Македонија
Бројот на мигранти секоја година поголем неколку милиони
Воено-политичките конфликти и прогоните од родните земји се главните причини поради кои луѓето во изминатите неколку години се решаваат да ги напуштат своите домови и да избегаат во други земји. Податоците на меѓународните организации покажуваат дека изминативе пет години бројот на бегалци во светот постојано расте и од година на година бележи нов рекорд. Според извештајот на Високиот комесаријат за бегалци на ОН (УНХЦР), во 2017 биле регистрирани 68,5 милиони бегалци, што е три милиони повеќе отколку во 2016 година.
Меѓународните организации го одбележуваат светскиот ден на бегалците, на кој УНХЦР потсетува дека речиси 70 отсто од лицата што бегаат преку граница потекнуваат од пет земји: Сирија, Авганистан, Јужен Судан, Мјанмар и Сомалија. Повеќе од половина од овие мигранти се малолетни, а во голем дел од случаите станува збор за деца кои при бегањето се раздвоени од своите семејства и на неизвесното патување се оставени без родителска заштита. Податоците покажуваат дека многу голем дел од бегалците се прифатени и згрижени од држави што имаат ниски или средни приходи на жител, а не од побогати земји каде што населението има високи приходи. Досега најмногу бегалци згрижила Турција, по што следуваат Пакистан, Уганда, Либан, Иран и Германија. Според меѓународните организации, загрижувачките растечки бројки за бројот на бегалци и внатрешно раселени лица во светот се аларм за богатите држави да покажат поголема хуманитарна одговорност кон овие лица.
Во изминатите 3 години бегалската криза предизвика бурни промени во целиот свет, вклучително и во балканските земји, тестирајќи ги актуелните влади и политичари во почитувањето на законските рамки и основните човекови права. Иако голем број бегалци беа прифатени во Европа, значително голем е и бројот на оние што ги изгубија своите животи на европска почва. На патот кон Европа тие често наидуваа на омраза, ксенофобија и одбивање од страна на државите и граѓаните, а во поретки ситуации на отворени раце и добредојде.
Една од земјите што во изминатите 3 години се најде засегната како дел од таканаречената балканска рута е и Македонија. Со цел да го одбележи светскиот ден на бегалците, Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија денеска организира тркалезна маса со наслов „Новиот закон за азил – подобра или полоша законска рамка за бегалците?“, на која се дискутира за новиот Закон за меѓународната и привремената заштита. На тркалезната маса учествуваат експерти за човекови права и правни експерти, кои укажуваат на практичните импликации на новиот закон за азил, како и предизвиците што ги отвора ова законско решение.
Овој настан се организира во рамките на проектот Help on the Route, кој има цел да го крене интересот на јавноста за позицијата и да ја подобри заштитата на човековите права на мигрантите, вклучително и барателите на азил што минуваат низ Македонија и Србија. Проектот го имплементира Фондацијата „Ана и Владе Дивац“. Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија е партнер во овој проект заедно со новосадскиот хуманитарен Центар и здружение на самарјанските работници. Дел од акцијата се и пет македонски и 15 српски организации кои работат на полето на миграцијата и барателите на азил.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Родителите на децата загинати во Пулс порачаа дека правда мора да има
Родителите на загинатите во трагичниот пожар во „Пулс“ поладнево на „Марш за ангелите“ порачаа дека нема да дозволат одговорните за трагедијата на нивните деца да ја избегнат правдата, иако, велат на обвинителната купа седат само дел од лицата поврзани со трагедијата.
-Суштината е одговорноста. Факт е дека денес на обвинителна клупа седат дел од лицата поврзани со трагедијата. Но, исто така факт е – болен, непобитен факт – дека постојат луѓе со многу поголема моќ, обврски и надлежности, кои воопшто не се ни опфатени. Луѓе кои имале должност да спречат, а не спречиле, рече Александар Наунов, претседател на Здружението на граѓани „16 Март 2025 Кочани“.
Тој, во изјавата за медиумите, истакна дека се најавува свикување колегиум на обвинителите за повторно разгледување и евентуално ослободување на дел од обвинетите.
-Колегиумот (на обвинители) може да прегледува документи, но не може да брише факти, не може да брише пропусти, не може да брише нечии должности што биле игнорирани. Не може да избрише нечие непостапување кога тоа било прашање на живот и смрт, смета претседателот на ЗГ „16 март 2025 Кочани“.
Според Наунов, суштината не е во тоа кој трчал, кој се плашел, а кој спасувал, туку кој имал должност, а не ја извршил.
-Ние не сме овде за одмазда. Ние сме овде за правда. За ред. За систем што ќе ги штити децата – не систем што ќе ги остави да загинат. Родителите никогаш не се откажуваат. Можеби ќе нè уморите, но нема да нè скршите. Можеби ќе не одолговлекувате, но нема да не замолчите. Вистината ќе излезе на виделина, рече Наунов.
Протестниот марш денеска започна од „Паркот на Револуцијата“, а заврши пред Основниот суд и обвинителство во Кочани.
Македонија
Претседателката за утре го свика Советот за безбедност
По извршените консултации претседателката Гордана Сиљановска – Давкова за утре – 1 март 2026 година, закажа седница на Советот за безбедност.
Како што соопштија од Кабинетот на претседателката Сиљановска – Давкова, седницата ќе започне во 18 часот во Вилата Водно, а на дневен ред ќе биде безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.
Македонија
Агресивен карцином кај 10-годишната Ева, се бараат донации
Десетгодишната Ева е девојче кое се бори со агресивна форма на остеосарком (редок малиген рак на коските) кој бара интензивен и долготраен третман.
„Ви се обраќам во име на моето семејство и за најважната личност во нашиот свет, Ева, која е радосно, љубопитно, отворено, храбро десетгодишно дете кое одеднаш се соочува со борбата на својот живот. Нашето мало сонце се бори со агресивна форма на остеосарком (редок малиген рак на коските) кој бара интензивен и долготраен третман.
Овој вид на дијагноза не може да се лекува во Македонија, бидејќи нема центри ниту експертиза за да се обезбеди потребната грижа и третман. Туморот е класифициран како високостепен и брзо се шири, лекарите советуваа итно лекување во странство во специјализирани центри.
Времето и дејствувањето се критични. Во моментов таа е примена во специјализирана клиника во Минхен – Германија, каде што ја завршуваме последната фаза од дијагностиката (закажан термин за ПЕТ/КТ скенирање следната недела, по МРИ, биопсија, рендгенски снимки и крвни проверки).
Од она што го знаеме, третманот ќе следи во три фази:
1. Приближно два месеци интензивна хемотерапија
2. Хируршко отстранување на туморот
3. Дополнителни шест месеци хемотерапија“, стои во објавата.
Средствата се наменети за покривање на трошоците за медицинското лекување во Германија. Донации за помош на малата Ева може да се дадат на следниот линк.

