Црна хроника
Притвор за разбојник што крадел по куќи во Куманово

Полицијата поднесе кривична пријава против 39-годишен кумановец поради сомнение за сторени кривични дела „кражба“, „кражба во обид“ и „разбоjничка кражба“.
Како што информираат од МВР, пријавениот, во периодот од 18 до 21 месецов, преку незаклучени врати влегол во три куќи.
Во едната одзел златен накит и пари стекнувајќи се со противправна имотна корист од 300 000 денари. Во втората бил затекнат од сопственикот додека вршел пребарување, по што побегнал без да одземе ништо. Во третата куќа, исто така, бил затекнат од сопственичката како држи дел од парите кои успеал да ги украде, по што неколку пати ја турнал и успеал да побегне.
Од страна на судија на претходна постапка на 39-годишниот А.З. му е одредена мерка притвор во траење од 30 дена.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Црна хроника
Тешко повреден кичевец: управувајќи четирицикл, изгубил контрола и паднал на патот

Синоќа во 19.00 часот во Полициската станица Кичево е пријавено дека на шумски пат во атар на с.Лешница, општина Зајас, Р.И.(54) од с.Трапчин Дол, кичевско, управувајќи четирицикл, изгубил контрола и паднал на патот.
Во несреќата, Р.И. се здобил со тешки телесни повреди, констатирани во Медицински центар Кичево.
Увид на местото извршила екипа на ОВР Кичево.
Црна хроника
Поради кавга во сообраќајот, со нож му нанел убодни рани: уапсен гостиварец

Вчера во 10.30 часот на улица „18 Ноември“ во Гостивар, полициски службеници од ОВР Гостивар го лишиле од слобода А.М.(61) од Гостивар.
Тие постапиле по претходна пријава дека околу 10.00 часот на улица „Панче Попоски“ во Гостивар, поради недоразбирање во сообраќајот, со остар предмет му нанел убодни рани на М.Р.(26) од с.Чегране, гостиварско.
Полицијата соопшти дека тој е задржан во полициска станица и по документирање на случајот ќе му биде изготвен соодветен поднесок.
Црна хроника
Пијан струмичанец со нож нападнал полицајци: бил запрен поради брзо возење

Полициски службеници од СВР Струмица вчера во 21.30 часот на ул.„Крушевска Република“ го лишиле од слобода Т.А.(41) од Струмица затоа што се обидел да нападне полициски службеници кои извршувале службени дејствија.
Тој претходно бил забележан од полициски службеници како со голема брзина и небезбедно управува возило комбе „мерцедес“, а откако бил запрен било констатирано дека возилото го управува со истечена регистрација.
Додека, по извршено алкотестирање било утврдено дека е под дејство на алкохол, односно му биле измерени 0,96 промили алкохол во крвта.
Откако бил известен дека ќе му биде одземено возилото, тој почнал да удира по возилото и од него извадил нож со кој се обидел да ги нападне полициските службеници.
Според полицијата, по целосно документирање на случајот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава.