Македонија
Бочварски: Граѓанските организации се важен чекор за демократијата

Денеска градоначалникот на општина Штип, Благој Бочварски, присуствуаше на отворање на ресурсен центар за граѓански организации, на кое што имаше и свое поздравно обраќање.
„На отворањето и функционирањето на овој центар гледам како на особено позитивна вест за граѓаните од нашиот град, па и од нашиот регион, затоа што очекувам овој центар да обезбеди позитивна клима за развивање граѓански активизам. Имено, очекувам овој центар да обезбеди услови за да се зајакнат капацитетите и информирањето на граѓанските активисти и нивните организации, а заедно да понудиме платформа за соработка на граѓанскиот сектор со институциите“, рече Бочварски.
Додаде дека граѓанските организации се важен фактор во градењето и одржувањето на демократијата во општественото живеење и Општина Штип тоа го препознава и поддржува во рамките на своите надлежности.
„Зајакнувањето на капацитетите на граѓанските организации значи унапредување на јавните политики, подобрување на јавните услуги, промовирање добро владеење, што придонесува кон значително подобрување на животниот стандард. Овој начин на работа допира до различни сегменти од општественото живеење, што на долг рок создава силно, самоодржливо и активно граѓанско општество. А од тоа имаме корист сите“, истакна градоначалникот Бочварски во своето обраќање.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Мицкоски: Имаме 828 потпишани проекти, без разлика градоначалникот од која партија доаѓа

На денешната седница за пратенички прашања во Собранието, пратеничката Драгана Бојковска му постави прашање на претседателот на Владата, Христијан Мицкоски за капиталните инвестиции кои се однесуваат на општините од вториот повик од унгарскиот кредит, кои се проектите, какви се проектите и каков бенефит за граѓаните тие ќе носат.
„Ова за прв пат се случува во Македонија, ваков тип на инвестиција која што од Владата директно ќе биде наменета за општините. Во минатото сме сведоци на многу проекти од Владата кои што биле со одреден фокус и имале поинаква оптика и ова е сосема различен пристап. Јас сум многу задоволен бидејќи нема поубаво чувство кога ќе се организира настан и ќе се соберат градоначалниците од сите општини, од сите политички партии кои што имаат свои градоначалник, но и независни и кои што во мое присуство ќе потпишат договори за реализација на ваков тип на проекти. Овој проект преставува модел како треба државата да функционира, кога имаме заеднички интерес. Во случајот тој заеднички интерес се проектите во општините. И сите тие без да постои било каква замерка, дојдоа и потпишаа договори во една апсолутна хармонија, и тоа е примерот како треба да функционира. Од една страна е добро за граѓаните, кои не се тие кои треба да ја платат сметката поради политичките разлики кои ги имаат политичарите“, истакна премиерот Мицкоски.
Премиерот потенцираше дека имаме 1.200 градилишта, активни и идни, во државата и дека истото е добро за бизнисот, градежни компании градат булевари, спортски сали, паркови, училишта, градинки и други капитални инвестиции. Тој додаде дека до сега над 20 милијарди денари е вкупниот обем на инвестициите и процесот е целосно транспарентен.
„И самото тоа што никој не негира и негодува, туку напротив се заблагодаруваат и опозицијата и тоа е добро. Еве да речеме градоначалникот на една општина во југоисточна Македонија, излезе и јавно се заблагодари исто така и други градоначалници кои што се од опозицијата излегоа и се заблагодарија и овој пример треба да се следи. Тоа е добро затоа што од истата таа опозиција слушавме дека станувало збор за апсолутистичка власт, јас сум бил деспот, сум имал елементи на деспотско однесување, а од друга страна се заблагодаруваат на Владата што финансира и поддржува општини кои што не се само дел од власта, туку и од опозицијата“, објасни Мицкоски.
Македонија
Сиљановска-Давкова свика втора седница на Советот за безбедност

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ја свика втората седница на Советот за безбедност што ќе се одржи утре, 1 август 2025 година, петок, со почеток во 12 часот.
Членови на Советот за безбедност по функција се: Африм Гаши, претседател на Собранието; Христијан Мицкоски, претседател на Владата; Панче Тошковски, министер за внатрешни работи; Владо Мисајловски, министер за одбрана; Тимчо Муцунски, министер за надворешни работи и надворешна трговија и тројцата членови, именувани од претседателката: Џевдет Хајредини, Малинка Ристевска-Јорданова и Владо Спиридонов.
На втората седница на Советот за безбедност, на покана на претседателката Сиљановска-Давкова ќе присуствуваат и директорот на Агенцијата за национална безбедност, Бојан Христовски; директорката на Агенцијата за разузнавање, Габриела Јаковлева и директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов.
Македонија
Фатон Селами предложен за нов Народен правобранител од владеачката коалиција

Пратениците од владеачката коалиција во Комисијата за избори и именувања го избраа 40-годишниот Фатон Селами за предлог кандидат за нов Народен правобранител.
Селами во моментот е општински советник во Тетово од партијата Алтернатива, која е дел од коалицијата Вреди, а предложен е од координаторот на пратеничката група Беким Ќоку. Опозициските пратеници од Европскиот Фронт го оспорија изборот.
За избор на Народен правобранител потребни се најмалку 61 глас и најмалку 20 гласови од пратениците од помалите етнички заедници.
Селами има десетгодишно искуство во канцеларијата на Народниот правобранител, магистратура, и минато како државен секретар во Министерството за правда. Исто така, има положено правосуден и нотарски испит и има авторски трудови за човекови права.