Македонија
Мицкоски од Ѓорче Петров: Никој веќе не верува во шарените лаги на Заев
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, оствари средба со граѓани и членови на општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ Ѓорче Петров. Мицкоски пред присутните истакна дека изминува една загубена година за граѓаните и за државата при што нема напредок ниту, пак, граѓаните живеат подобро, се владее со лаги и измами.

„Имаме една година полна со лаги. Имаме една година полна со нереализирани ветувања, со неисполнети очекувања. Имаме една година позади нас каде што се изгуби она ветување за 500 евра просечна плата, се изгубија оние 100 000 денари ветувања за специјалистите доктори, се изгубија поголемите субвенции за земјоделците, се изгубија поголемите стипендии за младите луѓе, се изгубија сите оние средства коишто треба да бидат одвоени за подобрување на стандардот на младите луѓе, се изгубија ветувањата за поголеми пензии за пензионерите, се изгубија ветувањата за што уште не, а тоа е така затоа што не знаеја што ветуваат, ветуваа напразно и ветува само шарени лаги“, истакна Мицкоски.
Тој посочи пред присутните дека во периодот што следува власта засилено ќе се заканува, но тоа нема да ја поколеба ВМРО-ДПМНЕ.
„Во периодот што следува ќе се обидат понижувањето да ви го претстават како национална победа. Ќе се обидат сите нас политички да нè депримираат со нивната таканаречена политичка репресија. Но, ние сме луѓе коишто тоа не смееме да го дозволиме. Не смееме да го дозволиме затоа што од нас зависи каква иднина сакаме да имаме, дали сакаме да имаме иднина полна со шарените лаги на Зоран Заев и групата околу него или сакаме да ја направиме Македонија технолошки тигар на Балканот. Дали сакаме да имаме судство комплетно под чизмата на Зоран Заев или сакаме да имаме судство коешто ќе биде независно и судство кое ќе служи по мерид-систем. Дали сакаме да имам образовани луѓе, луѓе коишто ќе бидат конкурентни на пазарот или сакаме да имаме образование кое ќе ги фингира желбите на Зоран Заев и групата околу него. 2 јуни е денот кога сите ние треба да ја почнеме нашата битка против сите оние лажни ветувања на Зоран Заев, против сите оние неостварени очекувања“, истакна Мицкоски.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ посочи дека владата доживува економско фијаско, но и дека се покажа дека ветувањето за 500 евра плата е голема лага.
„Не така одамна пред мене седеше и велеше ЌЕ има Македонија 30 000 денари секој граѓанин просек плата еве јас ви ветувам, еве тука седам пред тебе и ќе го исполнам тоа ветување, а притоа заборави да каже дека неколку дена претходно истиот тој Зоран Заев заедно со неговите министри донеле еден документ и го нарекле фискална стратегија. Во тој документ вели во 2018 година номиналната нето-плата ќе расте за 4 проценти, а во 2019 и 2020 година номиналната нето-плата ќе расте за 4,4 проценти. Имајќи предвид дека во декември 2017 година просечната плата во Македонија беше 23 850 денари, ако ја помножиме со овие ставки коишто неговиот министер за финансии ги донел, неговата влада ги усвоила и да немаме предвремени парламентарни избори кога е крајот на неговиот мандат, просечната плата во Република Македонија нема да биде повисока од 27 илјади денари. Тоа е и уште една лага и затоа не само што лаже, туку сите таму собрани заедно сушат од лажење“, истакна Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) ДИК со првични неофицијални резултати од повторените локални избори во четири општини
Државната изборна комисија (ДИК) вечерва ги објави првичните, неофицијални резултати од повторените избори во општините Врапчиште, Гостивар, Маврово Ростуше и Центар Жупа.
Врапчиште (излезност 32,37%)
– Исен Шабани (НАИ) – 5.355 гласа
– Зулхајрат Демири (Група избирачи) – 3.028 гласа
Гостивар (излезност 30,34%)
– Ваљбон Лимани (НАИ) – 14.519 гласа
– Невзат Бејта (ВЛЕН) – 7.174 гласа
Маврово Ростуше (излезност 28,51%)
– Онер Јакуповски (ВМРО-ДПМНЕ) – 1.906 гласа
– Анес Ахмети (СДСМ) – 938 гласа
Центар Жупа (излезност 13,26%)
– Аријан Ибраим (Демократска партија на Турците во Македонија) – 973 гласа
Портпаролката на ДИК, Радица Тодоровска Алексовска, рече во текот на утрешниот ден Комисијата ќе ги соопшти првичните официјални резултати, по приемот и обработката на записниците од сите избирачки места.
Македонија
(Видео) Мицкоски: Победата во Маврово-Ростуше е знак дека граѓаните наградуваат резултати, а кланот на Филипче доживува нов дебакл
„Денешниот изборен ден во четирите општини помина во демократска, мирна и достоинствена атмосфера. И покрај тешките временски услови и одредени технички предизвици, граѓаните слободно и одговорно го остварија своето право на глас. Тоа е јасна и недвосмислена потврда за демократскиот капацитет на државата и важна инвестиција во нејзината стабилност“, кажа на прес-конференција, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
„Овие избори покажаа дека институциите функционираат и дека демократските процеси се зацврстуваат. Во време на сериозни регионални и глобални предизвици, ова е вредност што мора да се чува и надградува, без разлика на политичките разлики. Во општина Маврово-Ростуше, ВМРО-ДПМНЕ оствари убедлива и многу важна победа. Онер Јакупоски е новиот градоначалник! Победа повеќе од двојна со над 1000 гласови разлика. Честитки за Онер, за сите симпатизери и за сите граѓани на Маврово-Ростуше. Оваа победа не е само локален резултат. Таа е јасна политичка порака. Порака дека граѓаните препознаваат работа, присуство на терен и одговорност. Порака дека не се наградуваат празни зборови, туку резултати“, истакна Мицкоски.
Оваа победа, вели тој, е „резултат на концептот што доследно го градиме: скромност, многу работа и реални решенија за секојдневните проблеми на граѓаните“.
„Во другите општини, изборната трка се водеше меѓу кандидати на други политички партии. Но целокупната политичка слика е повеќе од јасна. Со денешниот ден се заокружува резултатот од локалните избори во Македонија. ВМРО-ДПМНЕ победи во вкупно 56 општини во државата. СДСМ во 6. Тоа не е случајност. Тоа е јасен политички суд на граѓаните. Ова претставува уште еден тежок дебакл за СДСМ и за актуелното раководство на таа политичка партија. По историскиот пораз на локалните избори во 2025 година, денешните избори се само потврда дека изиграната доверба има последици. Партијата која на национално ниво освои околу 140 илјади гласови не може сериозно да зборува во име на мнозинството, ниту да се претставува како силна и кредибилна опозиција“, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Според Мицкоски, „проблемот на СДСМ не е само во изборните бројки“.
„Проблемот е многу подлабок. Тоа е пораз на политика што со години произведуваше криминал, конфликти, национални предавства и деструкција. Политика што ја држеше државата во место и ја трошеше енергијата на граѓаните. Затоа мора јасно да се каже: не станува збор само за блокади. СДСМ мора конечно да се соочи со сопственото коруптивно минато и со криминалците во своите редови. Без тоа расчистување, без јасна дистанца од корупцијата и криминалот, нема ниту кредибилитет, ниту доверба, ниту иднина оваа политичка партија. Македонија нема потреба од политика на навреди и ниски удари. Граѓаните се презаситени од политиканти кои бараат заштита во политиката за сопствените гревови. Оваа држава има потреба од борба на идеи, визии и програми. Од одговорна политичка конкуренција, а не од тоа кој погрубо и поневоспитано ќе навреди. Од другата страна е концептот што победува. Концептот на ред, стабилност и одговорност. Концептот на проекти, мерки и резултати. Концептот на држава што стои исправено и работи за своите граѓани, а не за тесните клановски интереси. Кланот на Венко Филипче доживува нов дебакл и тоа е резултатот кога се води политика на соопштенија напишани во други држави, а не борба на концепти и интересите за своите граѓани“, вели Мицкоски.
Македонија
МВР: Повторените локални избори завршија без нарушувања на јавниот ред и мир
Локалните избори кои се одржаа во дел од општините на подрачје на СВР Тетово, односно ОВР Гостивар и СВР Охрид се одржаа во мирна, фер и демократска атмосфера, информираат од Министерството за внатрешни работи.
„МВР во текот на целиот ден презеде мерки и активности во рамки на своите надлежности со цел непречено и безбедно спроведување на изборниот процес. Не беа регистрирани инциденти или било какви нарушувања на јавниот ред и мир“, стои во известувањето од МВР.

