Култура
Во културата за една година реализирани предвидените стратегии, вратени долгови и ослободени институциите

Во периодот од јуни минатата година до денес Министерството за култура реализирало најголем дел од приритетите на програмата на новата Влада на Република Македонија и на Министерството со која се овозможува правичност, диверзитет и силна поддршка за уметниците и културните работници, поддршка за културни проекти кои градат едно општество за сите, децентрализација на културата и еднаков пристап до неа за сите граѓани.
Министерството за култура тврди дека опфаќа близу 15 отсто од вкупните позитивни мерки издвоени од Владата. Од ресорното министерство акцентираат дека успеале да ги остварат приоритетите како ослободување на институциите од партиските и идеолошките стеги наметнати за време на претходната власт и отворање на институциите на културата кон граѓаните, заштита на културното наследство, консолидирање на финансиското работење и раздолжување од наталожените обврски создадени од претходната власт, ревизија на претходната работа вклучувајќи и анализа и подготвување решенија за справување со наследството на т.н. „Проект Скопје 2014“, спречување на пропаѓањето на објектите на културните установи, унапредување на состојбата со македонскиот јазик, подготовка на новата стратегија за културата и почеток на реформите во повеќе области на културата, интензивна агенда и зголемување на регионалната и меѓународната културна соработка, како и обезбедување целосна транспарентност и отвореност на Министерството кон медиумите и јавноста по долги години недостапност на информациите важни за јавниот интерес.
Меѓу покрупните позитивни мерки, со кои се унапредија состојбите во сферата на културата, од Министерството посочуваат 40 покрупни стратешки реализации.
„Преку широк консултативен процес изготвивме Стратегија за културен развој за наредните 5 години (2018-2022) и Акциски план (2018-2022), кои беа усвоени од Владата на Република Македонија и изгласани во Собранието на Република Македонија. Подготвивме законски измени, со кои решаваме значајни проблеми и водиме системска грижа за одржливост и развој во културата и уметноста на подолг рок. Преку конкурсот за ‘Новиот културен бран’ успеавме да мотивираме организирање на повеќе од 100 културно-уметнички настани во земјава и да ја заживееме независната културна сцена.
Ги отворивме вратите на културните установи и на Министерството за култура за соработка со граѓанскиот сектор и со независната културна сцена“, се вели во соопштението.
Според нив, голем успех на меѓународната културна сцена е отворањето на Центарот за културна соработка на Иницијативата „16+1“ за соработка меѓу 16 земји од Југоисточна Европа и НР Кина.
„Спроведовме итни интервенции во Чифте амам, Даут-пашин амам и во Музејот на Македонија за заштитата на запоставеното бесценето културно наследство од поројните дождови. Поведовме процес за заштита на струмичката фреска „Св. 15 Тивериополски маченици“, една од најстарите во нашиот регион, со години оставена на милост и немилост на временските услови. Започнавме интензивни активности за заштита на црквата ‘Св. Ѓорѓи’ во Курбиново, ја заштитивме галеријата на икони во Музејот на Македонија. Презедовме и акција за целосна заштита и конзервација на Скопскиот аквадукт и создавање на еден пријатен амбиент со повеќе придружни рекреативни и културни содржини“, издвојуваат во отчетот од Министерството за култура.
Од таму ја истакнуваат ревизијата и бришење од регистарот на сите незаконски запишани споменици и објекти од т.н. проект „Скопје 2014“, кои по својата природа не можат да претставуваат културно наследство. Потоа, ја потенцираат отстранета опасноста Охридскиот Регион да го загуби статусот на светско наследство на Унеско и други стратешки реализирани проекти.
Донесен е и пакет-мерки за унапредување на македонскиот јазик, како и деблокирање на процесот за полагање лекторски испит. Подготвени се повеќе елаборати за објекти и споменици од таканаречениот проект „Скопје 2014“, а беше отстранет споменикот на Ќосето.
Овозможена била и поправична распределба на средствата и поддршката кон сите заедници во Македонија;
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
„Букстар“ 2025: „За писателцките работи“ – кога се љуби и негува зборот

Моќни мисли и зборови на реномирани македонски и европски писатели можеа да се чујат на единаесетотто издание на фестивалот на европска литература „Букстар“, кој се одржуваше од 29 септември до 2 октомври.
Годинашниот фестивалски слоган гласeше „За писателцките работи“, а својот корен го има во делото на Крсте Мисирков (1874 – 1926), во пресрет на јубилејот сто години од неговата смрт (2026).
„За писателцките работи“ како мотив се провлекуваше низ целиот фестивал како мотив, концизно смислен со фокус на проблемите со кои се соочуваат писателите, кои говореа низ своја призма, како во интимистички, така и во општествен контекст.
Годинава гости беа голем број македонски имиња, па публиката имаше можност да чуе бројни разговори со Калина Малеска, Блаже Миневски, Александар Прокопиев, Ермис Лафазановски, Владимир Мартиновски, Оливера Ќорвезироска, Жарко Кујунџиски, Михајло Свидерски, Дијана Петрова, Иван Шопов, Сања Михајловиќ-Костадиновска, Иван Антоновски…
И годинава од фестивалот дел беа светски имиња од светот на книжевноста, па македонската публика имаше можност да ги види Петра Клабоухова (Чешка), Серај Шахинер (Турција), Шоле Резазаде (Холандија/Иран), Онджеј Штиндл (Чешка), Мајнхард Раухенштајнер (Австрија) и Ахмет Умит (Турција).
Првиот фестивалски ден, во полната сала на Културно-информативниот центар во Скопје, беше доделена наградата „Букстар“ за најактуелна книга меѓу двете изданија на фестивалот. За првпат оваа награда е доделена на македонски автор – Блаже Миневски за збирката раскази „Опаш во устата“ („Антолог“, 2025).
– Годинава, под слоганот „За писателцките работи“, поставивме една симболика што има длабоки корени во нашата културна историја и меморија. Слоганот е инспириран од делото на Крсте Мисирков, чиј јубилеј – сто години од неговата смрт – ќе го одбележиме следната година. Со ова сакавме да укажеме дека книжевноста не е само уметнички вид, туку и чин на одговорност, на визија, на заедништво и на храброст. Сакаме да проговориме за интимната и често невидлива битка зад секое дело, за силата на зборот кој може да го обликува, не само животот на авторот, туку и целото општество – истакна на отворањето основачот на фестивалот „Букстар“, Жарко Кујунџиски.
Последниот фестивалски ден публиката имаше можност да присуствува на еден ексклузивен настан „На кафе со Ахмет Умит“, кој се одржа во „Рамстор мол“, а вљубениците во крими-романите имаат можност да добијат автограм, да се фотографираат и да разговараат со овој автор со светска слава.
На Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ беше доделена и наградата за најдобар книжевен превод на македонски јазик „Драги“ за 2025 година, која ја доби Лидија Танушевска, за превод од полски јазик на делото „Емпусион“ од авторката Олга Токарчук во издание на „Антолог“.
Комисијата за доделување на наградата во состав проф. д-р Анастасија Ѓурчинова, претставник од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, д-р Јана Михајловска, член од семејството на Драги Михајловски и Иван Шопов, претставник одбран од издавачката куќа „Антолог“, имаше пет финалисти за оваа награда.
Покрај Лидија Танушевска, меѓу финалистите беа и Ермис Лафазановски за преводот од романски јазик на „Летото во кое мама имаше зелени очи“ од Татјана Цибуљак, издание на „Три“, 2024 година; Јасминка Марковска за преводот од норвешки јазик на „Утро и вечер“ од Јун Фосе, издание на „Артконект“, 2024 година; Калина Малеска за преводот од англиски јазик на „Слобода: созревање на крајот на историјата“ од Леа Ипи, издание на „Или-или“, 2024 година и Милан Дамјановски за преводот од англиски јазик на „Десет раскази“ од О. Хенри, издание на „Светла комора“, 2024 година.
Фестивалот заврши со книжевниот настан „Правда за кратката проза!“, кој се одржи во кафе-книжарницата „Буква“, а на кој беа учесници Мајнхард Раухенштајнер (Австрија), Владимир Мартиновски, Сања Михајловиќ-Костадиновска и Иван Шопов.
Култура
Затворен 13. „Џифони Македонија“ – избрани најдобрите филмови на фестивалот

Шведскиот филм „Престолонаследникот и враќањето на Тиранинот“ од Торд Даниелсон е најдобар кај јуниорите (шесто до деветто одделение), а рускиот „Од почеток“ од Полина Кондратева е најдобар за кадетите и сениорите (прва до четврта година средно) на 13. „Џифони Македонија“, што заврши синоќа.
Вообичаено, по изгледаните филмови во повеќе категории, жирито на фестивалот кое се состои од сите негови учесници, гласаат за наградите на фестивалот.
Кај јуниорите, најдобар краток ученички филм е прогласен „Безвредна борба“ (Combat de merda) од Нико Ферари и Таина Арагонес (Шпанија). Најдобар краток филм е „Метеора“ на Микеле Бучи од Италија.
Во категоријата на кадети и сениори најдобар ученички филм е „„Доста е!“ од Јоханес Брандвајнер и Ана Хилтгартнер (Австрија). Најмногу гласови за категоријата краток филм освои „Андромеда“ од Ана Меликјан (Русија). Најдобар анимиран краток филм е прогласен „17 часот“ од Флака Коколи (С. Македонија / Косово).
Неда Стојановиќ, Јана Петрушевска и Бисера Чоневска се првите учеснички на „Џифони Македонија“, избрани за наредното издание на „Џифони експериенс“ во 2026 година.
На последната вечер што се одржа во киното „Фросина“, видовме што креирале учесниците на фестивалот во изминатите денови, на нивните работилници. Мјузикл, фотоизложба, кратки филмови… го видовме раскошниот талент на нашите џифонци, предводени од нивните ментори. Фестивалот се одржа под мотото „Да се стане човек“.
Давиде Русо, директорот за институционална соработка на „Џифони експериенс“ му се заблагодари на тимот на „Џифони Македонија“ за добрата работа.
– Ги поздравувам италијанските учесници и поздрав до Дарко Башески, едниот дел е дрвено пиперче што се верува дека носи среќа, а другиот дел е симбол на градот Џифони. Благодарение на финансиската поддршка од Италијанското Министерство за култура, а од оваа година и италијанската агенција за млади, го организираме фестивалот и подобро – рече Русо.
Ви благодарам за целата поддршка и за големата мотивација. Џифони фестивалот е голем извор за мотивација и инспирација. Тие џифонци што ја посетуваат Италија го знаат тоа, истакна Дарко Башески, директор на фестивалот „Џифони Македонија“ во поздравниот говор.
Во изминатите шест дена Скопје беше домаќин на 400 учесници од Македонија, како и 30-ина од Италија, Швајцарија, Данска, Романија, Србија, Косово и Црна Гора. Младите учесници од другите земји се сместени во фамилиите на нивните врсници од Скопје.
Култура
„Танец“ ја заокружи својата балканска турнеја

Националниот ансамбл за народни игри и песни „Танец“, триумфално ја заврши својата Балканска турнеја, оставајќи зад себе трага од воодушевена публика и силни емоции.
Со наслов „Ритамот на душата, бојата на традицијата“, турнејата го потврди статусот на „Танец“ како ненадминат амбасадор на македонската култура.
Оваа турнеја не беше само серија настапи, туку и културна мисија. Таа успеа да ја премости географската оддалеченост, да поврзе генерации и да ја претстави виталноста и убавината на македонскиот фолклор.
Концертите во Валпово (Хрватска), Крањ (Словенија), Виена (Австрија) и Лакташи (Босна и Херцеговина) „Танец“ ја воодушеви публиката со енергични кореографии и раскошни носии, пренесувајќи ја богатата македонска култура и традиција. Експлозијата на бои и звуци, од нежните звуци на тамбурите до моќните удари на тапаните, создадоа магична атмосфера што ги спои гледачите и изведувачите во еден ритам.
Турнејата претставуваше повеќе од обични концерти-тоа беше културна мисија која ги поврза Балканот и Европа. Играорците, пејачите и оркестарот маестрално пренесоа порака за виталност, убавина и културно богатство кое заслужува светско внимание. Секој настап беше доказ дека традицијата не е само минато, туку жива, пулсирачка сила.
Со овој голем триумф, Ансамблот „Танец“ ја зацврсти својата позиција како еден од најзначајните чувари и промотори на културното наследство на Македонија.
„Срцето на Македонија чука во ритамот на нашите ора и песни. Каде и да одиме, носиме дел од таа душа и таа топлина“.