Свет
Рохани доаѓа во Европа по поддршка против американските санкции
Иранскиот претседател Хасан Рохани тргнува на турнеја во Европа со цел да побара средства за Техеран додека продолжува да се спротивставува на одлуката на САД за откажување од нуклеарниот договор во 2015 година, пренесува „Брејтбарт“.
Австрија и Швајцарија ќе бидат двете главни дестинации на патувањето, при што нивните водачи очекуваат повици да застанат зад Иран по најавата на претседателот Доналд Трамп дека САД ќе се повлечат и ќе наметнат санкции што ќе ги погодат меѓународните бизниси што работат во Иран.
Велика Британија, Кина, Франција, Германија и Русија ветија дека ќе останат во договорот, но нивните компании ризикуваат големи казни ако продолжат да водат бизнис во исламската република.
Иран веќе објави дека бара од земјите на ЕУ да обезбедат средства за исламската република да го почитува нуклеарниот договор издејствуван од Обама. Рохани рече дека Европејците мора финансиски да му надоместат на Иран ако сакаат да го зачуваат нуклеарниот договор.
„Не смееме да дозволиме ова големо достигнување на дипломатијата да биде уништено од унилатералните акции на другите што не ги почитуваат сопствените ветувања“, вели Рохани.
Иран предупреди дека е подготвен да продолжи со збогатувањето на ураниумот на 20 отсто во рок од неколку дена ако договорот се распадне и ја предупреди Европа дека тоа време истекува. Посетите беа најавени во понеделникот од страна на претседателите на двете европски земји, објави „Франс прес“.
Рохани ќе ја посети Швајцарија на 2 и 3 јули, а потоа на 4 јули ќе тргне за Виена. Односите меѓу Техеран и официјален Берн, кој ги претставува интересите на Иран во САД, се продлабочуваат последниве години, а Рохани ќе биде пречекан со целосни воени почести, се вели во соопштението од швајцарското претседателство.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Трамп за Бед Бани: Најлош настап досега и навреда за американската величина
Претседателот на САД, Доналд Трамп, остро го критикуваше настапот на порториканскиот пејач Бед Бани на полувремето на Супербоул, нарекувајќи го „еден од најлошите во историјата“. Трамп, судејќи според објавата на неговата социјална мрежа Truth Social, беше особено вознемирен од настапот на шпански јазик.
Во долга објава, Трамп упати низа обвинувања за настапот.
„Шоуто на полувремето на Супербоул е апсолутно ужасно, едно од најлошите ДОСЕГА! Бесмислено е, навреда за американската величина и не ги претставува нашите стандарди за успех, креативност или извонредност. Никој не разбира ниту збор што го кажува овој човек, а танцувањето е одвратно, особено за малите деца што го гледаат низ САД и светот“, напиша Трамп.
„Ова ‘шоу’ е шлаканица за нашата земја, која секој ден поставува нови стандарди и рекорди! Нема ништо инспиративно во ова хаосно шоу, и ќе видите, ќе добие одлични критики од лажните медиуми затоа што немаат поим што се случува во РЕАЛНИОТ СВЕТ. И, патем, НФЛ треба веднаш да го промени своето смешно ново правило за почеток на натпреварот. ДА ЈА НАПРАВИМЕ АМЕРИКА ПОВТОРНО ГОЛЕМА! Претседател ДОНАЛД Џ. ТРАМП“, заклучи тој.
Бед Бани, чие вистинско име е Бенито Антонио Мартинез Окасио, настапи на Супербоул само една недела откако ја освои наградата Греми за албум на годината за неговиот албум „DeBÍ TiRAR MáS FOToS“. Тој беше најслушаниот изведувач на Spotify во 2025 година, а според податоците на стриминг услугата, тој е на врвот на годишните плејлисти „Wrapped“ на корисниците четири години по ред.
Конзервативната организација Turning Point USA објави и организираше алтернативно шоу на полувремето за секој што не сакаше да го гледа Бед Бани. На тој настан, Кид Рок, познат како поддржувач на Трамп, настапи како главна ѕвезда. Организацијата, основана од покојниот активист Чарли Кирк, рече дека целта на „целоамериканскиот настап“ била да се прослави „американската вера, семејство и слобода“.
Европа
Москва: Полска е вмешана во обидот за атентат врз генералот
Руската разузнавачка служба ФСБ тврди дека обидот за атентат врз генералот Владимир Алексеев во петокот бил нарачан од Украинската безбедносна служба. ФСБ, исто така, вели дека полското разузнавање било вклучено во регрутирањето на напаѓачот, објави новинската агенција Интерфакс.
Не се понудени докази за тврдењата. Украина негира каква било вмешаност, додека Полска сè уште не ги коментирала обвинувањата. Во меѓувреме, руските безбедносни претставници објавија дека руски државјанин роден во Украина бил екстрадиран од Дубаи во Москва вчера. Тој е осомничен дека сериозно го повредил генералот Алексеев.
Алексеев, заменик-шеф на ГРУ, руската воена разузнавачка служба, бил застрелан во неговата станбена зграда во Москва во петокот и итно префрлен во болница. Руските истражители објавија во петокот дека непознат напаѓач испукал неколку куршуми кон генералот и избегал. Според Комерсант, Алексеев бил успешно опериран во саботата и се освестил, но сè уште е под медицински надзор.
Европа
Татко ја убил ќерката во Австрија, а потоа се самоубил: телата лежеле неоткриени со недели
Во Австрија, 51-годишен маж ја убил својата 19-годишна ќерка, а потоа извршил самоубиство, а злосторството останало неоткриено со недели.
Семејната трагедија излегла на виделина дури откако нивните тела биле пронајдени во одделни станови, пишува австрискиот „Хојте“.
Таткото и ќерката, двајцата од унгарско потекло, се сметале за исчезнати и биле пронајдени три дена откако нивното исчезнување било пријавено во полицијата.
Полицијата прво го пронашла голото тело на 19-годишната девојка, кое веќе било во напредна фаза на распаѓање, во станот во градскиот кварт Вимпасинг. На него немало надворешни повреди. Кратко потоа, таткото исто така бил пронајден мртов во својот стан, на десет минути пешачење, а состојбата на телото била слична.
Криминалистичката полиција претпоставува дека таткото ја убил својата ќерка пред неколку недели, најверојатно со задушување. Се верува дека веднаш потоа си го одзел животот. Не е пронајдена самоубиствена порака, па затоа нема веродостојни информации за мотивот. Сепак, истражителите се сомневаат дека болеста или инвалидитетот на ќерката можеби одиграле улога.
Злосторството е откриено на 26 јануари, а полицијата сега смета дека е решено. Доказите собрани на местото на настанот, како и обдукцијата, ја исклучија вмешаноста на трети лица.

