Македонија
(Видео) ВМРО-ДПМНЕ: Фирма-донатор на СДСМ го доби тендерот за набавка на возила во Одбрана

Фирма-донатор на СДСМ го доби тендерот за набавка на возила во одбрана, обвини портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски, на прес-конференција.
„Министерството за одбрана на чело со Радмила Шекеринска распишува повик, а ‘Делукс ауто’ од Куманово, инаку многу познат донатор на СДСМ во повеќе кампањи наназад, го добива тендерот во висина од девет и пол милиони денари, при што набавени се 11 возила од марката ‘шкода’. Прашуваме како е можно ‘Делукс ауто’ од Куманово, фирма што не е генерален увозник на возилата од марката ‘шкода’ туку само дилер од втора рака, се јавува како фирма која е поповолна од фирми коишто се генерални застапници на истите возила во Република Македонија“, праша Арсовски на прес-конференција.
Тој обвинува дека единствена предност на оваа кумановска фирма е тоа што се јавува на донаторските списоци на СДСМ каде што Радмила Шекеринска е заменик-претседател.
„Дали СДСМ и Радмила Шекеринска со пари од граѓаните ги враќаат долговите кон фирмите донатори во партиските кампањи на СДСМ? Криминалниот картел ја претвори државата и парите на граѓаните во средство за поткусурување и враќање стари долгови кон нивните донатори. Недозволиво е државата да се злоупотребува во име на партијата“, вели портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ.
Арсовски додаде дека сите институции мора да ги почитуваат законите и да се однесуваат согласно со законските постапки бидејќи секое поразлично дејствување ќе биде санкционирано во иднина.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Делови од Гази Баба и Карпош денеска без струја

Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 08.00 до 15.00 часот, објектот на винарија Брзанов, објектите лоцирани околу винаријата, корисниците лоцирани на влезот во село Трубарево и сточниот пазар во Трубарево. (општина Гази Баба)
– во периодот од 09.00 до 15.00 часот, корисниците од улицата Партизанска – крак 10. (општина Карпош)
Македонија
Утрото ведро и посвежо, преку денот сончево со температура до 32 степена

Утрото ведро и посвежо, преку денот сончево и топло. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 5 до 14, а максималната ќе достигне од 27 до 32 степена.
Во Скопје, наутро посвежо, преку денот сончево и топло. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе се спушти до 11, а максималната ќе достигне до 32 степена.
Времето во наредните денови
Во вторник и среда ќе се задржи претежно сончево и топло време за овој период од годината. Од четврток ќе преовладува променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд. Дневната температура ќе биде во опаѓање.
Македонија
ЦУК: Спасувачка акција на повредено лице при превртување на теренско возило на планинскиот пат над село Јеловце

Центарот за управување со кризи денеска попладне добил пријава за едно повредено лице при превртување на теренско возило на планинскиот пат над село Јеловце, општина Врапчиште.
Веднаш за настанот биле известени полициските станици Гостивар и Галате.
„Пријавата е добиена преку Едиствениот број за итни повици. Бидејќи теренот е тешко пристапен за возило на Итна медицинска помош, по барање на директорот на ЦУК, Мухамед Али, ДОЦ достави барање до Министерството за внатрешни работи за ангажирање на хеликоптер и специјални единици (алпинисти) за спасување на повреденото лице“, информираат од ЦУК.
Оттаму додаваат дека лицето ќе биде транспортирaно до Клинички центар за укажување на понатамошна медицинска помош.