Македонија
Димитров во Софија на Конферецијата на комисиите за европски прашања на националните парламенти
Министерот за надворешни работи, Никола Димитров учествуваше на конференијата на Комисијата за европски прашања на националните парламенти на земјите-членки на ЕУ и на земјите-кандидати во Софија, која се одржува во рамките на ротирачкото бугарско претседавање со Советот на Европската унија.

Димитров се заблагодари на бугарското претседателство за поддршката и ги претстави историските исчекори кои Република Македонија ги презема во контекст на затворање на отворените прашања со своите соседи, како и последните преземања на планот на домашни реформи, што се сериозна потврда за еден процес на созревање на земјата.
“Ова е Регион кој географски не е на маргините на ЕУ, туку остров опкружен со земји членки на ЕУ. Самото тоа е доволен аргумент дека политичкиот фокус на ЕУ кон Регионот, исто така не треба да биде маргинален…И ваквото внимание ние немаме луксуз да не го сфатиме сериозно” рече Димитров.

Димитров оствари и неколку билатерални средби и куси разговори со парламентарци од повеќе земји членки на ЕУ, како и со својот домаќин Кристиан Вигенин и МНР Екатерина Захариева, која се обрати на истата сесија заедно со Министерот. Министерот засебни средби оствари со француската парламентарка и претседателка на Комисијата за европски прашања на Националната асамблеја на Франција, Сабин Тилеј, со холандската парламентарна делегација, предводена од претседателот на Комитетот за европски прашања во холандскиот претставнички дом, Малик Азмани, а имаше и работен ручек со членови од германската парламентарна делегација, предводена од претседателот на Комитетот за ЕУ прашања во германскиот Бундестаг, Гунтер Крихбаум, како и разговори со Лилијана Танги.

За време на средбите, Димитров информираше за постигнатиот историски исчекор во контекст на односите со Грција и за претстојните чекори и предизвици на тој план и замоли за поддршка од европските партнери за отворање на европскиот пат за Република Македонија, кој е од суштинско значење во претстојниот период во однос на натамошна имплементација на договорот со Грција.

Позитивната одлука на ЕУ ќе биде истовремено и целосно заслужена валоризација на реформските резултати на домашен план. Од соговорниците беа упатени честитки за покажаното водство, искрена политичка волја и храброст во постигнувањето на заемно прифатливо решение меѓу Република Македонија и Грција.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Успешно спасени двајца вработени во мобилен оператор заглавени во снег кај Лазарополе
Двајца вработени во мобилниот оператор А1 синоќа беа заглавени во снег кај село Лазарополе, во близина на базната станица на операторот, информираат од Министерството за внатрешни работи.
Случајот бил пријавен во 23:30 часот, откако со лицата не можело да се воспостави контакт поради отсуство на мобилна мрежа. Веднаш по пријавата, во акцијата биле ангажирани припадници на Одделот за специјални полициски операции, Одделот за униформирана полиција, како и на Дирекцијата за заштита и спасување.
Со две теренски возила, опремени со санки за снег и спасувачка опрема, екипите се упатиле кон местото на настанот.
„Денеска (11.01.) во 08:30 часот, лицата биле пронајдени и успешно извлечени во добра здравствена состојба. Станува збор за лицата Г.Н. (47) и М.М. (37), двајцата од Скопје, кои се движеле со теренско возило марка „VW Amarok“ со скопски регистерски ознаки.
Тие биле пронајдени на локација позната како „Коритник“, во близина на предавателот на мрежата на А1, на атарот на село Лазарополе“, стои во објавата на МВР.
Македонија
Во Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа се одржуваат повторени избори за градоначалник
Во општините Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа денеска се одржуваат повторени избори за градоначалник, откако во првиот круг од локалните избори не беше постигната потребната излезност.
Гласањето започна во 7 часот и ќе трае до 19 часот.
Согласно Изборниот законик, за избор на градоначалник потребно е еден од кандидатите да добие мнозинство од гласовите на излезените гласачи.
Вчера гласаа болните и изнемоштените лица, како и затворениците.
Државната изборна комисија во текот на денот ќе информира за текот на гласањето и излезноста, а првичните резултати се очекуваат по доставувањето од општинските изборни комисии.
Македонија
Променливо облачно и студено време со повремен снег
Времето денеска ќе биде променливо облачно и студено, со повремени локални врнежи од снег во претпладневните часови. Попладне се очекува врнежите постепено да престанат.
Од Управата за хидрометеоролошки работи информираат дека ќе дува умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Утринските температури ќе се движат од минус пет до два степена, додека дневните ќе достигнат од минус еден до пет степени.
Во Скопје времето ќе биде променливо облачно, претпладне со повремени врнежи од дожд и снег. Ќе дува слаб до умерен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до минус еден степен, а максималната ќе достигне околу три степени.
Според најавите од УХМР, од почетокот на следната седмица се очекува стабилизирање на времето. Под влијание на поле на висок воздушен притисок, ќе преовладува суво и студено време, а на одделни места утринските температури ќе се спуштат и под минус десет степени.

