Македонија
(Во живо) Протест во Тимјаник, жителите порачаа: „Сакаме градинка, а не дом за деца со попреченост“
„Сакаме градинка, а не дом за деца со попреченост“, порачаа стотина жители на селото Тимјаник, кои денеска излегоа на протест да го изразат своето незадоволство поради одлуката за отворање мал групен дом за деца со попреченост во ова неготинско село.
Тие на министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, која со претставници на Делегацијата на ЕУ и со претставници на УНИЦЕФ и УНДП го посети отворениот нов групен дом во Неготино, и порачаа дека не се против децата со попреченост, но дека нема да дозволат на оваа локација да се гради дом.
Жителите на селото што се противат на ваквата одлука сметаат дека тоа претставува закана за иднината на нивните деца. Групниот дом за деца со попреченост треба да се отвори во просториите на старата амбуланта во центарот на Тимјаник, каде што ќе бидат префрлени деца од Специјалниот завод од Демир Капија.
Негодувањата се и поради тоа што домот ќе биде во близина на училиште, но и во близина на откупни центри, што според нив ќе биде навистина проблем за згрижување на децата.
„Неготино доби уште еден мал групен дом и да ја видите насмевката на децата, ќе посакате да имаме уште 2.000 вакви места во Македонија. Сакав да слушнам сè што ве плаши и затоа сакам да чујам што вие сакате да кажете, зошто се собравте, што е тоа што ве плаши“, рече Царовска.
Но, жителите на селото не попуштаат – велат дека се загрижени. „Дали јас да останам од работа да го чувам детето или да го носам во градинка оти не го примаат. Објектот е во близина на училиштето и патот, има и откупен пунк. Ние не сме против децата, но овој објект не одговара, тој беше ветен за градинка. Кажете ни каде ние сега да ги згрижиме нашите деца. Секој ден возам по неколку километри за да го носам детето во градинка, а во градинките во Неготино нема место за да ги примат нашите деца“, вели жител на селото.
Тие запрашаа како можел овој објект да се пренамени, кој го посочи овој објект за таа намена? „Оваа идеја постои веќе 11 месеци, сите објекти што се посочуваат како мали групни домови се во сопственост на Министерството за труд. Како е стигнато овој објект да биде градинка, јас не можам да ви кажам затоа што не сте се обратиле до мене со такво барање“, рече Царовска.
Жителите на селото тврдат дека порано биле доставувани барања за изградба на градинка, дека ги дале гласовите на партиите затоа што секоја од нив им ветувала оти ќе се изгради објект за згрижување на нивните деца.
Но, министерката е децидна дека зградата не исполнува услови, ниту стандарди за градинка. „Тоа што ние му го понудивме на градоначалникот е веднаш да излезат лица од Општината, архитекти и проектанти и да кажат дали може да се врши доградба и реконструкција на училиштето за да се добие градинка што ќе згрижува една група деца. До крајот на 2018 година ќе се гради и нова градинка во Неготино. Ако добијам проект за изградба на градинка во Тимјаник, тоа ќе го направам како лична заложба. Посочете ми објект што ги исполнува стандардите“, порача министерката.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Герасимовски: Центар што го сакаме е победнички и во сигурни раце
Кандидатот за градоначалник на Општина Центар од редовите на СДСМ Горан Герасимовски, вечерва во изјава за медиумите потенцираше дека денеска победи Центар што го сакаме, победија граѓаните на фер и демократски избори.
Во продолжиме, Ви го пренесуваме неговото целосно обраќање:
„Денес е голем ден за сите нас. Денес победи Центар што го сакаме! Денес победија граѓаните домаќини, победи прогресивното, модерното, чесното, слободното и правичното! На слободни, на фер и демократски избори!
На почетокот сакам од срце, искрено да се заблагодарам на сите граѓани кои гласаа за мене и за нашата советничка листа. Бидете уверени, го направивте одличниот избор.
Се заблагодарувам на сите Вас, носители на победата, на нашиот Штаб, на сите членови и симпатизери на СДСМ, на сите волонтери, кои макотрпно и вредно, учествуваа во секоја минута од оваа кампања.
Направивме голема, направивме огромна работа! Да се биде градоначалник е врвна чест и признание. Да те изберат двапати, за мене значи најголемо признание и чест. Уште повеќе, тоа за мене е највисока одговорност и обврска, која целосно ја прифаќам и која целосно ќе ја исполнам, заедно со нашиот тим. Како победивме на овие тешки избори? Победивме, затоа што работевме четири години, а не 30 дена. Затоа што ветувавме тоа што е потребно и реално, а не измислени прииказни, филмови и лаги. Затоа што тоа што го ветивме го исполнивме.
Затоа што знаевме да слушаме, да комуницираме, да слушаме од паметните, затоа што обединувавме, а не делевме, затоа што говоревме со јазикот на народот, и не навредувавме и не се каравме. Најважно од се, имавме јасен пат. Знаевме каде, зошто и за кого работиме и се движиме.
Се водевме од принципи, а не од дневна политика. За нас слободата, еднаквоста, солидарноста, правичноста се највисоки вредности и принципи, како жива сила, а не зборови на хартија. Се водевме од чесност и праведност, и секогаш знаевме дека постоиме заради граѓаните, а никако обратно. Е ако така се работи, а ние така работевме, поддршката од граѓаните сигурно доаѓа. Тоа е потешкиот, но единствениот пат.
Во оваа кампања се соочивме со нефер противници. Ако ние водевме фер и конструктивна кампања, тие правеа се спротивно.
Ме навредуваа, ме клеветеа, лажно ме обвинуваа и си ги припишуваа резултатите себе си. И тоа луѓе, наши довчерашни соборци и соборки, кои од нивни, целосно промашени и лични, ефтини, мотиви, решија да бидат на страната на фотељашите, на кариеристите, на властољупците, на неработниците, на профитерите. И како што бива, изгубија. Исчезнаа, пропаднаа, останаа тивки вечерва. Граѓаните ги победија, им пратија трајна порака. Бидејќи Центар е паметен, мудар, искусен, ги препознава лажните ликови и нивните интереси, тие во Центар не поминуваат. Се покажа дека доброто со добро се враќа, работата со признание се враќа, а успехот од сето тоа е заеднички. Уште еднаш се покажа дека силата е во заедништвото, во вистината, во правдата…
Ние ќе продолжиме понатаму како и досега, со силен мотив, со моќна работа да ги спроведуваме ветените Проекти. Затоа што тие им помагаат на граѓаните.
Центар го подигаме на ново, повисоко ниво. Продолжуваме да ја пишуваме нашата заедничка нова приказна. Вечер ќе славиме, а од утре наутро, продолжуваме со силна работа. Сите Ве уверувам, се што кажавме, се ќе исполниме. Ќе бидеме вистинскиот пример и за Центар и за цела држава, за резултати, за чесност, за вредностите. Ќе бидеме оригинален позитивен пример, но и алтернатива на сите погрешни политики.
Сосема на крајот, уште еднаш Ви се заблагодарувам за се што направивте. И сакам емотивно, да се заблагодарам на моето семејство, на Елена, на Стефан и Борјан , на мајка ми Цана и татко ми Дончо, на брат ми Игор и Сандра и внуците, за емотивната поддршка во целиот период. Знаевме дека нема да биде лесно, но и знаевме дека ќе бидеме силни и ќе победиме. Ви благодарам. Драги сограѓани, Центар што го сакаме е победнички, тој е во сигурни, тој е во вашите раце. Да сте живи и здрави, Да живее СДСМ, да живее Центар!“.
Македонија
Првични резултати на ДИК: Орце Ѓорѓиевски освои 93.207 гласови, Амар Мециновиќ 58.994
Според првичните неофицијални резултати на ДИК, кандидатот на Левица за градоначалник на Град Скопје, Амар Мециновиќ, освои 58.994 гласа, а кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ Орце Ѓорѓиевски 93.207 гласа.
Ова се податоци од 97, 66 отсто обработени избирачки места. Во нив се запишани 462.161 избирач, а излегле да гласаат 161.965 гласачи или 35,05 отсто.
Македонија
(Видео) Филипче: Следуваат сериозни кадровски промени во СДСМ
Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, д-р Венко Филипче, на денешната прес-конференција по завршувањето на вториот круг од локалните избори, најави сериозни кадровски и политички промени во рамки на партијата.
„Овие избори се јасен патоказ за СДСМ, а секако и јасен патоказ за мене како претседател на партијата јасно е какви промени треба да се направат, и политички и кадровски. Како што веќе најавив, во следните денови ќе следуваат промени. Ќе се одржат седници на Извршниот и на Централниот одбор на кои ќе бидат презентирани и усвоени тие кадровски решенија“, рече Филипче.
Претседателот Филипче исто така најави и дека партијата ќе свика Конгрес на кој ќе се разговара за идните политики и насоката во која СДСМ ќе се движи во следниот период.

