Македонија
Димитров по средбата со Иванов: За решение потребна е одговорност од сите политички фактори
За прашањето за името, потребна е одговорност од сите политички фактори, изјави министерот за надворешни работи, Никола Димитров, по средбата со претседателот Ѓорге Иванов.
„За ова исклучително значајно прашање за разликата околу името, прашање што не’ влече надолу и ни’ ја попречува иднината повеќе години, потребно е лидерство и највисока одговорност од сите политички фактори. Доколку најдеме начин да го затвориме овој проблем со зачувување на идентитетот и достоинството, сите заедно, ќе бидеме на правата страна на историјата“, рече Димитров.
Министерството за надворешни работи соопшти дека, во рамки на состанокот, Димитров го информирал Иванов за содржината на последните разговори со шефот на дипломатијата на Грција, Никос Коѕијас, во Њујорк и во Брисел.
Претходно денеска, претседателот изјави дека целиот процес за името наликува на личен договор меѓу премиерите на Македонија и Грција, Зоран Заев и Алексис Ципрас. Иванов и по средбата со Димитров, останува на својот став против промена на Уставот и ерга омнес решение за спорот околу името.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Без вода денеска делови од Центар и Сарај
Од ЈП Водовод и Канализација, известуваат дека поради изведување на водоводен приклучок ф-100мм на ул. Христо Смирненски 13, од 09:00 часот до завршување на интервенцијата, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од дел од истата улица, поточно потегот од Зур – Маркет до бул. Партизански Одреди, во општина Центар.
Исто така во понеделник ќе се изврши редовно чистење на резервоарот за питка вода во село Рашче. За време на активностите во периодот од 09:00 – 13:00 часот, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од населените места: Рашче Копаница и Бојане, општина Сарај.
Македонија
Дел од Карпош денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 09.00 до 15.00 часот, корисниците од улицата Леринска лоцирани околу број 3, општина Карпош.
Македонија
Претежно облачно со повремени врнежи од дожд, пообилни попладне
Времето денеска ќе биде претежно облачно со повремени врнежи од дожд. Наместа врнежите ќе бидат поројни и пообилни (над 30 l/m² за 24 часа) со услови за појава на грмежи. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од јужен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 7 до 12, а максималната ќе достигне од 14 до 18 степени.
Во Скопје, претежно облачно со повремени врнежи од дожд, пообилни попладне. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 10, а максималната ќе достигне до 17 степени.
Времето во наредните денови
Во вторник во претпладневните часови ќе има локални врнежи од дожд. Ќе дува умерен, вдолж Повардарието засилен северен ветер. Потоа до крајот на неделата времето ќе биде стабилно и суво со пониски утрински температури.

