Македонија
Судии од кривичен оставија лице со инфаркт во притвор – лекови можел да пие и таму
Судиите Васка Николовска-Масевска, Горан Бошевски и Софче Гаврилова-Ефремова, како членови на кривичниот совет во Основниот суд Скопје 1, ја одбија жалбата на адвокатот на осомничениот Басри Ибраими од Тетово неговиот клиент, кој доживеа инфаркт, поради влошената здравствена состојба, наместо во Шуто Оризари, да добие куќен притвор.
Како што објави „Макфакс“, на 15 мај на oсомничениот Басри Ибраими од Тетово му се слошило во затворот „Скопје“, каде што ја издржува мерката притвор. Ден подоцна, кога лекарите му констатитрале инфаркт, на универзитетската Клиника за кардиологија му била извршена интервенција коронографија и му бил вграден стент.
Поради неажурноста на институциите, притвореникот со вграден стент над 2 недели лежел во затворот во Шуто Оризари зашто Клиниката и управата на затворот не можеле да ја обезбедат медицинската документација за судот да го разгледа барањето на неговиот адвокат и да го пушти од притвор.
Кога документацијата беше обезбедена, сепак кривичниот совет одлучи дека барањето на притвореникот за друга мерка треба да биде одбиено имајќи ги предвид природата на кривичното дело, степенот на кривичната одговорност и видот на казната што му се заканува, како и можноста од изрекување ефективна казна затвор. Осомничениот е обвинет за трговија со луѓе и шверцување мигранти.
Судиите навеле дека при донесувањето на одлуката ја имале предвид здравствената состојба на притвореникот, но во решението напишале дека ако лицето има потреба од медицинска помош, ќе му биде укажана во секое време. Во решението пишува и дека Клиниката за кардиологија во отпустното писмо констатирала оти пациентот е во стабилна општа состојба со пропишана таблетарна терпаија, која, според судиите, притвореникот може да ја прима и во затворот.
За одлуката на судот претставка е поднесена до народниот правобранител и до Хелсиншкиот комитет за човекови права.
Маргарита Цаца Николовска, судијка на Уставниот суд во Босна и Херцеговина и поранешна судијка на Европскиот суд за човекови права, за „Макфакс“ изјави дека решението за определување мерка притвор мора да биде крајно индивидуализирно и конкретизирано со наведување на аргументите поради кои се определува таа мерка, а не само со препишување на законските основи. „Секој притвор мора да биде образложен со аргументи, а не само со препишување на законскиот текст“, изјави Николовска за „Макфакс“.
Во Законот за кривичната постапка пишува дека при одлучувањето која од наведените мерки судот ќе ја примени, надлежниот орган ќе води сметка да не се применува потешка мерка ако истата цел може да се постигне со поблага. Судот мора да води сметка за притворот на осомничените и обвинети лица за времето додека се таму бидејќи тој е гарантот на почитувањето на законските прописи, а во конкретниот случај донесува одлуки што се директно на штета на здрајвето на притворените лица.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ахмети од протестот на плоштадот „Скендербег“: Процесот во Хаг треба да заврши со ослободителна пресуда
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, денеска се обрати на протестот што се одржа на плоштадот „Скендербег“ во Скопје, организиран во знак на поддршка за поранешните команданти на Ослободителната војска на Косово (ОВК), на кои им се суди во Хаг за воени злосторства.
Ахмети порача дека судскиот процес треба да заврши со ослободителна пресуда, оценувајќи дека обвинетите се соочуваат со обвинувања за дела кои, како што рече, не ги сториле.
Тој нагласи дека ОВК не била насочена против ниту еден народ, туку дека се борела за слободата на албанскиот народ.
„Време е нашите синови да се вратат дома. Нашите синови се невини, нашата борба е чиста. Војната на ОВК е света и затоа сите ние, големи и мали, мажи и жени, сме ОВК“, рече Ахмети .
Лидерот на ДУИ оцени дека, по Тирана и Приштина, и Скопје го покажало својот став со поддршката за, како што наведе, слобода и правда за поранешните припадници на ОВК.
Меѓу обвинетите во Хаг се поранешниот косовски премиер Хашим Тачи и поранешниот косовски претседател Јакуп Красниќи.
Македонија
Затворен сообраќајот на граничниот премин Евзони
Од 11:00 часот граничниот премин Евзони (ГП Богородица) е затворен за сообраќај, соопшти АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно суви коловози.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
За првпат во Македонија е изведена хируршка интервенција кај дете со ретка конгенитална деформација
На Универзитетската клиника за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација, интензивно лекување и ургентен центар (ТОАРИЛУЦ) за прв пат во Македонија е изведена комплексна хируршка интервенција кај 4-годишно дете со редок конгенитален Спренгелов деформитет (Sprengel deformity), во соработка со проф. д-р Уфук Ајдинли од Република Турција.
Интервенцијата претставува значаен чекор во јакнење на капацитетите на македонскиот здравствен систем за третман на ретки и сложени ортопедски состојби во детската возраст, преку тимска работа, пренос на знаење и примена на современи оперативни техники.
„Оваа интервенција е резултат на врвна мултидисциплинарна координација – ортопедски тим, анестезија, интензивна нега и ургентна поддршка – со јасен фокус на сигурноста и квалитетот на самата постапка. Благодарение на соработката со проф. д-р Уфук Ајдинли, направивме значаен исчекор во третманот на ретки конгенитални деформации кај деца. Нашата цел е овој тип процедури да станат стандарден дел од клиничката пракса во земјата, со континуирана едукација и развој на домашните тимови,“ вели директорот на ТОАРИЛУЦ, проф. д-р Игор Мерџаноски.
Според министерот за здравство, Азир Алиу градењето доверба во здравствениот систем се прави со ваков вид на резултати, со знаење, со тимска работа и со создавање услови најсложените интервенции да се изведуваат во државата.
„Ова е пример како меѓународната соработка, размената на експертиза и знаење директно се претвораат во подобра грижа за пациентите. Министерството ќе продолжи да ја поддржува модернизацијата на клиниките, развојот на човечките ресурси и воведувањето современи медицински методи, со цел граѓаните да добијат модерен, функционален и одржлив здравствен систем“, вели министерот Алиу.
Спренгеловиот деформитет е ретка конгенитална состојба при која лопатката е поставена ненормално високо и е недоволно развиена поради неуспешна надолна миграција за време на ембрионалниот развој. Ова најчесто предизвикува видлива „испакнатина“ и ограничување на движењето на рамото. Состојбата неретко е поврзана и со други придружни наоди, како синдромот Клипел-Фил, сколиоза, а понекогаш и дополнителна коскена/влакнеста врска со ’рбетот (омовертебрална лента), поради што за прецизна дијагностика и планирање се користат снимања како КТ и/или МРИ. Оперативниот третман најчесто се резервира за потешки случаи во возраст од 3 до 8 години, со цел подобрување на функцијата и изгледот.

