Македонија
СДСМ: Македонија се издигна над политките на изолација и поделби

Македонија се издигна над политките на изолација и поделби, идентитетот е загарантиран, македонската иднина обезбедена. Ваква порака испрати владејачката СДСМ, по потпишувањето на Договорот со Грција.
„Преку Договорот се отвораат перспективите на Македонија за членство во ЕУ и НАТО. Ја обезбедуваме македонската иднина, стабилноста, сигурноста, економскиот развој и подобриот живот на сите наши граѓани. Денеска е потпишан Договор којшто обединува и гради пријателство. Конечниот Договор за решавање на спорот со Грција еднаш засекогаш го обезбедува и гарантира нашиот, македонски идентитет, кој веќе никој нема да може да го оспорува или негира. Македонски јазик, Македонци, Македонски, Македонец, Македонка, се обезбедени еднаш засекогаш“, се вели во соопштението на СДСМ.
Партијата вели дека Македонија веќе нема генерации за губење и затоа за овој Договор граѓаните ќе го имаат последниот збор.
„На референдум, согласно законите и Уставот, граѓаните ќе кажат ДА за обезбеден и гарантиран македонски идентитет, ДА за целосна интеграција во ЕУ и НАТО, ќе кажат ДА за македонската иднина“, вели Социјалдемократскиот сојуз на Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
На Табановце и Богородица времето на чекање за влез во државата е околу 1 час

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини Табановце и Богородица времето на чекање за влез во државата изнесува околу 1 час. На останатите гранични премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Претпладне сончево, попладне наместа нестабилно со локален дожд и грмежи

Претпладне сончево со умерена облачност. Попладне наместа ќе биде нестабилно со локален дожд и грмежи. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 12, а максималната ќе достигне од 19 до 26 степени.
Во Скопје, сончево со умерена облачност и со слаб до умерен југоисточен ветер. Попладне во делови од котлината ќе има развој на нестабилна облачност со услови за пороен дожд и грмежи. Минималната температура ќе се спушти до 8, а максималната ќе достигне до 26 степени.
Времето во наредните денови
Од среда на повеќе места ќе биде нестабилно со повремени врнежи од дожд, локално поројни, проследени со грмежи. Дневната температура ќе биде во постепено благо опаѓање.
Македонија
Карпош, Ѓорче Петров и Сопиште денеска без струја

Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· Oд 08:00 до 16:00 часот, дел од корисниците во Стопански Двор. (Општина Ѓорче Петров);
· Oд 09:00 до 13:00 часот,ул.24 с.Сопиште КАЈ ИЦЕ МАК (Општина Сопиште);
· Oд 09:00 до 14:00 часот, дел од корисниците на ул.Ванчо Мицков,во Долно Нерези (Општина Карпош) ;
· Oд 10:00 до 14:30 часот, дел од потрошувачите на ул.Женевска (Општина Карпош).