Македонија
Единствена Македонија бара од премиерот да ги прекине средбите со грчкиот премиер

Единствена Македонија бара од премиерот да ги прекине средбите со грчкиот премиер и да не преговара за името и идентитетот.
„ Ние сме наполно свесни дека Зоран Заев е во очајнички обид за распродажба на се што е македонско, меѓутоа, сепак, од човечки аспект сакаме најдобронамерно да му сугерираме на Заев да престане да се бламира, прво, како човек, и второ, да ја бламира државата на отворена сцена и веднаш да ги прекине средбите со грчкот премиер за името и идентитетот на македонскиот народ. Ова од причина што Заев не е никаков фактор на преговарачката маса, а Грците цело време го вртат „Као киша око Крагујевца„ свесни за фактот дека умствениот капацитет на Заев не може да ја разбере простата вистина дека Македонија ниту ќе стане членка на НАТО во јули, ниту ќе му се дозволи на Заев промена на името“, соопштува Единствена Македонија.
Од партијата потенцираат дека во неколку наврати го реафиримираше во јавноста повикот до народот да остане спокоен, бидејќи Македонија ниту ќе стане членка на НАТО ниту ќе го промени името, со што, оваа стратешка цел на Единствена Македонија која ја дефиниравме во јануари годинава и на која ги фокусиравме досегашните наши видливи и помалку видливи активности, е целосно остварена, меѓутоа според нив Заев се уште не може да го разбере ова и продолжува да се бламира самиот како човек и државата.
„ Како и да е, марионетската власт на Заев во Скопје е најмалку битна во целата игра. Најбитно за македонскиот народ и поголем дел од граѓаните на Република Макеоднија е тоа што процесите кои ги започна Единствена Македонија, храбро, решително и во интерес на народот за стратешки сојуз со Русија и членство во Евроазиската унија, се навестуваат“, соопштува партијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Без дозвола реконструиран, со употреба на несоодветни материјали: дискотеката во Кочани не ги исполнувала ниту минималните услови за угостителска дејност

Вчера се приведени 13 лица инволвирани во трагедијата во Кочани, потсети денеска на прес-конференција јавниот обвинител Љупчо Коцевски.
Тој извести и дека денеска до Основниот суд во Кочани е поднесено обвинение против 34 физички и три правни лица за кривични дела поврзани со пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
„Денеска до Основен суд во Кочани се поднесува обвинителен акт против 34 физички и три правни лица за кривични дела со кои предизвикале значителна опасност за животот и телото на луѓето и за имотот од поголеми размери, на место на кое се собрале поголем број на луѓе, односно за пожарот при настапот на музичката група ДНК на 16 март, каде што животот го загубија 62 лица, 157 се здобиле со тешки повреди и 54 лица со повреди“, изјави Коцевски.
За полицајците се бараат мерки за обезбедување на присуство, бидејќи при акциската контрола дозволиле употреба на пиротехника.
Јавниот обвинител предложи спрема осомничените да се определат соодветни мерки за забрана за напуштање на живеалиштето и да се јавуваат кај институциите за спроведување на законот, одземање на патните исправи и слично.
Обвинетите делото го сториле со свесно постапување рече обвинителот, и дејствувале спротивно на прописите за заштита.
Палењето на пиротехниката не било пријавено во полицијата.
Тој рече дека тие се гонат за тешки дела против општата сигурност.
Во деталите за случајот Коцевски кажа дека објектот не ги исполнувал ниту минималните услови за угостителска дејност.
За објектот, меѓу другото, немало основен проект за реконструкција со пренамена со соодветна статика и сеизмика, електротехнички и термички елаборати како и елаборат за заштита од пожари.
Не донеле и изработиле план за заштита и спасување.
Наспроти ова, првообвинетиот, сопственикот на објектот, преземал градежни дејствија и реконструиал и вградувал несоодветни материјали кои носата ризик од предизвикување на пожар, објасни Коцевски.
Во објектот не бил испочитуван ниту еден пропис во однос на квалитетот на вградените материјали, носивоста и стабилноста на конструктивните материјали, излезот, и влезот, паркингот, средства за ганење на пожари.
Обвинет е и братот на сопственикот на објектот кој продавал влезници, за поголем број на посетители од дозволеното и дозволувал влез на лица помлади од 18 години иако бил свесен за незаконските дејствија, појасни Коцевски како дел од деталите.
Тој потенцира дека во дискотеката никогаш не бил спроведен инспекциски надзор.
Оцени дека секоја од алките во случајот со трагедијата во Кочани имала моќ да го спречи трагичниот настан но никој не го сторил тоа.
Македонија
Се одложи судењето за убиството на бездомното куче Феликс, активистите в недела излегуваат на протест

Се одложи судското рочиште за свирепото убиство на бездомното куче Феликс. Поради тоа, актвистите за заштита на правата на животните повикаа на мирен протестен марш, што ќе се одржи на 15 јуни (недела), со почеток во 12:00 часот, пред Министерството за внатрешни работи.
„Судот немаше друг избор, почитувајќи го начелото на правичност, освен да ја одложи главната расправа поради наводни здравствени причини на бранителот на обвинетиот, токму во момент кога требаше да се произнесе одбраната. Случајност или сепак не?“, велат од граѓанската иницијатива ЗЕЛЕН ХУМАН ГРАД, кое е организаторт на протестот.
„Вчера требаше да сведочи Злате Димески — предложен од одбраната и присутен на самото место на убиството. Злате Димески го донесе стапот со кој беше убиен Феликс и на видеоснимките се гледа како немо набљудува со рацете зад грб додека Феликс беше немилосрдно претепуван и за жал подоцна им подлегна на повредите“, се наведува во соопштението.
Давањето можност убиецот да го брани лице кое со право може да се смета за соучесник — нем набљудувач кој не само што во ниту еден момент не се обиде да го спречи насилството врз недолжно животно туку и е истиот тој што го обезбеди оружјето за извршување на убиството, според Зелен хуман град, претставува дополнителна неправда и болно извртување на правото на фер судење.
„До кога ќе ја чекаме правдата за Феликс, имајќи ги предвид сите одложувања, годишни одмори, судска ферија? Ќе ја добиеме ли воопшто?“, прашуваат од Здружението.
На протестот ќе побараат итно расчистување на случајот и максимална затворска казна за сторителот Љубе Крстевски како и за неговиот соучесник Бранко Билбиловски, воведување минимум од 1 година задолжителна затворска казна за кривичното дело убиство и мачење животни од Кривичниот законик, формирање локални (општински служби за заштита на животните), донесување закон за Комунална полиција (со полиција за животни), превентивни мерки за редуцирање на насилството врз животните и системска едукација.
Македонија
(Видео) МВР предаде обемна документација за истрагата за Кочани и никој не е поштеден, вели Петрушевски

Пукна балонот на лаги и манипулации на СДС во врска со истрагата за несреќата во Кочани. Сите може да видат дека институциите постапуваат професионално и неселективно, изјави Бране Петрушевски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
„Потенцираме дека МВР и институциите на системот ги доставиле сите потребни докази и информации за несреќата во Кочани до јавното обвинителство уште пред еден месец. Сите преземени акции од ЈО до сега, сега и од сега, се исклучиво врз основа на доказите кои ги обезбедиле МВР. МВР предаде обемна документација во ЈО, и никој не е поштеден“, рече тој.
Петрушевски вели дека задача на јавното обвинителство е сега врз основа на обемната документација за случајот која им е предадена да ја лоцираат вината и да подигнат обвиненија за секој еден за кој сметаат дека според правната логика е на било кој начин виновен за пожарот и смртта на децата во Кочани.
„Ниту еден полицаец, функционер, или кој и да е граѓанин кој имал допирна точка со предметот не е изоставен и се е опфатено во документацијата“, рече тој.
Колку е сериозен обемот на документацијата, вели Петрушевски, покажува и фактот дека во овој случај се опфатени над 60 лица, од министри, преку МВР, институциите, бизнисмени, градоначалници, секој еден кој можел да има вина.
„А сега да прашаме, колку лица беа опфатени во истрагата за Модуларната болница? Нула. Колку беа во Беса транс и Ласкарци? Нула. Е сега тоа е разликата од МВР сега и од МВР кога СДС беше на власт. Одговорност има за секој, без разлика кој е и од каде е“, рече Петрушевски.