Македонија
(Видео) Ристов: Како опозиција СДСМ беше против градежната експанзија во Карпош, сега ја поддржува
Владејачкиот СДСМ не го поддржа барањето на Левицата и „Коалицијата О2“ за носење одлука за запирање 29 урбанистички планови за кои беа приложени аргументи за прекршување во процедурата за изградба на згради во Карпош иако во предизборната кампања држеа прес-конференции и ги спореа овие ДУП-ови, рече Бранко Ристов, советник од Левицата во Општина Карпош.
„СДСМ, додека беше во опозиција, ги оспоруваше овие 29 ДУП-а и за нив претставуваа уште еден криминален бизнис на тогашната власт, а сега молчат“, рече Ристов.
Советникот од Левицата на седницата на Советот на Карпош на 5 јуни испратил барање за носење одлука за запирање на овие 29 урбанистички плана, но барањето било одбиено со образложение дека се работи за комплексен процес и е потребно време да се разгледа и процесира тоа. Во согласност со овој заклучок, Ристов на 19 јуни повторно побарал точката да се стави на дневен ред, односно на 12. седница на Советот, која би требало да се одржи во јули за кога се надева дека овој пат точката ќе биде прифатена.
„Масовната узурпација на јавниот простор преку градежната експанзија што беше аминувана од минатата гарнитура е еден од најзначајните проблеми на жителите на Карпош. Овие ДУП-ови не само што создаваат еколошки проблеми туку и инфраструктурни. Овој проблем беше главното барање на жителите на општината. Со оглед на тоа дека се работи за згради во фаза на изградба, потребно е брзо дејствување по овој предмет“, рече Ристов по што додаде дека една од спорните згради е и онаа на „Настел“, во која неодамна избувна пожар.
Ристов исто така истакна дека една граѓанска иницијатива за останување на законитоста и уставноста на постапката за донесување четири ДУП-а е веќе поднесена до Уставниот суд, но веќе шест месеци немаат никаква правна разврска, со што смета дека се доведуваат во прашање ефикасноста и непристрасноста на функционирањето на Уставниот суд.
„Политичките субјекти во државата и самите институции преку нивната негрижа за граѓаните создаваат ситуација на перманентна битка со ветерници, каде што граѓаните се препуштени сами на себе да се борат за своите основни човекови права“, вели Ристов.
Виктор Јованов
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Времето утре – сончево со мала до умерена облачност, максималната температура до 10 степени
Времето утре ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од западен и северозападен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од -10 до -3, а максималната ќе достигне од 3 до 10 степени.
Во Скопје, сончево и тивко со умерена облачност. Минималната температура ќе се спушти до -6, а максималната ќе достигне до 7 степени.
Времето во наредните денови
До петок ќе се задржи стабилно и суво време со услови за појава на утринска магла по котлините. Температурите ќе бидат во постепен благ пораст. Во деновите од викендот ќе има зголемена облачност со услови за слаби локални врнежи од дожд, а на планините од снег. Дневната температура повторно ќе биде во опаѓање
Македонија
Сиљановска-Давкова прими претставници на Македонското здружение на млади правници (МЗМП) и на Центарот за еколошка демократија ФЛОРОЗОН
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска прими претставници на Македонското здружение на млади правници (МЗМП) и на Центарот за еколошка демократија ФЛОРОЗОН, со коишто разговараше за актуелните предизвици во областа на заштитата на животната средина.
Претставниците на двете организации ги изнесоа своите согледувања и препораки со посебен акцент на еколошката правда, превенцијата од еколошки штети, заштитата на природните ресурси и усогласувањето со европското право.

Според Сиљановска-Давкова заштитата на животната средина треба да биде клучен приоритет, а соработката меѓу институциите, граѓанските организации и стручната јавност е од суштинско значење за креирање одржливи и ефикасни политики. Таа укажа дека вклученоста на овие организации во креирањето на законските решенија треба да биде институционализирана, преку нивно учество во комисиските тела во Собранието и во Владата.
Именувањето на експертот од областа на метеорологијата и климатските промени, проф. д-р Спиридонов, за член на Советот за безбедност, е важен чекор кон интегрирање на научната експертиза во стратешкото одлучување. Ова, според претседателката, би им овозможило на невладините еколошки организации, со своите идеи и предлози да придонесат во работата на ова тело.
Соговорниците се согласија дека загрозувањето на животната средина е сериозен безбедносен ризик и закана за уставно загарантираното право на живот.

Тие ја нагласија потребата од користење на меѓународни искуства и унапредување на регионалната соработка во справувањето со реалните предизвици.
Претседателката и претставниците на МЗМП и ФЛОРОЗОН повикаа на континуирана едукација и поттикнување на младите во градењето партнерски однос со природата како неопходен предуслов за превенција на можни штети со несогледливи последици.
Македонија
Јордан Апостолски, Наташа Бошкова и Сашо Георгиевски кандидати за судии во Европскиот суд за човекови права
Владата на денешната 141 седница беше информирана за текот на постапката за номинирање кандидати за позицијата судија во Европскиот суд за човекови права.
Во таа насока, Министерството за надворешни работи и надворешна трговија ја презентираше Информацијата за реализираните активности, согласно известувањето доставено од Комисијата за избор на кандидати за судија во Европскиот суд за човекови права, со кое се информира за предлогот на Комисијата за избор на тројца кандидати: Јордан Апостолски, Наташа Бошкова и Сашо Георгиевски.
„По разгледувањето, Владата ја усвои Информацијата, по што Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, како надлежна институција задолжена за спроведување на административните и техничките активности во постапката, ќе продолжи со обезбедување мислење од Меѓународниот советодавен панел на експерти при Советот на Европа, во однос на исполнувањето на пропишаните критериуми од страна на предложените кандидати“; соопштија од Владата.
По добивањето на мислењето од Меѓународниот советодавен панел, Комисијата ќе ја достави листата со тројца кандидати до Владата, по што конечната листа ќе биде проследена до Парламентарното собрание на Советот на Европа.
фото/Depositphotos

