Македонија
Договорот за името ќе биде потпишан викендов во Преспа, пренесуваат грчките медиуми

Република Северна Македонија е новото име на поранешната југословенска република, коe е договоренo од страна на премиерите Алексис Ципрас и Зоран Заев, пренесуваат грчките медиуми.
Според информациите, договорот ќе биде официјлизиран овој викенд, најверојатно, в сабота во Преспа.
„Договорот би можел да биде објавен денес“, изјавил неименуван претставник на грчката влада, објави „Ројтерс“. Ципрас и Заев вчера остварија телефонски разговор објавувајќи дека разговорот ќе го продолжат и денеска. По вториот разговор, веќе сè би требало да биде јасно.
Атинскиот весник „Ефимерида“ на својата веб-страница пишува дека по првиот вчерашен телефонски разговор меѓу Заев и Ципрас, за најновите детали за решавањето на деценискиот спор, двајцата премиери требало да ги потврдат денеска претпладне, но според најновите информации, тоа ќе го сторат попладне со цел претходно да го информираат специјалниот посредник на ОН, Метју Нимиц, кој се наоѓа во Њујорк.
Според информации од извори во владата на Грција, „Ефимерида“ пишува дека по разговорите со Нимиц и Заев, Ципрас ќе ги информира шефовите на политичките партии во земјата, а потоа во 19 часот ќе го информира и претседателот на Грција, Прокопис Павлопулос.
Веднаш потоа Ципрас ќе ја објави декларацијата за договорот, кој ќе биде потпишан со Заев на заедничката граница во Преспа. Ова место претходно беше избрано како симболично.
Грчките извори наведуваат дека во договорот пишува оти Македонија има јазик што на никаков начин не е поврзан со античкиот грчки, дека земјата нема аспирации кон никакво наследство и дека припаѓа на словенската група народи.
„Скопското прашање: еден чекор до договор“; „Денес се затвора прашањето во Скопје“, „Денес клучен телефонски разговор“; „Северна Македонија е името за кое се согласиле премиерите“, се само дел од насловите во грчките медиуми по вчерашниот разговор на Ципрас и Заев.
Ставот на македонската Влада е дека постигнувањето договор за надминување на спорот што трае повеќе од 25 години е од голема важност за двете земји, особено за нашата држава, која очекува да добие датум за отворање на разговорите за пристап во ЕУ и повик за пристапување во НАТО.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЗНАМ ја поднесе кандидатурата на Мирослав Лабудовиќ за градоначалник на Центар и листата за советници во Советот на Град Скопје

Движењето ЗНАМ денеска ја поднесе кандидатурата на Мирослав Лабудовиќ за Градоначалник на Општина Центар и листата на кандидати за членови Советот на Општина Центар.
„Центар заслужува конечно работите да се решаваат системски, со една јасна визија за многу почист Центар, безбеден Центар, Центар кој има ред и организација. Оваа денешна слика мора да се промени. Центарци знаат што е најдобро за нив. Благодарам на ЗНАМ за довербата и кандидатурата, но исто така благодарен сум на ВМРО-ДПМНЕ за целосната поддршка која ја добивам. Најважни се граѓаните и условите во кои живеат, Центар е наш заеднички дом. Ќе го вратиме сјајот и редот со квалитетни системски решенија. Овој хаос мора да запре. Ќе го ослободиме просторот, ќе го исчистиме, озелениме и повторно ќе го слушаме детскиот џагор во маало. Знаеме како!“ – изјави Лабудовиќ.
Со поднесувањето на кандидатските листи и кандидатурата, ЗНАМ најави нова енергија и одговорност во политиката.
Главните приоритети на ЗНАМ остануваат: • повеќе зелени површини и чиста животна средина, • системски решенија за сообраќајот и инфраструктурата, • почисти и безбедни маала, • враќање на јавниот простор во рацете на граѓаните.
„Ова не е само политичка агенда, ова е заедничка визија за град кој ќе биде гордост на сите нас. Време е да направиме во Центар и градот Скопје да владее ред, чистота, безбедност и урбан живот достоен за неговите жители. Со ова, движењето уште еднаш ја нагласува својата определба за чесна, одговорна и транспарентна политика насочена кон реални решенија и подобар живот за сите граѓани,испраќајќи силна порака дека е подготвено чесно, одговорно и системски да ги решава проблемите на граѓаните”, потенцираше Лабудовиќ.
Едновремено, во Градската изборна комисија беше поднесена листата на советници на Движењето ЗНАМ за Наша Македонија за советот на Градот Скопје. Носител на листата за Советот на Град Скопје е генерал Горанчо Котески, поранешен Началник на Генералштабот на АРМ, човек со долгогодишна професионална кариера и интегритет. Тој порача дека Скопје мора да добие поинаков, со системски пристап во управувањето: „Влегуваме чесно и со јасен план и визија, со волја да ги решаваме проблемите со кои се соочува градот Скопје. Граѓаните заслужуваат функционален, организиран и чист град, а ние знаеме како тоа да го постигнеме,“ изјави генералот Котески.
Македонија
(Видео) Гори фабрика за пластика во Трубарево, црн чад се издигна над Скопје

Голем црн чад се издигна над главниот град, алармираат граѓаните од повеќе скопски населби.
Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов, потврди дека пожарот е пријавен во фирмата „Нула отпад“, но не соопшти дополнителни детали.
Директорот на ЦУК, Мухамед Али, соопшти дека пожарот е пријавен преку бројот за итни повици Е-112 и дека екипи на Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје се веќе на терен, каде гори фабрика за пластични работи.
Повеќе детали ќе бидат соопштени во текот на денот.
Македонија
Македонија го добива првиот Водич за перименопауза – историски исчекор кон системска грижа за женското здравје

За првпат во Македонија, жените и здравствените професионалци добиваат Водич кој се базирана на медицина заснована на докази кој на јасен и практичен начин дава насоки за препознавање, третман и поддршка во периодот на перименопаузата.
Македонската асоцијација на гинеколози и опстетричари (МАГО), во соработка со ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување, денеска на XXI Конгрес на Македонското лекарско друштво пред македонската стручна јавност го претставија Првиот национален Водич за перименопауза – резултат на повеќемесечна работа на мултидисциплинарна експертска група.
Перименопаузата е фаза низ која поминува секоја жена, но до денес во Македонија таа не беше препознаена на институционално ниво, ниту пак постоеја стандарди за тоа како да се третираат симптомите или да се обезбеди соодветна поддршка. Со овој Водич, за првпат се воспоставуваат јасни и унифицирани насоки за матичните гинеколози и семејните лекари, со цел жените да добијат навремена и квалитетна грижа.
Во период кога бројот на жени во перименопауза и постменопауза расте – глобално достигнувајќи над 1,2 милијарди – Водичот за перименопауза претставува одговор на сериозните предизвици со кои се соочува здравствениот систем, како што се зголемениот ризик од кардиоваскуларни заболувања, остеопороза, когнитивен пад и други хронични состојби.
„ХЕРА ја иницираше соработката со МАГО затоа што веруваме дека преку медицина базирана на докази и мултидисциплинарен пристап можеме да го подобриме пристапот до грижа за жените во перименопауза. Овој Водич е прв системски чекор во таа насока.“ – изјави Весна Матевска од ХЕРА.
Водичот содржи систематизирани насоки за:
· рано препознавање и соодветен третман на симптомите,
· едукација на здравствените работници од примарното и секундарното ниво,
· подобрување на информираноста и поддршката на пациентките,
· воспоставување мултидисциплинарен пристап во третманот,
· унапредување на пристапноста до услуги за сите жени.
„Водичот за перименопауза дава основни насоки да не потсети како здравствени работници и соработници кои се симптоми и болести може да настанот во периодот на перименопаузата. Меѓутоа и да помогне на здравствените работници со сите анекси и прашалници, кои ќе бидат од најголема корсит за пациентките кои доаѓаат на преглед кај своите матични лекари и гинеколози“ – изјави проф. д-р Глигор Тофоски.
Со овој Водич, Македонија воспоставува први јасни стандарди за системска грижа за жените во перименопауза.
На денешниот настан свои изјави дадоа:
· Проф. д-р Глигор Тофоски – специјалист по гинекологија и акушерство,
· Проф. д-р Катарина Ставриќ – Претседателка на катедра по семејна медицина,
· Спец. д-р Борислава Спировска – матичен гинеколог,
· Весна Матевска – програмска раководителка во ХЕРА.