Македонија
Централниот одбор на СДСМ му даде поддршка на Заев да носи одлуки за името

Централниот одбор на СДСМ на синоќешната седница му даде целосна поддршка на претседателот Заев да ги продолжи разговорите и да носи одлуки во врска со спорот за името, соопшти партијата. На седницата станало збор за актуелната политичка состојба во земјава, за разговорите околу проблемот што Грција го има со нашето уставно име, спроведувањето на реформите и мерките од програмата коишто обезбедуваат подобар живот за граѓаните, а стана збор и за внатрепартиските активности, како и за одредени кадровски прашања.
Во своето обраќање пред членовите на ЦО претседателот Заев истакнал дека Македонија никогаш не била поблиску до изнаоѓање достоинствено решение на спорот со Република Грција коешто истовремено ќе го зачува и зајакне нашиот идентитет.
„Преговорите со Владата на Република Грција продолжуваат. Никогаш досега не сме биле толку блиску до решение, но и никогаш претходно немало толку големо пријателство меѓу Македонија и Грција од ова денес. Очекувам тоа да придонесе да дојдеме до решение кое не само што нема да го загрози туку дополнително ќе го зајакне нашиот идентитет. Постои можност за решение кое граѓаните треба да го потврдат на референдум. Граѓаните очекуваат лидерство и затоа сме подготвени да водиме, да ги охрабриме граѓаните да дадат поддршка. Затоа вечерва ја очекувам и поддршката од Централниот одбор“, рекол Заев.
Зборувајќи за придобивките од постигнувањето решение на овој децениски спор којшто ја влечеше Македонија надолу, тој додал дека вистински патриотизам е да се обезбеди иднината на земјата, на граѓаните. „Со решението добиваме покана за членство во НАТО и се отвора можност за почеток на преговори за полноправно членство во ЕУ. Со тоа ќе се осигура нашата, но и иднината на идните генерации. Тоа значи сигурност, но и повеќе инвестиции, стабилност но и забрзан развој, економски силна Македонија“, посочил Заев.
Во партиското соопштение се наведува дека имајќи ја предвид значајноста на ова прашање, водејќи се од држаните и националните интереси, се отворила поширока дебата во која се вклучиле повеќе членови на Централниот одбор на СДСМ.
„Членовите на Центраниот одбор му дадоа целосна поддршка на претседателот на СДСМ, Зоран Заев, потенцирајќи ја важноста од продолжување на разговорите со Република Грција. Црпејќи го легитимитетот од довербата што ни ја дадоа граѓаните, Централниот одбор едногласно донесе заклучок со кој му пренесе целосно право на претседателот на СДСМ, Зоран Заев, да носи одлуки во врска со проблемот што Грција го има со нашето уставно име со цел да се обезбеди подобра иднина на земјава и сите нејзини граѓани“, се вели во соопштението.
Од другите точки на дневниот ред, Централниот одбор ја разгледал динамиката на спроведувањето на реформите и мерките од програмата што обезбедуваат квалитетен живот и повеќе пари кај граѓаните. Заев информирал за резултатите од стратегијата за раст на економијата, за новите гринфилд инвестиции, кои отвораат можности за нови работни места, го стимулираат растот на економијата и растот на БДП.
Раководството на СДСМ ќе продолжи со средбите со граѓаните и поддржувачите низ целата држава. Членовите на Централниот одбор дадоа поддршка на предлозите за кандидати за министри и заменик-министри во Владата од редовите на СДСМ, и тоа: Рената Дескоска за министер за правда, Петар Атанасов за заменик-министер за образование и Андреј Жерновски за заменик-министер за надворешни работи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Реконструиран локалниот пат Бујковци – Мршевци

Општина Илинден изврши комплетна реконструкција на локалниот пат што ги поврзува населените места Бујковци и Мршевци, во должина од 1.100 метри. Во рамки на проектните активности на терен се изврши целосно санирање на постоечката асфалтна површина со поставување на нов асфалтен слој, извести Општината.
Градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски, изврши увид во градежните активности и нагласи дека после многу години конечно се реконструира овој локален пат, кој е од исклучителна важност за повеќе населени места од општината како и дека со ова значително се подобрува секојдневието на жителите и се зголемува безбедноста на сите учесници во сообраќајот. Дополнително, ќе се постави ново ЛЕД улично осветлување во должина од над 400 метри, како и целосна хоризонтална и вертикална сообраќајна сигнализација согласно сообраќајниот проект.
„Изградбата на овој локален пат е дел од проектите што ги финансира Владата, а средствата за реализација се 60% од Владата на Република Македонија и 40% од Буџетот на Општина Илинден.
Локалната самоуправа и понатаму останува посветена на реализација на инфраструктурни и развојни проекти, со цел создавање современи, квалитетни и безбедни услови за живот на сите граѓани“, велат од Општината.
Македонија
Привршува реновирањето на училиштата во Аеродром пред почетокот на учебната година

В. д. градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески, утрово ги посети основните училишта „Браќа Миладиновци“, „Блаже Конески“, „Љубен Лапе“ и „Александар Македонски“, кои ги завршуваат последните подготовки пред почетокот на новата учебна година.
Во ОУ „Браќа Миладиновци“ летово беше реновирана училишната спортска сала, која ќе овозможи подобри услови за спортските активности на учениците. Во основното училиште „Блаже Конески“ се молерисуваат ѕидовите и се поставува фасада на новиот дел од објектот, каде неодамна беа инсталирани прозорци, што значи дека училиштето ќе биде енергетски ефикасно.
Во ОУ „Љубен Лапе“ целосно е реновиран главниот влез, вклучувајќи нова фасада, гранитни нелизгачки плочки на платото и скалите, како и железна ограда за поголема безбедност на учениците. Исто така, се реновираа две училници и се варосаа ходниците на првиот кат, а главниот влез се реновира и во училиштето „Александар Македонски“.
„Нашата цел е секое дете да учи во безбедна и современа средина. Со овие значајни инвестиции во реновирањата на училиштата, создаваме подобри услови за учење и развој на младите генерации во Аеродром. Ќе продолжиме да вложуваме во инфраструктурата за квалитетно образование и безбедност на учениците“, изјави Митески за време на посетата.
Македонија
(Фото) Пожарот во ловиштето Јасен не е изгаснат, еден крак сè уште активен

Пожарот во ловиштето Јасен сè уште не е изгаснат. Еден крак е сè уште активен. Дождот што заврна во мала количина не го изгасна, извести директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов.
Како што изјави тој, се дејствува со два „ер трактора“ на Дирекцијата за заштита и спасување. Една жешка точка има високо на сртот, а од спротивната страна две жешки точки со чадење. Се работи за екстремно стрмен терен и терен со зимзелена шума, што е исклучително ризично да се спуштат луѓе.
„Нашиот фокус е со двата „ер трактора“ и со полицискиот хеликоптер да дејствуваме на оваа точка. Ќе дадеме сè од себе во текот на денешниот ден да го ставиме целосно под контрола и овој преостанат крак од пожарот“, додаде Ангелов.