Македонија
Заев: Се обидов да го мотивирам Иванов да го потпише законот за јазиците

На неколку средби со претседателот Ѓорге Иванов се обидов да го мотивирам да стави потпис на законот за јазиците поради тоа што се крши Уставот, а парламентот е блокиран во извршувањето на својата функција преку овој закон, изјави премиерот Зоран Заев на новинарско прашање кога ќе има договор за овој закон за тој да биде објавен во „Службен весник“ и да стапи во сила.
Според Заев, Иванов со непотпишувањето на законот испраќа порака дека може да стави џебно вето на кој било закон.
„Тоа испраќа порака дека претседателот може да си одлучи кога сака и кој закон сака да го стави во таканареченото џебно вето. Тоа не е функционална демократија. Одговорноста е преголема. Овде се крши Уставот. Само ја користам пригодата да апелирам да се стави потписот и да се повикаат институциите, Уставниот суд, да се обратиме до Венециската комисија. Тие се тие надлежни за она што треба да го кажат“, рече Заев и истакна дека Уставниот суд е тој што кажува дали нешто е уставно или не.
И да има нешто неуставно, додаде тој, и да има нешто проблематично, секојпат може да се промени. „Но, законот мора да дише. Ако законот дише, верувам дека растоварени од одредени права досега, ќе можеме многу посилно да влеземе во вака најавениот процес на отворање поглавја, почеток на преговорите за Македонија, тогаш ќе можеме да бидеме со 100 отсто фокус на она што е важно за сите граѓани“, истакна Заев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
На Табановце времето на чекање за излез од државата е 30-ина минути

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На ГП Табановце времето на чекање за излез од државата е 30-ина минути, а на другите гранични премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува приспособена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде што има можност од појава на одрони. Ова особено се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
(Фото) Се гради првата спортска сала во населбата Припор

Денес беше направен увид во градежните работи за изградба на првата училишна спортска сала во населбата Припор од страна на градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
Новиот објект ќе биде сместен во дворот на ПОУ „Круме Кепески“ и ќе се простира на 500 квадратни метри, со рок за изведба од две години. Проектот е овозможен со поддршка од Владата, по успешната апликација на општина Кисела Вода на владиниот повик за обезбедување средства за реализација на капитални проекти, информира Општината.
Салата ќе обезбеди современи услови за спорт и рекреација на учениците и младите од овој дел на градот. Дополнително, ќе се изврши целосно партерно уредување на училишниот двор, со што ќе се создаде безбеден и функционален простор за секојдневни активности. Вредноста на проектот изнесува 16.449.974,80 денари, извести општина Кисела Вода.
Изградбата на спортската сала претставува инвестиција во подобро образование, здрави навики и развој на младите генерации во Припор. Во изминатите четири години се изгради спортска сала во Пинтија, се реконструираше салата во ООУ „Невена Георгиева Дуња“, започна изградбата на сала во ООУ „Кузман Јосифовски Питу“, заврши реконструкцијата на салата во ООУ „Партение Зографски“, како и реконструкцијата на салата во ООУ „Климент Охридски“. Во моментот е подготвена документацијата за изградба на нова сала во ООУ “„Кузман Шапкарев“, а салата „Расадник“ темелно се реконструира во соработка со Министерството за спорт, се додава во соопштението на општина Кисела Вода.
Македонија
Исчезнатиот Ѓорѓе Серафимовски е пронајден жив и здрав, соопшти семејството

83-годишниот Ѓорѓе Серафимовски е пронајден жив и здрав, кусо соопшти семејството. Тие заедно со полицијата го бараа од вчераутро откога излегол од својот дом во Фалише да оди кон Тетово, но не можеле да го најдат.
Семејството вели дека го пронашле на патот кон Тетово, контактибилен, но го однеле во болница за дополнително да му ја проверат здравствената состојба.