гази Баба, во Стајковци. Во оваа канцеларија граѓаните ќе можат да ги пријават сите повреди на слободата и правата, а преку директната комуникација со нив ќе се работи на поголема превенција.
„Сакам да најавам дека покрај оваа, канцеларија за превенција ќе биде отворена и во населеното место Сингелиќ, од причина што во изминатиот период беше увидено дека постојат неколку нарушувања на јавниот ред и мир. Со овие канцеларии кои ги отвораме сакаме да работиме на поголема превенција, а со тоа и на подобрување на безбедноста“, истакна градоначалникот Георгиевски.
Преку проектот МВР за граѓаните полицијата се доближува до секој граѓанин, сакајќи да ја врати довербата на граѓаните во полицијата. „Најважно нешто во безбедноста е превенцијата. Превенцијата која ќе допринесе да јакне свеста кај граѓаните за тоа дека треба да бидеме партнери со македонската полиција. Сакам да изразам благодарност до општината и градоначалникот Борис Георгиевски што овозможи да се отвори оваа канцеларија. Ова ќе биде катче во кое граѓаните ќе може да доаѓаат и да се информираат, да даваат предлози и идеи како заедно со полицијата да ги заштитиме нашите домови, нашите населби, нашиот град, нашата Република Македонија и да покажеме дека заедно можеме многу повеќе“, истакна министерот за внатрешни работи Спасовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Во недела посебен сообраќаен режим во Скопје

СВР Скопје известува дека 13.04.2025 (недела) со почеток во 10.00 часот, поради одржување на улична трка, Единицата за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќајот.
Трасата на движење ќе започне од бул.„Илинден“ пред фонтана Лотус (старт и цел) право долж бул.„Илинден“ до крстосница со бул.„8-ми Септември“ каде се врти полукружно назад по бул.„Илинден“ до целта фонтана Лотус, при што сообраќајот ќе се пренасочува по околните сообраќајници.
СВР Скопје апелира до сите граѓани учесници во сообраќајот да ги почитуваат наредбите што ќе ги даваат полициските службеници.
Македонија
Герасимовски: Преку едукативни и практични активности ја зголемуваме свеста кај учениците за безбедно учество во сообраќајот

Денеска, на отвореното спортско игралиште во ООУ „Димитар Миладинов“, се реализираше проектот „И ние децата сме учесници во сообраќајот“, организиран од Општина Центар. Проектот има за цел преку едукативни и практични активности да ја зголеми свеста кај учениците за безбедно учество во сообраќајот.
Во настанот учествуваа вработени од општината, наставници по техничко и физичко образование, како и 24 ученици од 8 основни училишта на територија на општината. Учениците покажаа одлични вештини во возење велосипед на посебно подготвен полигон, поставен од наставниците по техничко образование.
Градоначалникот Горан Герасимовски потенцираше дека општината е посветена на создавање побезбедна средина за децата.
„Преку вакви проекти не само што учиме, туку исто така и градиме одговорни млади учесници во сообраќајот. Настанот беше одличен пример како преку едукација и игра може да се влијае врз свеста за сообраќајната култура кај најмладите”, рече Герасимовски.
Герасимовски ги награди најдобрите учесници со дипломи и вредносни ваучери од Мега спорт во висина од 12.000 денари за прво, 9.000 илјади денари второ и 6.000 денари за трето место. Прво место освои ученикот Димитар Арсиќ од ООУ „Гоце Делчев“, второ место Дамјан Чивчиристовски од ООУ „Киро Глигоров“ и трето место Томи Тодоровски од ООУ „Киро Глигоров“.
„Општина Центар и во иднина ќе продолжи со организирање вакви и слични настани со цел подобрување на безбедноста и едукацијата на младите во сообраќајот”, додаде Герасимовски.
Македонија
Јаневска: Зајакнување на позицијата на жената во секој сегмент на општественото дејствување

Силно зајакнување на позицијата на жената во секој сегмент на општественото дејствување, како основа за просперитет и одржливост, е програмски фокус на оваа Влада. Во рамки на реформите на образованието, со цел да одговори на барањата на пазарот на труд, посебно внимание посветуваме на зголемување на пристапот на девојчињата кон стручните знаења и вештини, затоа што, не само што по завршувањето на средното образование нудат сигурна работа, туку и го олеснуваат нивниот упис на СТЕМ, ИКТ и техничките студиски програми.
Ова го нагласи министерката за образование и наука Весна Јаневска на економскиот форум „Зајакнување на работоспособните жени: Стратегии за отклучување на потенцијалот и зголемување на продуктивноста“, во организација на Finance Think – Институт за економски истражувања и политики, Скопје.
Јаневска рече дека бројот на девојчиња во средно стручно образование од година во година расте, и оваа учебна година споредено со 2021/22 запишани се околу 1.000 повеќе, односно во средните стручни училишта има 20.150 ученички.
„На овој план, сакам да нагласам дека го зајакнуваме кариерното советување во училиштата, како процес кој покрај придонесот кон градење поквалитетен кадар, ни овозможува да делуваме на разбирање на можностите, рушење на стереотипите и градење самодоверба кај девојчињата, со цел тие да ги препознаат своите таленти, способности и потенцијали. Градиме кариерно советување како алатка која ќе им помогне на девојчињата да изберат професии кои ќе значат нивна реализација, што, од друга страна, носи позитивни промени во општеството. За оваа цел, во Законот за основно образование предвидовме училиштата да реализираат програма за професионална ориентација на учениците, а во средните училишта ќе има кариерни советници. Европската тренинг фондација ќе ни помогне во нивната обука за стекнување соодветни компетенции“, појасни министерката.
Во основното образование, стратегија е во што поголем број училишта да се воведе едносменска настава и продолжен престој на ученици и на наставници во училиштата, како суштински предуслов за поквалитетно образование.
„Ако учениците поминуваат повеќе часови на училиште, време што нема да биде исполнето само со класично учење туку и со воннаставни активности кои значат стекнување нови знаења и вештини, тоа значи дека учениците добиваат повеќе време да се посветат на своите интереси и личниот развој. Дополнително, едносменската настава придонесува за создавање еднакви можности за сите ученици, овозможувајќи подеднаква достапност до образовните ресурси и активности“, укажа министерката Јаневска.
Информираше дека во моментов 150 училишта имаат едносменска настава, а за целосна оптимизација на училишната мрежа и воведување работа во една смена во сите училишта, согласно направената анализа на МОН и Светска банка потребно е да се доградат 300 училници и 70 санитарни јазли, што е инвестиција од околу 8 милиони евра.
Концептот на подолг престој на учениците во училиште има повратно позитивно влијание и врз градењето околина која е поттикнувачка за жените да добијат повеќе време за професионален напредок, без да ја жртвуваат улогата на родител. Јаневска рече дека во основа на посветеноста кон намалување на бариерите што ги кочат жените, е идејата дека отклучувајќи го потенцијалот на жените, всушност го отклучуваме потенцијалот на целото наше општество, што води кон заеднички просперитет.