Македонија
Објавен јавен повик за избор на стручни лица во Фондот за иновации и технолошки развој

Фонд за иновации и технолошки развој објави јавен повик за избор на стручни лица за оценување предлог-проекти во рамки на Столб 3 од Планот за економски раст на Влада на Република Македонија.
„Вклучувањето на стручните лица во оценувањето на пристигнатите предлог-проекти е со цел обезбедување транспарентност и стручност во самиот процес на евалуација и претставува новина во однос на работењето на службите на јавната администрација.
Стручните лица ќе бидат ангажирани на професионална основа, со точно одредени услови, рокови за исполнување на зададените задолженија, како и право на финансиска надомест преку потпишување договор за соработка со Фондот“, се вели во соопштението.
Избраните стручни лица ќе оценуваат предлог-проекти од новоосновани компании (старт-ап), микро, мали и средни претпријатија, во согласност со правилниците за сите инструменти за финансиска поддршка што ги спроведува оваа институција, а нивните имиња ќе бидат внесени во Регистар на стручни лица и ќе бидат јавно достапни на интернет страницата на ова владино тело.
Заинтерерисраните кандидати можат да аплицираат за една или повеќе од наведените 20 различни области, како што се: автомобилска индустрија, биохемија, ветерина, градежништво, енергетика и енергенси, информациски технологии итн. Меѓудругото апликантите треба да поседуваат најмалку седум години работно искуство во областа, да имаат завршено високо образование и добро да го владеат англискиот јазик. Рокот за аплицирање на јавниот повик за избор на стручни лица трае до 2 јуни, до 23:59 часот.
Повеќе детали во врска со јавниот повик за избор на стручни лица од страна на Фонд за иновации и технолошки развој ќе најдете на интернет страницата: www.fitr.mk.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Обвинителството бара да се продолжи притворот на осомничените за пожарот во Кочани

Основното јавно обвинителство Кочани побара од Судот да се продолжи притворот за сите осомничени во истрагата за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани што се случи на 16 март, а во кој загинаа 61 лице, а повеќе од 100 се повредени. За тројца од осомничените, Обвинителството бара мерката притвор да се замени со куќен притвор.
„Во текот на денешниот ден до Основниот суд Кочани достави предлози за продолжување на мерките за обезбедување – притвор и куќен притвор за сите осомничени во истрагата за пожарот во кочанската дискотека. Само за тројца осомничени, согласно фазата на обезбедување докази и исполнетоста на законските основи се предлага замена за мерката притвор во куќен притвор. Тоа се двајца осомничени од Државниот пазарен инспекторат и еден припадник на обезбедувањето на дискотеката“, соопштија од Обвинителството.
Од таму додаваат дека продолжуваат истражните дејствија во повеќе правци и во неколку институции со цел испитување на евентуална одговорност, за што јавноста ќе биде известена веднаш по донесувањето на соодветна јавнообвинителска одлука.
Македонија
Во недела посебен сообраќаен режим во Скопје

СВР Скопје известува дека 13.04.2025 (недела) со почеток во 10.00 часот, поради одржување на улична трка, Единицата за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќајот.
Трасата на движење ќе започне од бул.„Илинден“ пред фонтана Лотус (старт и цел) право долж бул.„Илинден“ до крстосница со бул.„8-ми Септември“ каде се врти полукружно назад по бул.„Илинден“ до целта фонтана Лотус, при што сообраќајот ќе се пренасочува по околните сообраќајници.
СВР Скопје апелира до сите граѓани учесници во сообраќајот да ги почитуваат наредбите што ќе ги даваат полициските службеници.
Македонија
Герасимовски: Преку едукативни и практични активности ја зголемуваме свеста кај учениците за безбедно учество во сообраќајот

Денеска, на отвореното спортско игралиште во ООУ „Димитар Миладинов“, се реализираше проектот „И ние децата сме учесници во сообраќајот“, организиран од Општина Центар. Проектот има за цел преку едукативни и практични активности да ја зголеми свеста кај учениците за безбедно учество во сообраќајот.
Во настанот учествуваа вработени од општината, наставници по техничко и физичко образование, како и 24 ученици од 8 основни училишта на територија на општината. Учениците покажаа одлични вештини во возење велосипед на посебно подготвен полигон, поставен од наставниците по техничко образование.
Градоначалникот Горан Герасимовски потенцираше дека општината е посветена на создавање побезбедна средина за децата.
„Преку вакви проекти не само што учиме, туку исто така и градиме одговорни млади учесници во сообраќајот. Настанот беше одличен пример како преку едукација и игра може да се влијае врз свеста за сообраќајната култура кај најмладите”, рече Герасимовски.
Герасимовски ги награди најдобрите учесници со дипломи и вредносни ваучери од Мега спорт во висина од 12.000 денари за прво, 9.000 илјади денари второ и 6.000 денари за трето место. Прво место освои ученикот Димитар Арсиќ од ООУ „Гоце Делчев“, второ место Дамјан Чивчиристовски од ООУ „Киро Глигоров“ и трето место Томи Тодоровски од ООУ „Киро Глигоров“.
„Општина Центар и во иднина ќе продолжи со организирање вакви и слични настани со цел подобрување на безбедноста и едукацијата на младите во сообраќајот”, додаде Герасимовски.