Култура
Премиера на филмот „Височините“ во Скопје

По повод потпишувањето на договорот за добрососедство помеѓу Република Македонија и Република Бугарија во киното „Фросина“, во Младинскиот културен центар се одржа премиерата на играниот филм „Височините“, во режија на Виктор Божинов. Филмот е инспириран од истоимениот роман на Милен Русков, кој во 2016 година ја доби престижната награда Европски роман на годината.
Приказната во филмот започнува во 1872 година. Младиот револуционер Гичо е со бандата на Димитар Обштиот. Гичо го носи со него Асенчо, млад пастир од селото Жеревна, кој е страсно инспириран од активностите на претстојната револуција. Во инает на забраната издадена од Централниот револуционерен комитет, Димитар Обштиот со својата банда врши кражба на турски приходи од данок. По операцијата на кражбата на златниците, Димитар Обштиот му доверува на Гичо една посебна мисија, да испорача на рака писмо до главниот револуционер, познатиот Левски. Гичо ја прифаќа задачата со гордост и заедно со Асенчо тргнуваат на пат кон Височините да го најдат Левски, кој секогаш се чини дека е ден пред нив.
По огромниот успех во Бугарија и повеќе од 150.000 гледачи во киносалите, „Височините“ доаѓа во кината и кај нас. По светската премиера на филмот на филмскиот фестивал од А-категорија во Москва и наградата на Софискиот филмски фестивал, „Височините“ продолжува да чекори и со успешен фестивалски живот. Во моментот филмот е на редовниот кинорепертоар во киното „Милениум“ во Скопје, а потоа и во киносалите во Република Македонија.
Филмот е работен по сценарио на Милен Русков, Нели Димитрова и Виктор Божинов, кој воедно е и режисер на филмот. Во главните улоги се Александар Алексиев, Владимир Михаилов, Стојан Дончев, музиката е на Петар Дундаков, директор на фотографија е Антон Бакарски, монтажер на филмот е Нина Алтипармакова, а продуценти се Иван Дојков и Огнен Антов.
Филмот е во копродукција помеѓу Република Бугарија и Република Македонија, а во продуцкија на Serpentine, Dream Factory Macedonia, All Stars in, Nu Boyana Film Studios, а е финансиски е поддржан и од страна на „Еуримаж“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Доделени наградите на 59. МТФ „Војдан Чернодрински“ – Прилеп

Претставата „12“ во режија на Синиша Евтимов ја доби наградата за уметничко остварување на претставата во целина на 59. МТФ „Војдан Чернодрински“.
Жирито во состав Лилија Абаџиева, претседател и членовите Иван Меденица и Нела Оташевиќ, ја додели наградата со мнозинство гласови, а на истата претстава ја додели и специјалната награда за колективна актерска игра за ансамблот на МНТ.
На прес-конференцијата што се одржа денес во Центарот за култура во Прилеп, уметничкиот директор Ана Стојаноска се заблагодари на жири-комисијата и на сите што го поддржаа фестивалот.
„59. издание на МТФ беше исклучително интересно, возбудливо со многу предизвици. Се заблагодарувам на жири комисијата. Наградата за најдобра претстава од публиката ја доби претставата „Слепци“ и прв пат имавме оценка 5.00 од публиката“, истакна Стојаноска.
Чест ми е што бев воопшто од оваа комисија, ова е многу важно – мојата работа во театарот многу пати со македонската култура, сум правела претстави овде, во едни од најзначајните театри, колку што ги ценам наградите по светот, толку и наградата за режија што сум ја добила во Македонија, рече Абаџиева.
-Ова не го кажувам за да ве запознаам со себе, ама да кажам дека уметноста гради мостови кои политичарите не можат да ги изградат. Овие културни мостови кажуваат дека уметниците немаме предрасуди – рече Абаџиева.
Таа ја пофали играта на актерите на „12“, но пред се, „режисерот Синиша Евтимов кој создава ситуација“.
-Актерско достигнување на секој еден актер од екипата, дава претстава на системот на Станиславски и методот на Ли Стразберг, за автентичното живеење на сцената, би кажала, по учебник. Екипната актерска работа во претставата „12“ ни говори за театарот тука и сега. Тоа се бескрајно талентирани актери со големо партнерство, но се гледа и борба меѓу нив или со јазикот на филмот – тоа е како да имаме еден филмски кадар. Секој актер е дел од таа исклучителна работа, создава атмосфера и чувство на публиката како да сме воајер – рече Абаџиева.
Членот на жирито Иван Меденица посочи дека има чувство дека македонскиот театар е во криза и дека за 60.издание треба да се отвори ова прашање. Нела Оташевиќ ја пофали организацијата на фестивалот, волонтерите и целиот тим.
Ова се награди на 59. МТФ „Војдан Чернодрински“:
1.Награда за рекламен материјал со мнозинство на гласови доделува на Медина Хоџа за рекламниот материјал од претставата „Слепци“ во изведба на НУ Турски театар – Скопје.
2.Награда за кореографија и сценски движења со мнозинство на гласови се доделува на Васил Зафирчев за кореографија и сценски движења во претставата „Рацин“ во изведба на НТ „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“ – Велес.
3.Награда за музика „Филип Стевановски“ едногласно се доделува на Сашко Костов за музиката во претставата „Рацин“ во изведба на НТ „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“ – Велес.
4.Награда за костимографија едногласно се доделува на Самка Фери за костимите во претставата „Ричард III“ во изведба на НУ Албански театар – Скопје.
5.Награда за сценографија едногласно се доделува на Валентин Светозарев за сценографија во претставата „Рацин“ во изведба на НУ НТ „Јордан Хаџи-Константинов Џинот“, Велес.
6.Награда за современа сценска драматизација и адаптација едногласно се доделува на Јелена Цветановска за драматизација и адаптација на текстот „Црно семе“ во претставата „Црно семе“ во изведба на НУ Народен Театар – Битола.
7.Награда за современ драмски текст со мнозинство на гласови се доделува на Ана Ристоска Трпеноска за текстот „Парови“ во претставата „Парови“ во изведба на НУ Драмски театар – Скопје.
8.Награда за млад актер „Трајко Чоревски“ со мнозинство на гласови се доделува на Атанас Атанасовски за улогата на Оскар Медисон во претставата „Пар-распар“ во изведба на НУ Театар Комедија Скопје.
9.Награда за млада актерка едногласно се доделува на Слаѓана Вујошевиќ за улогата во претставата „Слепци“ во изведба на НУ Турски Театар – Скопје.
10. Награда за женска епизодна улога со мнозинство на гласови се доделува на Маја Љутков за улогата на Гвендолин Пиџн во претставата „Пар распар“ во изведба на НУ НТ Комедија.
11.Награда за машка епизодна улога „Димче Трајковски“ со мнозинство гласови се доделува на Оливер Митковски за улогата на 10 во претставата „12“ во изведба на НУ МНТ Скопје.
12.Награда за главна женска улога едногласно се доделува на Марија Минчева Андонов за улогата на Мајката во претставата „Сите прекрасни нешта“ во изведба на НУЦК „Ацо Шопов“ – Штип.
13.Награда за главна машка улога едногласно се доделува на Мартин Мирчевски за улогата на Доне Совичанов во претставата „Црно семе“ во изведба на НУ Народен театар Битола.
14.Награда за режија со мнозинство гласови се доделува на Ќендрим Ријани за режијата на претставата „Слепци“ во изведба на НУ Турски театар – Скопје.
15.Награда за уметничко остварување на претставата во целина со мнозинство гласови се доделува на ансамблот на НУ МНТ за уметничко остварување во претставата „12“.
– Специјална награда за колективна актерска игра едногласно се доделува на ансамблот на НУ МНТ – Скопје за претставата „12“.
Со врачување на наградите и со изведба на претставата „Вистината 2“ на Театар Комедија вечерва ќе биде спуштена завесата на 59. МТФ „Војдан Чернодрински“.
Култура
Претставата „12“ на МНТ добитник на три награди на МТФ „Војдан Чернодрински“

На овогодинешниот 59. МТФ „Војдан Чернодрински“ претставата „12“ е добитник на три награди. Жири-комисијата, во состав: Лилија Абаџиева – театарска режисерка и педагог, претседателка на жирито; Нела Оташевиќ – продуцентка во Црногорско народно позориште и Иван Меденица – театролог и универзитетски професор, ги додели: наградата за уметничко остварување во целина и специјална награда за колективна игра за претставата „12“, како и наградата за машка епизодна улога „Димче Трајковски“ на Оливер Митковски во истоимената претстава.
Македонскиот народен театар со претставата „12“, по мотиви на Реџиналд Роуз (12 Angry Men), во адаптација и режија на Синиша Евтимов, на 6 јуни го отвори фестивалот и учествуваше во официјалната натпреварувачка програма, во конкуренција со уште осум театарски куќи.
Во претставата настапува извонредна актерска екипа, која ги освои и домашниот и меѓународниот аудиториум: Ѓорѓи Јолевски, Гораст Цветковски, Тони Михајловски, Никола Ристановски, Благој Веселинов, Александар Микиќ, Игор Џамбазов, Јордан Симонов, Нино Леви/Сенко Велинов, Оливер Митковски, Владо Јовановски и Сашко Коцев.
Култура
Награда во Еквадор за „Јон Вардар против галаксијата“

Првиот македонски анимиран долгометражен филм „Јон Вардар против Галаксијата“ ја освои наградата за најдобар долгометражен филм на 9. Филмски фестивал во Портовјехо, Еквадор.
Фестивалот се истакнува по својата програма која промовира иновативни и храбри филмски дела од целиот свет. Ова е четврта фестивалска проекција на филмот во Латинска Америка, по претходните успешни учества во Аргентина и Бразил.
„Чест ми е што Јон Вардар ја продолжува својата галактичка одисеја низ Латинска Америка, тоа е признание не само за нашата екипа, туку и за целата македонска анимација. Топлината и љубопитноста на оваа публика совршено се поклопуваат со бунтовниот и хумористичен дух на филмот“, вели режисерот Гоце Цветановски.
Балканскиот хумор, сатиричниот тон и универзалните теми на филмот ја освојуваат и латиноамериканската публика.
Филмот е во сценарио и режија на Гоце Цветановски, арт директор е Михајло Димитриевски – Тхе Мичо, продуцент е Алан Кастиљо, а главните улоги ги толкуваат Жарко Димоски, Емилија Мицевска и Дамјан Цветановски.