Свет
Премиерот на Етиопија направи реконструкција на безбедносниот сектор

Премиерот на Етиопија, Абиј Ахмед, ги замени шефовите на две гранки на безбедносните служби, додека тој продолжува со имплементација на својата агенда составена од сеопфатни политички и економски реформи.
Абиј се обврза дека ќе ги протурка реформите како одговор на барањата на демонстрантите за време на брановите на немири што започнаа во 2015 година кога безбедносните сили убија стотици луѓе.
Тој го именува Сијар Меконен за шеф на вооружените сили на местото на Самора Јунис, началникот на Генералштабот на Абиј, Фицум Арега, напиша на „Твитер“ доцна во четвртокот.
Самора бил дел од војската на Етиопија четири децении.
Премиерот исто така го именува шефот на воздухопловните сили, Адем Мохамед, на чело на безбедносната служба на НИСС заменувајќи го Гетачев Асефа, објави Етиопската новинска агенција цитирајќи изјава од канцеларијата на премиерот.
Причините за промените не беа откриени, но и Самора и Гетачев се високи членови на ТПЛФ, партијата што доминира во етиопската политика од 1991 година.
„Ова сигурно укажува на слабеење на ТПЛФ“, рече универзитетски предавач во главниот град Адис Абеба, кој одби да го открие своето име.
Во ТПЛФ доминираат членови од етникумот Тиграјанс, а Абиј е етнички Оромос.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Принцот Вилијам и Кејт со одлука: нема да му се придружат на кралот на традиционалното велигденско собирање на кралското семејство

Принцот и принцезата од Велс нема да им се придружат на кралот и кралицата на традиционалното велигденско собирање на кралското семејство во замокот Виндзор.
Принцот Вилијам и Кејт наместо тоа ќе го поминат велигденскиот викенд со своите деца во нивната селска куќа во Норфолк, пишува „Мирор“.
Принцот го информирал кралот за својата намера да го пропушти годишниот собир, на кој се очекува да присуствуваат неколку високи членови на кралското семејство, со цел, според неименуван извор, „да ужива во дополнително време како семејство за време на Велигден“.
Изворот додаде: „Тие решија да поминат време заедно како семејство пред децата да се вратат на училиште.“
Тие не присуствуваа ниту на минатогодишната служба, бидејќи тоа беше само неколку недели откако на принцезата ѝ беше дијагностициран рак.
Кралски извор изјави дека принцот од Велс го информирал кралот за својата намера да не присуствува на службата, на што кралот се согласил, дозволувајќи им на двојката да ги помине велигденските празници со своето семејство.
Кралот, како поглавар на Англиканската црква, која Вилијам еден ден ќе ја предводи кога ќе стане монарх, ќе го предводи кралското семејство на велигденска служба во замокот Виндзор во недела.
Се очекува принцезата Ана и нејзиниот сопруг, вицеадмиралот Сер Тим Лоренс, како и војводата и војвотката од Единбург, да присуствуваат на службата.
Принцот Ендру и неговата поранешна сопруга Сара Фергусон беа изненадување на велигденската утринска служба во капелата „Свети Ѓорѓи“ во Виндзор минатата година.
Принцезата од Велс продолжува со постепеното враќање на кралските должности откако ѝ беше дијагностициран рак минатиот февруари.
Свет
Аракчи: Иран не е подготвен за директни преговори со САД

Иранскиот министер за надворешни работи, Абас Аракчи, денес изјави дека директните разговори со САД за нуклеарниот договор во моментов не се можни поради санкциите и политиката на максимален притисок што ја води Вашингтон.
„Во овој момент, ќе водиме само индиректни преговори. Очигледно, поради заканите испратени од американската влада и економските санкции, како и политиката на максимален притисок врз нас, не можеме да водиме директни преговори со нив. Но, дипломатскиот пат е отворен, индиректните преговори не се нешто комплицирано или изненадувачко, можно е да се постигнат договори“, рече Аракчи по разговорот со неговиот руски колега Сергеј Лавров, пренесува РИА Новости.
Според него, Техеран верува дека е можно да се постигне договор за иранската нуклеарна програма, но нереалните барања на САД ја намалуваат веројатноста за постигнување договор.
„Утре, многу сериозно и доброволно ќе учествуваме во преговорите за наоѓање решение за мирнодопската нуклеарна програма на Иран. Барањата на САД, кои се нереални, само ќе ја намалат можноста за постигнување договор“, рече Аракчи.
Тој претходно потврди дека утре ќе го посети Рим, каде што ќе учествува на втората рунда индиректни преговори меѓу Иран и САД, чиј домаќин е владата на Оман.
На 12 април, во главниот град на Оман, се одржаа индиректни разговори меѓу претставникот на американскиот претседател за Блискиот Исток, Стив Виткоф, и иранскиот министер за надворешни работи, Абас Аракчи.
Според специјалниот пратеник на американскиот лидер, разговорите биле „позитивни и конструктивни“.
Аракчи, исто така, ја опиша атмосферата на овие разговори како „конструктивна и мирна“, му се заблагодари на министерот за надворешни работи на Оман, Бадр ал-Бусаиди, за неговите напори во размената на мислења меѓу иранската и американската делегација и најави дека втората рунда преговори со САД ќе се одржи на 19 април, пренесува Танјуг.
Свет
Автомобил завршил во тераса на ресторан: жена предизвикала несреќа во шпанско одморалиште, има загинати и повредени

Две лица загинаа, а три се тешко повредени во несреќа што се случи во четвртокот вечерта на морскиот брег во градот Фуенхирола во Малага, откако автомобил удрил во столб, а потоа со голема брзина излетал од патот и удрил во терасата на еден ресторан.
По несреќата, уапсена е 45-годишна Иранка која го управувала возилото без возачка дозвола и била позитивна на алкохол, објавува шпанскиот портал „Диарио Сур“.
Според објавата на Градскиот совет на Коста дел Сол на социјалните мрежи, во несреќата загинале 47-годишна жена, која била патничка во автомобилот вклучен во несреќата, и 25-годишен пешак.
Покрај тоа, уште три лица беа „сериозно повредени“ и им беше укажана итна медицинска помош.
Локалната полиција на Фуенхирола започна истрага за да ги разјасни причините за несреќата. На местото на настанот беа испратени националната полиција и пожарникарите.