Македонија
Алијанса за Албанците: Партиски милитант на ДУИ му се заканува на Таравари и неговото семејство

Заканата по живот на генералниот секретар на Алијансата за Албанците и градоначалник на општина Гостивар, Арбен Таравари и неговото семејство, од страна на партискиот милитант на ДУИ, Хебиб Фејзули, со дебело криминално досие, претставува напад врз политичкиот субјект на Алијанса за Албанците, на граѓаните на Гостивар и на пошироката јавност, порачуваат од Алијанса за Албанците.
„Овој срамен чин, заканата по живот, ја покажува темната страна на ДУИ и нивните партиски експоненти, кои заштитени од законот, си дават право да дејствуваат како локални шерифи, и да идат толку далеку дури со јавно заканување на градоначалник, избран од страна на легитимните гласови на своите граѓани.
Овој вандалски чин на милитантите на ДУИ со познато криминално досие, е продолжување на различни политички опструкции кон Општина Гостивар од страна на СДСМ и ДУИ, откако ги одзедоа ингеренциите во образование, откако ги именуваа старо новите директори до блокирање на буџетот на општината.
Време е милитантите на ДУИ во Гостивар да ја прифатат новата реалност во Гостивар. Гостиварчани ја осудија политиката на ДУИ, токму поради ваквите криминалци и “шерифи”, кои биле недопирливи пред законот и полицијата.
Ја повикуваме полицијата и обвинителството, како и сите други релевантни институции, што е можно поскоро да се преземат конкретни мерки против насилниците и истите да се појават пред лицето на правдата и да ја добијат казната што ја заслужуваат, овозможувајќи му на градоначалникот на Гостивар и на новото општинско раководство да ја вршат својата работа и да ги исполнат ветувањата дадени пред граѓаните на Гостивар, велат од Алијанс аза Албанците.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
32-годишен скопјанец осомничен за разбојништво во Бучимци: маскиран и со ловечки нож ограбил соселанец

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против едно лице осомничено за кривично дело – Разбојништво од член 237 став 4 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Осомничениот 32-годишен скопјанец, на 18 август, маскиран со маица со која си го покрил лицето и капа, преку незаклучена влезна врата влегол во домот на негов соселанец во селото Бучимци. Во рацете држел ловечки нож и кога во една од собите го затекнал сопственикот, му се заканил дека ќе го убие ако не му даде пари.
Оштетениот, исплашен за својот живот, извадил 4.000 денари од комодата, но го замолил разбојникот да му дозволи да задржи барем 1.000 денари, бидејќи му се неопходни.
Осомничениот се согласил и го напуштил местото со 3.000 денари кои противправно ги одзел од сопственикот.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот, бидејќи постојат околности кои укажуваат на опасност од бегство, можност за влијание врз сведокот/оштетен со заплашување и уценување, како и можност да го повтори делото.
Македонија
Зголемена фреквенција на возила на граничните премини Табановце и Богородица

Поради пожар во националниот Парк Јасен, регионалниот пат Р1106 Македонски Брод – Скопје затворен е за секаков вид на возила, извести АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Интензитетот на сообраќајот на патиштата надвор од градските средини е зголемен. Поради летните одмори, се бележи зголемена фреквенција на возила, на ГП „Табановце“ времето на чекање за влез е околу 20 минути, за излез е околу 40 минути.
На ГП „Богородица“ времето на чекање за излез знесува околу 20 минути, додека на останатите гранични премини од македонска страна нема подолги задржувања при влез или излез од државата.
Македонија
Вицепремиерот Николоски во Будимпешта на прослава на Националниот ден на Унгарија

Вицепремиерот Александар Николоски на покана на премиерот на Унгарија, Виктор Орбан, присуствува на Националниот ден кој се слави во чест на Свети Стефан основачот на унгарската држава и христијанството во Унгарија.
Покрај учеството на прославата на националниот ден, предвидени се повеќе средби со високи претставници на владата на Унгарија, неколку министри и потенцијални инвестиции. На средбите е предвидено да се разговара за динамиката на проектите во Македонија како и за идната засилена економска соработка помеѓу двете држави.
Посетата на вицепремиерот е уште една потврда за одличното пријателство и соработката помеѓу Македонија и Унгарија, се додава во соопштението на Министерството за транспорт.