Регион
Рама: Преговорите со Атина минаа напорно и тензично

Официјална Тирана оценува дека преговорите за текстот на спогодбата помеѓу Албанија и Грција за надминување на билатералните проблеми биле тешки и со нагласени тензии. Албанскиот премиер, Еди Рама, коментирајќи го финализирањето на текстот за спогодбата на Албанија со Грција, изјави дека преговорите со Грција минале тензично. Рама додаде дека неговата влада се обидувала да ги надмине досегашните прашања што создавале тензии меѓу двете земји по соборувањето на комунистичкиот режим во Албанија.
„Инвестиравме за да се создадат стратешки долгорочни односи со Грција. Тоа не беше толку лесно бидејќи во текот на преговорите имаше големи тензии, но не поради тоа што сакавме да ги расипеме односите со Грција, туку да ги поправиме сите односи што беа создадени по промената на системот за на крајот сè да излезе на добар пат“, нагласи Рама.
Според него, од историско значење е што Атина разбра дека законот за војна со Албанија е апсурден и дека тој ќе биде наважечки. Рама оцени дека добро е и решението за морската граница помеѓу Албанија и Грција додавајќи дека не држат критиките на опозицијата оти договорот за морската граница е на штета на Албанија.
Изјавата на премиерот на Албанија доаѓа по финализирање на текстот на спогодбата помеѓу Албанија и Грција за надминување на билатералните проблеми од страна на министрите за надворешни работи на Албанија и Грција на островот Родос и во пресрет на потпишувањето на овој документ за време на одржувањето на самитот на ЕУ на 28 и 29 јуни од страна на премиерите на Албанија и Грција.
К. М.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Грција: Нема воени гаранции за Украина по војната

Грција нема да учествува во обезбедувањето воени безбедносни гаранции за Украина по евентуално примирје, објави министерот за надворешни работи, Јоргос Герапетритис, според грчките медиуми.
„Ќе продолжиме да ја поддржуваме Украина, но немаме намера воено да учествуваме во обезбедувањето безбедносни гаранции“, рече Герапетритис додавајќи дека ставот на Атина се темели на почитување на принципите на меѓународното право. Според него, станува збор за принципиелна позиција на грчката влада во однос на начинот на решавање на украинската криза.
Изјавата на шефот на грчката дипломатија следуваше откога претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, истакна дека Европа има јасен план за распоредување трупи на територијата на Украина со цел да се гарантира безбедноста по завршувањето на непријателствата. Таа изјави дека таков договор е постигнат за време на разговорот со американскиот претседател Доналд Трамп во Белата куќа.
Фото: принтскрин
Регион
(Фото) Билборди со честитки за роденденот на Лукашенко се појавија во Белград и во Нови Сад

Во Белград и во Нови Сад се појавија огромни плакати со честитки за роденденот на авторитарниот белоруски претседател Александар Лукашенко. Зад оваа акција стои конзервативното движење „Наши“, објавува „Нова.рс“.
На постерите поставени во српскиот главен град и во Нови Сад пишуваше: „Среќен роденден, претседателе Лукашенко! Србија те сака!“ Иван Ивановиќ, лидерот на ова десничарско движење, е наведен како потписник.
Билборды Лукашенко в Сербии – Поздравление с днём рождения
В Белграде и Нови-Саде появилась поздравительная открытка к дню рождения Президента Александра Лукашенко#belarus #lukaschenko #lukasenko pic.twitter.com/tAcHB52eWM
— Иван Ивановић (@ivan_nasi) August 30, 2025
Ова не е првпат движењето „Наши“ да организира слични кампањи. Во февруари минатата година тие го преплавија Белград со постери со пораката „Србија е со Лукашенко“.
фото: принтскрин
Регион
Вучиќ на средба со Путин во Кина

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, ќе ја посети Народна Република Кина од 2 до 4 септември, каде што, на покана на претседателот на Кина, Шји Џјинпинг, ќе присуствува на прославата на 80-годишнината од победата во Втората светска војна.
За време на посетата на Пекинг, претседателот Вучиќ ќе се сретне со претседателот на Кина, Шји Џјинпинг, и со претседателот на Руската Федерација, Владимир Путин, соопшти Канцеларијата за односи со медиумите на претседателот на Србија.
Исто така, како што е наведено во соопштението, Вучиќ ќе се сретне и со претставници на големи компании.