Македонија
Пецаков: Среде туристичка сезона СДСМ ќе воведува наплата на паркинг во Охрид

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ обвини дека во период кога туристичката сезона е започната, ЈП „Билјанини извори“ носи скандалозна одлука за наплата на паркинг на улиците.
„Имено, зоната А со највисока цена се проширува со што по цела должина ќе се наплаќа на следните сообраќајници: Илинденска, Цар Самуил, Коста Абраш, Кузман Јосифовски – Питу, а покрај нив во зона А се и јавните паркиралишта на дел од булеварот Македонски просветители, Кеј Македонија, Партизанска, Димитар Влахов, Јане Сандански, старата автобуска и кај старата стоковна куќа „Чинар“. Одлуката со проширувањето на зоните, особено зона А, по автоматизам значи поскапување на цените за паркинг.
Во зона Б нелогично се вметнуваат улици каде што таква услуга никогаш немало. Дури се осмелуваат булеварот Туристичка, кој е магистрален пат да го узурпираат за наплатување паркинг. Во стариот дел на градот, кој е репрезентативен дел, наместо зона без возила, сега и трите најпосетувани улици од туристите ќе бидат паркинг и ќе се наплаќа“, порача Кирил Пецаков, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
ВМРО-ДПМНЕ го повикува градоначалникот Стојаноски веднаш да побара поништување на оваа скандалозна одлука на Уравниот одбор на ЈП „Билјанини извори“ и таа да не ја става како точка на дневен ред на следната седница на Советот. Наместо безидејноста на градоначалникот, од ВМРО-ДПМНЕ му порачуваат да се зафати со капитални проекти, како што е изградба на катните гаражи.
„ВМРО-ДПМНЕ не е против модерен начин за наплата за паркирање со испраќање СМС-порака, но не може тоа да се прави без пилот-проект и во туристичка сезона. Им објаснивте ли на вработените што ќе се случи со нив и каква ќе биде нивната иднина? Охрид памети! Граѓаните на Охрид паметат дека СДСМ еднаш ја признаа грешката со начинот на управувањето на паркинзите што ја наруши туристичката сезона и живеењето. ВМРО-ДПМНЕ нема да дозволи повторно партиските интереси да се стават пред интересите на охриѓани“, нагласи Пецаков.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
32-годишен скопјанец осомничен за разбојништво во Бучимци: маскиран и со ловечки нож ограбил соселанец

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против едно лице осомничено за кривично дело – Разбојништво од член 237 став 4 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Осомничениот 32-годишен скопјанец, на 18 август, маскиран со маица со која си го покрил лицето и капа, преку незаклучена влезна врата влегол во домот на негов соселанец во селото Бучимци. Во рацете држел ловечки нож и кога во една од собите го затекнал сопственикот, му се заканил дека ќе го убие ако не му даде пари.
Оштетениот, исплашен за својот живот, извадил 4.000 денари од комодата, но го замолил разбојникот да му дозволи да задржи барем 1.000 денари, бидејќи му се неопходни.
Осомничениот се согласил и го напуштил местото со 3.000 денари кои противправно ги одзел од сопственикот.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот, бидејќи постојат околности кои укажуваат на опасност од бегство, можност за влијание врз сведокот/оштетен со заплашување и уценување, како и можност да го повтори делото.
Македонија
Зголемена фреквенција на возила на граничните премини Табановце и Богородица

Поради пожар во националниот Парк Јасен, регионалниот пат Р1106 Македонски Брод – Скопје затворен е за секаков вид на возила, извести АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Интензитетот на сообраќајот на патиштата надвор од градските средини е зголемен. Поради летните одмори, се бележи зголемена фреквенција на возила, на ГП „Табановце“ времето на чекање за влез е околу 20 минути, за излез е околу 40 минути.
На ГП „Богородица“ времето на чекање за излез знесува околу 20 минути, додека на останатите гранични премини од македонска страна нема подолги задржувања при влез или излез од државата.
Македонија
Вицепремиерот Николоски во Будимпешта на прослава на Националниот ден на Унгарија

Вицепремиерот Александар Николоски на покана на премиерот на Унгарија, Виктор Орбан, присуствува на Националниот ден кој се слави во чест на Свети Стефан основачот на унгарската држава и христијанството во Унгарија.
Покрај учеството на прославата на националниот ден, предвидени се повеќе средби со високи претставници на владата на Унгарија, неколку министри и потенцијални инвестиции. На средбите е предвидено да се разговара за динамиката на проектите во Македонија како и за идната засилена економска соработка помеѓу двете држави.
Посетата на вицепремиерот е уште една потврда за одличното пријателство и соработката помеѓу Македонија и Унгарија, се додава во соопштението на Министерството за транспорт.