Економија
Анѓушев во Амстердам осомничен за „киднапирање“ имот поврзан со „Фени“
Координирање на акција за „киднапирање“ на имотот на холандскиот никел-гигант „Кунико“ е дело со кое е осомничен вицепремиерот Кочо Анѓушев во судот во Амстердам, јавуваат холандските медиуми. Тужбата е поведена во Амстердам оти таму е седиштето на компанијата „Кунико“, поранешен сопственик на „Фени индустри“ од Кавадарци.
Мнозинскиот акционер во „Кунико“ тужи оти смета дека вицепремиерот Кочо Анѓушев, заедно со израелскиот бизнисмен Бени Штајнмец, малцински партнер во „Кунико“, со нелегални активности им ја одзел компанијата во Македонија.
Мнозинскиот пакет во „Кунико“ има тројца сопственици кои поседуваат 90 отсто од компанијата, а преостанатите 10 отсто се на израелскиот бизнисмен Штајнмец.
Холандските медиуми јавуваат дека тужбата е поднесена против 9 фирми и 4 физички лица, меѓу кои е вицепремиерот Анѓушев. „Кунико“ обвинува за заговор и побарува 20 милиони евра отштета од вкупната сума од 100 милиони евра вкупен криминал во „Фени индустри“.
Од кабинетот на вицепремиерот Анѓушев велат дека наводите во холандските медиуми се неточни.
„Владата на РМ категорично ги отфрла како невистинити тврдења изнесени во статијата објавена на веб-страницата Het Finansieele Dagblad на 3 јуни 2018 година со наслов ‘Холандскиот никел-гигант лут на заговорот на македонскиот вицепремиер’. Наводите што ги изнесува компанијата ‘Кунико ресурси’ во текстот се целосно неточни, а со втората страна, во случајот Владата на РМ, воопшто не е контактирано за став како што налагаат професионалните новинарски стандарди“, велат од кабинетот на Анѓушев.

Медиумите во Холандија известуваат и дека две македонски банки, осомничени дека се дел од заговорот, преку своите адвокати ги отфрлиле обвинувањата.
Раководството на „Фени“ поставено од „Кунико“, пак, во Македонија има три кривични пријави. Управата за финансиска полиција поднесе две од нив против поранешниот директор на „Фени“, Јусуф Миракхмедов, едната поради основано сомнение дека направил отпис на незастарени побарувања на „Фени“, со што се сомничи дека ја оштетил фабриката за 51.505.526 американски долари, а другата поради сомнение дека незаконски отуѓувал резерви на фероникел и друга руда од фабриката врз кои банките имале заложно право, со што фабриката била оштетена со речиси 30 милиони долари.
Третата кривична пријава е од малцинскиот акционер во „Кунико“, кој ги сомничи раководството на фабриката и директорот за злосторничко здружување, злоупотреба на службената должност и овластувањето, измама, оштетување или привилегирање доверители, како и други дејства со кои му е нанесена штета на малцинскиот акционер.
Миракхмедов ја напушти Македонија лани на крајот на октовмри пред да се соочи со кривичните пријави.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
„Виз Ер“ воведува евтина „бизнис класа“, можете да платите за да го задржите средното седиште празно
Нискобуџетната унгарска авиокомпанија „Виз Ер“ ќе започне со тестирање на таканаречената „основна бизнис класа“ на одредени летови од декември оваа година, нудејќи малку повеќе удобност во рамките на својата стандардна услуга без додатоци. Оваа нова функција ќе биде воведена на пет рути, вклучувајќи летови до Лондон, Рим и Будимпешта.
Концептот е едноставен – во првиот ред од авионот, средното седиште ќе биде оставено празно за да им се обезбеди на деловните патници повеќе простор и да се олесни качувањето. Мајкл Делехант, виш комерцијален и оперативен директор, нагласи дека цената нема да биде драстично повисока.
„Што се однесува до цените на билетите, таа никогаш нема да биде повеќе од цената на купување дополнително седиште“, изјави тој на прес-конференција.
Иако билетите за овие специјални седишта ќе бидат поскапи, патниците сепак ќе бидат третирани исто како и сите други.
„Повеќе се работи за ефикасноста на патувањето и малку дополнителен простор во авионот“, рече Делехант.
Воведувањето премиум услуги е тренд што го следат и американските нискобуџетни превозници за да се натпреваруваат со големите превозници.
Делехант забележа дека сè уште има силна побарувачка за нискобуџетни летови во Европа, но дека пазарот треба да се развива.
Економија
Поскапуваат бензините и дизелот
Бензините и дизелот од ноќеска на полноќ ќе поскапат за половина и за еден денар, соопшти Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ).
Од 4.11.2025 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 74,00 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 76,00 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 71,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 69,50 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 36,913 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се зголемуваат за 0,50 ден/лит.
Малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се зголемува за 1,00 ден/лит.
Малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) не се менува.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 0,856 ден/кг и сега ќе изнесува 36,913 ден/кг.
Економија
Славески: Во септември депозитите на домаќинствата достигнале 427 милијарди денари
Штедењето е системска неопходност и важен фактор за одржлив економски раст и за финансиска стабилност, порача гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, на настанот по повод Светскиот ден на штедењето, којшто се одржа во организација на Македонската банкарска асоцијација, во присуство на министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, директорот на Фондот за осигурување депозити, Бехар Емини, претседателката на МБА, Маја Стевкова-Штериева и претставници од банкарскиот сектор.
Во своето обраќање, гувернерот нагласи дека во време на светска неизвесност и последователни кризи, штедењето претставува темел на отпорноста на економијата и на стабилноста на финансискиот систем.
„Отпорноста не е реакција, туку прашање на претходна подготвеност – градење простор за справување со кризите пред да се случат“, истакна Славески.
Тој посочи дека и покрај бројните шокови во последните години, кај граѓаните е задржана склоноста кон штедење и довербата во банкарскиот систем. Според податоците, во септември 2025 година, депозитите на домаќинствата достигнале 427 милијарди денари, што претставува раст од над 50% од почетокот на пандемијата. Зголемен е и уделот на денарските и на долгорочните депозити, што придонесува за стабилност и ја зајакнува отпорноста на економијата.
Гувернерот нагласи дека поттикнувањето на штедењето е од суштинско значење за зголемување на потенцијалот за раст и за намалување на зависноста од надворешни извори на финансирање, особено во контекст на светски економски промени, геополитички тензии и структурни предизвици. Според него, економиите во регионот мора повеќе да се потпираат на сопствените заштеди како двигател на инвестициите и долгорочната стабилност.
„Во свет полн со неизвесност, претпазливоста е најкредибилната константа, а штедењето е системска неопходност“, истакна Славески, додавајќи дека негувањето на културата на штедење и финансиска одговорност во рамки на семејствата, институциите и општеството е вложување не само во личната сигурност, туку и во економската сила на државата.

