Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Правната држава не функционира
Помеѓу можноста криминалниот картел неказниво да краде и владеењето на правната држава, СДСМ одбра грабеж, тврди ВМРО-ДПМНЕ.
Според нив помеѓу силни и независни институции кои ќе го осудат криминалот на Зоран Заев и европските критики за енормната корупција во општеството, СДСМ го одбра принципот „едно евро за Вицето“.
„Правната држава не функционира. Македонија се оддалечува од Европските вредности. Се помала е веројатноста за датум за преговори во јуни, а земји како Франција, Холандија и Данска индиректно се обвинуваат дека се непријатели кои злонамерно пишувале лажни извештаи. Колку повеќе Македонија тоне, толку повеќе СДСМ го зајакнува политичкиот прогон на граѓаните, врши притисок врз судството за што експедитивно да ги спроведува политички монтираните процеси. Како што државата се презадолжува, како што се засилува пропаста во економијата, така се повеќе ќе се урнисуваат Уставот и законите. Правната држава пропаѓа со срамните одлуки на судовите, а се повеќе невини граѓани ќе бидат казнувани со затвор само за да се испратат пораки на заплашување кон политичките неистомисленици.Секогаш кога народот ќе помисли дека Владата на Заев го допрела дното, веднаш добиваме демант, соопштуваат од опозциската партија.
Тие сметаат дека последниот нон пејпер кој што доаѓа од ЕУ само потврдува дека поради Заев и неговата катастрофална политика Македонија се појасно ги губи европските перспективи.
„ И Евопската Унија ја виде неспособноста на оваа власт на СДСМ и Заев. Токму во овој нон пејпер е нотирано дека реформи нема, дека напредок нема, дека економија тоне, криминал и рекет има на секој ќош, корупцијата цвета и има неформален брак помеѓу власта и нереформиораното судство каде власта на Заев ги пишува, а судот ги објавува политичките пресуди.
И Европа го гледа тоа што народот веќе го виде. Нема ни 500 евра просечна плата, нема ни 100 илјади денари плата на лекарите, нема ни 500 километри нови автопати, нема нови работни места, нема подобро здравство, образование и земјоделство. Се стагнира или пропаѓа. Единствено што цвета во државата се само криминалот и бизнисите на картелот на власт. Тоа мора да престане што поскоро“, пишува во соопштението.
Со овие аргменти на 2 јуни ВМРО-ДПМНЕ најавува дека ќе застане на чело на сенародниот протест на кој сите оние кои и мислат добро на државата и се противат на оваа ненародна власт ќе излезат и јавно и јасно ќе кажат дека Заев и СДСМ за доброто на Република Македонија мора да заминат во историјата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Движењето ЗНАМ е за укинување на Пржинската влада и воведување една изборна единица
На денешната лидерска средба, одржана на иницијатива на претседателот на Владата, Движењето ЗНАМ – За наша Македонија беше претставено од генералниот секретар на партијата и министер за јавна администрација Горан Минчев, како и од координаторот на пратеничката група на ЗНАМ, Бобан Карапејовски.
Движењето ЗНАМ ја поздравува иницијативата за одржување лидерска средба како одговорен и државнички чекор, насочен кон стабилност, дијалог и политичка зрелост во период кога пред државата стојат клучни одлуки од стратешко значење.
Во однос на Законот за Влада и постоењето на техничката, односно таканаречената Пржинска влада, ставот на Движењето ЗНАМ е јасен – таа треба да биде укината.
„Таканаречената Пржинска влада беше воведена како привремено решение и со јасна задача. Денес таа е анахрона и претставува кочница за функционирањето на институциите. Македонија има капацитет самостојно да организира кредибилни избори и затоа ова решение мора да биде укинато“, изјави Бобан Карапејовски, координатор на пратеничката група на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија.
По однос на Изборниот законик, Движењето ЗНАМ се залага за суштинска и праведна реформа со воведување една изборна единица, која ќе обезбеди еднаква вредност на гласот на секој граѓанин и пофер политичка застапеност. Истовремено, ЗНАМ инсистира на јасно и транспарентно уредување на финансирањето на политичките партии.
Во делот на реформските закони од областа на правосудството, како и останатите закони од реформската агенда, Движењето ЗНАМ дава силна и недвосмислена поддршка, со јасен повик за политички консензус околу овие прашања, како предуслов за владеење на правото и европската иднина на државата.
Во однос на изборот на Народен правобранител, ставот на ЗНАМ е дека оваа функција мора да ја извршува лице со висок професионален и морален интегритет, кое ќе биде вистински и независен заштитник на правата на граѓаните.
Дополнително, Движењето ЗНАМ се залага за побрзо донесување на Законот за прекршоци, со што ќе се зајакне правната сигурност и безбедноста на граѓаните.
„Лидерската средба ја гледаме како можност сите релевантни политички фактори да покажат зрелост и одговорност. Потребни ни се храбри, но државнички одлуки, изборни и правосудни реформи и јасен консензус околу европската иднина на Македонија. Интересот на државата и граѓаните мора да биде над сè“, посочи Карапејовски.
Македонија
Костадинов: Одлучив да го одмрзнам моето членство во СДСМ
„По доволно поминато време и по донесена лична одлука, одлучив да го одмрзнам моето членство во СДСМ“, извести преку социјалните мрежи, Костадин Костадинов, поранешен градоначалник на Струмица.
„Сакам јасно да нагласам дека останувам зад сите мои претходни ставови и позиции по однос на бројни прашања од јавен интерес и дека овој чекор не значи нивно менување или повлекување.
Во овој момент не најавувам никаква форма на активен ангажман, туку стојам на располагање, со почит кон партијата, нејзините вредности и секој член поединечно.
Единството бара подавање рака, држење до принципи и искрени разговори во имe на секој еден социјалдемократ“, додаде тој.
Македонија
Средба на министерот Сали со грчката амбасадорка Филипиду: нагласена важноста од одржување на позитивниот моментум во политиката на проширување на ЕУ
Министерот за европски прашања, Беким Сали, денес оствари средба со Амбасадорката на Република Грција во Република Северна Македонија, Софија Филипиду.
На средбата се разговараше за приоритетите на министерот Сали во процесот на европска интеграција, вклучително и забрзување на реформите поврзани со ЕУ и зајакнување на улогата на Министерството за европски прашања како главно координативно тело за пристапниот процес, како и за операционализација на националните структури за преговори и за Реформската агенда и Реформско-растечкиот механизам.
Министерот Сали ја нагласи важноста од одржување на позитивниот моментум во политиката на проширување на ЕУ и потребата од конкретни резултати во спроведувањето на Реформската агенда, како и финализирање на клучните плански документи и патокази во областа на владеењето на правото и реформата на јавната администрација.

Разговорот беше посветен и на билатералната соработка меѓу двете земји, со посебен акцент на можноста за реактивирање на активностите во рамки на Меморандумот за забрзување на процесот на интеграција на Република Северна Македонија во ЕУ (потпишан во април 2019 година), преку размена на искуства, експертиза и знаења за имплементација на политиките на ЕУ.
Министерот Сали и амбасадорката Филипиду ја оценија како исклучително важна соработката во рамки на INTERREG IPA Програмата за прекугранична соработка Северна Македонија – Грција, истакнувајќи ги проектите кои придонесуваат за подобрување на јавната инфраструктура, заштита на животната средина, развој на образованието и иновациите, како и зајакнување на локалното и регионалното управување во прекуграничните области.
Во контекст на пристапниот процес кон ЕУ, министерот Сали ја реафирмираше определбата на Владата за продолжување со реформите и за целосно усогласување со Заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, како силен сигнал за стратешката европска ориентација на државата.

На крајот од средбата, двете страни ја потврдија подготвеноста за продолжување на редовната координација и конкретната соработка, во насока на унапредување на европската агенда и зајакнување на добрососедските односи.

