Македонија
ФЕИТ со прво место за прототип на паметна табла
Тим студенти од Факултетот за електротехника и информациски технологии освои прво место на меѓународниот натпревар EBEC Challenge Balkan, што се оддржа во Ниш, Србија во организација на Board of European Students of Technology (БЕСТ).
Студентите Јасна Станисавлевиќ, Александар Цоневски и Елена Стефановска од ФЕИТ, насока Обновливи извори, заедно со Калина Трајановска од ФИНКИ се натпреваруваа во категоријата тимски дизајн. Во конкуренција од осум тимови од Србија, Црна Гора, Словенија, Босна и Херцеговина и Хрватска, тимот на ФЕИТ изработи прототип на смарт-табла (паметна табла) која го олеснува читањето на техничките цртежи, како решение за проблемот со кој се соочува еден од спонзорите на настанот.
„Особено сме горди што успеавме да ги воодушевиме со нашето решение. И не само што ја имавме највисоката оценка туку имаше и голема разлика меѓу нас и второпласираниот тим. За нас е задоволство што го претставувавме ФЕИТ на ова натпреварување“, велат студентите.
За деканот на ФЕИТ, професор д-р Димитар Ташковски, радува што Факултетот со начинот на работа овозможува и развој на креативноста кај студентите.
„Нашите студенти имаат одлични услови за учење, односно за теоретска работа, за унапредување на практичните вештини, но и за развој на креативноста. Тоа што успеваат да се истакнат на натпревари каде се бараат различни вештини, а имаат можност да прават и тимови со колеги од другите факултети, е доказ за одличните услови за едукација кои постојат на Факултетот за електротехнички и информациски технологии“, вели деканот Ташковски.
Меѓународниот натпревар EBEC Challenge Balkan е европското натпреварување во инженерство на студентската организација „Бест“, основана 1989 година и присутна на 96 технички факултети во 33 земји.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Гаши во Вашингтон: нагласена важноста на американското лидерство во зачувувањето на евроатлантската безбедност
Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Африм Гаши, престојува во работна посета на Вашингтон, САД, каде што оствари низа средби со високи претставници на американските институции и меѓународни организации, во рамки на зајакнувањето на билатералните односи и меѓупарламентарната соработка.
Гаши оствари средба со членката на Конгресот на Соединетите Американски Држави, Клаудија Тени, копретседателка на Парламентарната група за Северна Македонија во Конгресот. За време на средбата, соговорниците разговараа за стратешкото партнерство меѓу Северна Македонија и Соединетите Држави, засновано на заеднички демократски вредности, како и за значењето на улогата на американскиот Конгрес во развојот и стабилноста на регионот.
Гаши ја истакна посветеноста на Северна Македонија како членка на НАТО, при што ја нагласи и важноста на американското лидерство во зачувувањето на евроатлантската безбедност, особено на Западен Балкан.
Во продолжение на посетата, претседателот на Собранието оствари средби и со директори на меѓународни организации кои со години ги поддржуваат демократските процеси и институционалниот развој на Собранието на Република Северна Македонија, односно со претставници на IRI и NDI.
На средбата со Даниел Твајнинг, претседател на Меѓународниот републикански институт (IRI), и Стивен Никс, директор за Европа и Евроазија, се разговараше за досегашната соработка и за стратешкиот дијалог меѓу Северна Македонија и САД.
Исто така, на средбата со Тамара Витес, претседателка на Националниот демократски институт (NDI), и Скот Бејтс, регионален директор за Европа и Азија, се разговараше за вредноста на долгорочната соработка меѓу Собранието и NDI. Гаши изрази благодарност за проектите насочени кон зајакнување на независноста и парламентарниот капацитет , дигитализацијата, транспарентноста и приближувањето на Собранието до граѓаните, вклучително и Програмата за парламентарна поддршка, која со години дава видливи резултати.
На сите средби, претседателот Гаши високо ја оцени континуираната поддршка од американските партнери за унапредување на демократските стандарди, потврдувајќи ја повторно подготвеноста на Собранието на Република Северна Македонија за продолжување и продлабочување на соработката во функција на зајакнување на демократијата, стабилноста и подоброто претставување на граѓаните.
Во овој дел од агендата, Гаши беше придружуван од потпретседателот на Собранието, Антонио Милошоски, како и од владината делегација на Република Северна Македонија, во чиј состав беа министрите Стефан Андоновски и Златко Перински, како и генералниот секретар на Владата, Игор Јанушев.
Инаку, за време на посетата, Гаши ќе учествува на Националниот молитвен појадок (National Prayer Breakfast), а покрај бројните средби со значајни институционални претставници, се очекува да се обрати на Форумот за безбедност во Американскиот конгрес, како и да учествува на панел-дискусијата на конференцијата „Balkans Forward Summit“, организирана од Атлантскиот совет.
Македонија
Поради јавен собир во прекин сообраќајот кај Плетвар
Од 11:30 часот започнат е најавен јавен собир на околу 150 лица од ромска националност поради измените на ЗБСП, на крстосница за с. Ореовец на планински превој Плетвар на магистралниот пат А1 Прилеп- Градско, патниот сообраќај е во прекин во двата правци. На блокадата има поставено возила, гуми и други предмети, соопшти АМСМ.
Кај Касарната во Кичево блокирана е една сообраќајна лента во правец од Скопје према Охрид, возилата се пренасочуваат преку регионален пат за Осломеј, додека другата сообраќајна лента правец Охрид према Скопје е слободна за движење.
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози. Намалена видливост поради појава на магла од 30 – 40м. има на патниот правец Попова Шапка – с.Лисец.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Мицкоски: Културата е наш приоритет, оваа година имаме зголемен буџет за половина милијарда денари
Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на тоа дали се планира поддршка за проекти од национален интерес во културата, изјави:
„Да, оваа година имаме зголемен буџет за половина милијарда денари, културата е наш приоритет. Програмата е отприлика негде околу 25 милиони евра, средства којшто ќе бидат распределени во културата“.

