Македонија
(Видео) Архитектите не сакаат да проектираат болница за 12 денари по квадрат, Филипче ги повикува на дискусија
Тендерот што го распиша Министерството за здравство на кој се бара идејно решение за нова градска болница на местото на Мајчин дом во Аеродром, ги налути архитектите. Тие сметаат дека наградите од 5000, 2000 и 1000 евра за трите најдобри решенија се понижувачки и го обезвреднуваат трудот на архитектите. Пресметале дека за 12 денари по квадратен метар треба да проектираат објект со намена болница, а забелешки имаат и за дадениот рок од 35 дена во кој треба да го подготват решението.
Асоцијацијата на архитекти на Македонија (ААМ) во петокот електронски испратила допис до Министерството за здравство во кој бараат продолжување на рокот и зголемување на наградниот фонд, а вчера дописот го доставиле и на хартија. Се уште немаат одговор од Министерството.
Министерот за здравство Венко Филипче во изјава за „Макфакс“ вели дека е подготвен да ги слушне барањата на архитектите.
„ Спремни сме за дискусија. Ние го распишавме огласот заедно со луѓе кои што членуваа во нашата мини работна група кои се членови на здружението на архитекти. Финансиските можности ни се ограничени, не располагаме со неограничени средства, така да спремни сме да разговараме апсолутно“, рече министерот Филипче.
Претседателот на ААМ, Мартин Пановски смета дека требаат измени не само во овој тендер туку и законски за да се вреднува трудот на архитектите.
„Не може на ист начин да се бара вреќа компири и архитектонско решение. Ова е можеби и побезболен начин за архитектите оти ако се оди на јавна лицитација уште повеќе може да падне цената оти се пријавуваат не архитекти туку градежници и фирми кои немаат врска со архитектура и ја намалуваат цената, а критериумот најчесто е најниска цена. За овој објект конкретно, нормален износ за прва награда би требало да биде околу 10.000 евра, а рокот место 35 дена треба да биде два месеци, поради сериозноста на зафатот“, вели Пановски.

На местото на Мајчин дом во Аеродром ќе се изгради петкатница за новата градска болница
Новата градска болница треба да се гради на местото на Мајчин дом во Аеродром, за кој се планира уривање. Болницата ќе биде петкатница, односно ќе има приземје и четири ката со вкупна површина од 18.640 квадратни метри. Во тендерот стои дека архитектите треба да предвидат сместување за 240 пациенти и простор за работа на 280 медицински лица, 110 лица технички персонал и 30 лица кои ќе работат администрација.
Во нејзе ќе се пресели персоналот од сегашната болница „Св. Наум Охридски“ сместена во центарот на градот во близина на Собранието на Република Македонија. Сегашниот објект пак се размислува да се продаде како деловен простор.
„ Тоа е само една од опциите. Се разгледува како вредно земјите што може да го инвестираме како сума на пари кога тоа би се издало или продало за изградба на новата болница. Старата градска болница треба да функционира до моментот додека новата биде спремна да ги преземе сите пациенти кои ќе бидат таму третирани. Тоа е планот и така ќе направиме, а се друго во однос на сегашната градска болница ќе дојде после тоа “, вели министерот Филипче.
Иако во оваа фаза е тешко да се каже, министерот очекува новата болница да биде комплетирана за две до три години.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Минчев на средба со амбасадорката на Република Словачка
Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, оствари протоколарна средба со новоименуваната амбасадорка на Република Словачка, Н.Е. Ивета Хрицова.
На средбата беше истакнато пријателското партнерство меѓу двете земји, со посебен акцент на можностите за унапредување на соработката во областа на јавната администрација, реформските процеси и размената на искуства и добри практики насочени кон зголемување на ефикасноста, транспарентноста и професионализацијата на административните служби.
Министерот Минчев, ја нагласи посветеноста на Министерството кон спроведување на реформите во јавниот сектор, усогласени со европските стандарди, како и значењето на меѓународната соработка во овој процес.
„Реформата на јавната администрација претставува клучен столб за добро управување и зајакнување на довербата на граѓаните во институциите. Искуствата и поддршката од пријателските земји, како Република Словачка, имаат значајна улога во унапредувањето на институционалните капацитети и имплементацијата на современи административни практики“, истакна Минчев.
Двете страни изразија подготвеност за понатамошно продлабочување на билатералната соработка и поддршка на реформските приоритети во областа на јавната администрација, потенцирајќи ја важноста на континуираниот дијалог и институционалната размена.
Македонија
(Видео) Лукаревска: Владата предлага ново задолжување од 20 милиони евра без информации за каматата
Пратеничката на СДСМ, Сања Лукаревска, денеска изјави дека Владата во Собранието поднела Предлог-закон за ново задолжување од 20 милиони евра, наменето за изградба на фискултурни сали, без да достави информации за висината на каматната стапка.
Лукаревска оцени дека државата се наоѓа во финансиски тешка состојба и дека задолжувањето, според неа, оди во опасна насока. Таа посочи дека нема средства за зголемување на платите, за минимална плата од 600 евра и за нови мерки за поддршка на животниот стандард на граѓаните, додека, како што рече, секојдневно се реализираат милионски тендери кои ги добиваат исти фирми блиски до власта.
Според Лукаревска, во државниот буџет недостигаат околу една милијарда евра, а владата таа дупка ја пополнува со нови задолжувања кои, како што наведе, ќе ги отплаќаат идните генерации.
Таа потсети дека Владата веќе се задолжила со една милијарда евра од Унгарија, 660 милиони евра на домашниот пазар, како и 100 милиони евра преку државни обврзници во декември 2025 година, а најавено е и ново задолжување од шест милијарди евра.
Лукаревска се повика и на проекциите на Светската банка, според кои јавниот долг годинава ќе достигне 62,9 отсто од БДП, што, според неа, ја прави државата најзадолжена во Западен Балкан.
Пратеничката на СДСМ порача дека нивните пратеници ќе се спротивстават на ова и на секое идно задолжување, повикувајќи ја Владата да го повлече предлогот, да ги намали трошоците и задолжувањето и да обезбеди средства за граѓаните.
Македонија
Уапсено лицето што го оштети стаклото на влезната врата на бугарската амбасада во Скопје
Полициски службеници од МВР денеска (12 јануари 2026 година) во 12:40 часот на улицата Кирил и Методиј во Скопје го приведоа Ш.А. (54) од овој град, поради сомнение дека вчера го оштетил стаклото на влезната врата на амбасадата на Република Бугарија во Скопје.
Веднаш по добиената пријава за инцидентот биле преземени мерки и активности за пронаоѓање на сторителот и расчистување на случајот, по што Ш.А. бил лишен од слобода. По целосно документирање на настанот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава.
Инцидентот се случи вчера, 11 јануари 2026 година, кога беше пријавено оштетување на стаклото на влезната врата на Амбасадата на Република Бугарија. Според претходните информации од МВР, оштетувањето било забележано преку системот за видео надзор, а сторителот со удар со рака го оштетил стаклото и се оддалечил од местото.
Инцидентот беше остро осуден од бугарското Министерство за надворешни работи, кое го оцени како напад врз дипломатската мисија. Реакција имаше и од министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски, кој го осуди настанот, оцени дека станува збор за изолиран случај и нагласи дека институциите реагирале брзо и ефикасно.

