Македонија
Започнува со реализација проектот за еднодневни операции, без болнички престој на пациентите
Владата на Република Македонија денеска ја одржа својата 71 седница на која го разгледа и прифати Акцискиот план за Проектот „Зајакнување на дневните болници“ и го задолжи Министерството за здравство на секои 6 месеци до Владата да доставува информација за прогресот на активностите од Акцискиот план, се до конечна реализација на проектот.
„Зајакнување на дневните болници“ се однесува на концепт на воведување на „one day surgery“ (еднодневна терапија од областа) и други „out patient“ процедури без ноќевање и болнички престој на пациентите во случаи кога нема потреба од опсервација на состојбата на пацинетот. Во оваа насока ќе бидат изготвени упатства и ќе бидат адаптирани соодветни просторни услови во рамките на општите и клиничките болници каде постојат услови врз основа на направена проценка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Повиците за поделба никому не носат добро, Брвеница е мултиетничка средина, рече Илиевски
Јовица Илиевски, кандидат за градоначалник на општина Брвеница од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, денес даде изјава за медиуми во која истакна дека без разлика на етничката припадност тој во текот на изминатиот мандат како градоначалник, а со план и во наредниот, е фокусиран на проекти, со што кажа дека и општината ќе продолжи да ја води во тој тренд.
,,Општина Брвеница и јас како градоначалник, без разлика на етничка верска припадност. Фокусирани сме на проекти, и сакаме да продолжиме во тој тренд. Улици патишта, без разлика, на село, на население сите се рамномерно застапени во општината“, вели Илиевски.
Илиевски наброи проекти, кои според него покажуваат дека Општина Брвеница ниту беше водена изминатите година врз база на етничка припадност, ниту ќе биде во иднина, доколку тој освои уште еден мандат да ја води општината. Меѓу проектите кои ги наброи беа спортската сала во Челопек, тетовско, од 800 илјади евра, детска градинка, инвестиција од преку 400 илјади евра, во Гургурница камион за собирање на смет итн.
,,Фокусирани сме на проекти и на зближување. Би го потенцирал примерот за соживот. Додека се реновираше училиштето во Брвеница ,околу 270 ученици секој ден ги носевме во Челопек. Никаков проблем немаше со месното население, овие повици на поделба на никого не носат добро“, рече Илиевски и додаде:
,,Населението докажа и во првиот круг, тогаш имавме албански гласови, и сега ги очекувам. Докажано е и уште еднаш повик до сите, не сме за омраза не сме за поделба, ги повикувам сите заедно да докажеме дека Брвеница е мултиетничка средина и така ќе остане“.
Македонија
Трајановски: Нови игралишта, безбедни улици и пристапни тротоари се визијата за современ Аеродром
Кандидатот за градоначалник на Општина Аеродром од СДСМ, Александар Трајановски, ја претстави својата визија за уредување на јавниот простор и унапредување на квалитетот на животот на граѓаните.
„Нашата визија за јавниот простор е да биде уреден согласно реалните потреби на граѓаните. Тоа значи безбедни улици, достапни тротоари и места за рекреација каде што сите, од најмладите до највозрасните, ќе се чувствуваат пријатно и сигурно“, изјави Трајановски.
Тој најави изградба на нови и безбедни детски игралишта, вклучително и сензорни игралишта за децата со попреченост, како и адаптација на рабниците и поставување тактилни патеки. „Пристапноста не е луксуз, тоа е човеково право“, додаде кандидатот.
Посебен акцент стави и на решавањето на проблемот со кучињата скитници, преку системска соработка со институциите, како и на унапредувањето на инфраструктурата со нови велосипедски патеки, паметни паркиралишта и модерно осветлување.
„Ќе изградиме општина што штеди енергија и време, а нуди квалитетен урбан живот“, рече Трајановски, најавувајќи и изградба на нова противпожарна станица и редовна контрола на противпожарните системи во зградите.
„Ова не се само проекти, ова се мерки за достоинствен живот на секој мој сограѓанин од Аеродром. Затоа на 2 ноември, заедно да се избориме за подобра општина, за општина која се грижи за секого“, порача тој.
Македонија
ЛДП доби признание за иновативни решенија на конгресот на АЛДЕ во Брисел како клучен член на европското либерално семејство
Либерално-демократската партија (ЛДП) ја истакнува исклучителната важност на присуството на својата претседателка, Моника Зајкова, како модератор на една од клучните дебати на Конгресот на Партијата на Алијансата на либералите и демократите за Европа (АЛДЕ) во Брисел, насловена „Суперсила Европа – Реформирање на одлучувањето на ЕУ во опасен свет“. Учеството на Зајкова, рамо до рамо со поранешни премиери, актуелни министри и европратеници, како Кирил Петков и Жорж-Луј Буше, само ја потврдува позицијата на ЛДП како витален и почитуван член на европското либерално семејство. Нејзината улога во водењето на дебатата истакна дека либералните вредности и прашањата на Северна Македонија се високо на агендата на европските центристи.
Претседателката Зајкова во својот настап јасно ја истакна обврската на либералните политичари да водат со идеали, но и да ја почитуваат волјата на граѓаните, што е клучно за деблокирање на евроинтеграциите на Северна Македонија. Таа го истакна ставот дека уставните измени, како услов за членство, може да стапат во сила само со гаранција за ратификација на целосниот пристапен договор, повикувајќи се на успешниот модел од процесот за членство во НАТО. Овој принципиелен став, кој го штити достоинството и интересот на граѓаните, доби силна поддршка од европските либерални лидери присутни на панелот.
ЛДП апелира до Европската Унија и нејзините лидери за итно усвојување на креативни и иновативни решенија кои ќе го откочат проширувањето. Зајкова посочи на потребата ЕУ да покаже мудрост, а не само моќ, користејќи ги искуствата од минатото. Како конкретен пример, таа го наведе Северна Ирска Протоколот, истакнувајќи дека доколку ЕУ може да најде дипломатски решенија за најголемите пречки, мора да најде и начин да го испорача ветувањето за Северна Македонија. ЛДП и европските либерали се обединети во ставот дека проширувањето на ЕУ е геополитички императив.

