Црна хроника
Разбиена шема во Кавадарци, истрага против 11 лица за фалсификување пари
Основното јавно обвинителство – Велес донесе наредба за спроведување истрага против 11 лица за фалсификување пари, кои потоа ги пуштиле во оптек во Кавадарци. Меѓу нив има и банкарски службеници, кои иако знаеле дека парите се фалш, доволиле трансакции со нив. На седуммина од осомничените им се става на товар дека сториле кривично дело фалсификување пари од чл. 268, а четворица се товарат за кривично дело злоупотреба на службената положба и овластувањето од чл. 353 од Кривичниот законик.
Како што информира Обвинителството, во периодот од април до мај годинава едно од пријавените лица набавило 696 лажни банкноти во апоени од по 50 американски долари, кои видно се разликувале по повеќе обележја од оригиналните банкноти. 137 лажни банкноти осомничениот ги разменил во денари во експозитура на банка во Кавадарци, а потоа искористувајќи ги своите роднински и пријателски врски, сукцесивно во повеќе наврати дал уште вкупно 559 лажни банкноти на лица што во неколку наврати ги продале во банката.
За дел од банкнотите на продавачите не им биле исплатувани пари во денарска противвредност, туку биле извршени трансакции со кои тие ги префрлувале парите од нивно име како заем на сметките на фирмите во сопственост на првоосомничениот и неговото семејство.
Во исто време шалтерските работници во банката извршиле прием на лажните банкноти и притоа не направиле рачна и машинска проверка на бројната точност и автентичност на банкнотите во согласност со банкарските правила и по одобрение од раководителот и заменик-раководителот во банката исплатиле денари во соодветна противвредност. Со неизвршување на своите службени овластувања банкарските службеници ја оштетиле банката исплатувајќи вкупен паричен износ од 1.727.545,00 денари.
Во текот на вчерашниот ден осомничените лица се сослушани од страна на јавен обвинител. Имајќи предвид дека постојат особени околности што укажуваат на опасност од бегство и страв од повторување на кривичното дело, како и влијание врз сведоците што ќе бидат сослушувани во наредниот период, надлежниот обвинител до судијата на претходна постапка при Основниот суд Велес поднесе предлог за определување мерка притвор за првоосомничениот, а за другите осомничени достави предлог за определување други мерки за обезбедување. Судијата на претходна постапка го прифати предлогот и со решение на првоосомничениот му определи мерка притвор во траење од 30 дена.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Приведен 33-годишник во Центар, бил во возило со две малолетнички
Полициски службеници од СВР Скопје вчера околу 22:30 часот, на подрачјето на Центар во Скопје, сопреле патничко моторно возило управувано од З.Т. (33) од Скопје.
Како што информираат од полицијата, во возилото се наоѓале две малолетнички со кои тој се познавал од претходно, но не биле во роднинска врска. З.Т. бил лишен од слобода и со него бил извршен службен разговор во полициска станица.
Службен разговор бил извршен и со двете малолетнички, во присуство на нивните родители, бранител и стручен тим од Јавна установа – Меѓуопштински центар за социјални работи.
Од МВР информираат дека се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот, по што ќе следува соодветен поднесок.
Црна хроника
Малолетничка најдена онесвестена во Карпош, пренесена е на Клинички
Шеснаесетгодишна малолетничка била пронајдена во безсознание вчера околу 14:00 часот на подрачјето на Карпош, информираат од СВР Скопје.
Според пријавата, девојчето итно било пренесено во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ за укажување на лекарска помош. При интервенцијата, кај неа биле пронајдени мало шише со бела прашкаста материја и бела грутчеста материја.
Со малолетничката бил и П.С. (18) од Скопје.
Од полицијата соопштуваат дека се преземаат мерки за целосно расчистување и документирање на случајот.
Црна хроника
Залутан куршум заврши во куќа во Долно Лисиче
Вчера во СВР Скопје, Д.А. од село Долно Лисиче, скопско, пријавил дека, додека седел во дворот од куќата, слушнал истрел, а потоа пронашол заталкано зрно од огнено оружје, кое му го оштетило стаклото од балконот.
Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Скопје, а зрното било подигнато за понатамошна постапка.

