Култура
Оскаровецот Роџер Дикинс е лауреат на Златна камера 300 за животно дело на „Браќа Манаки“
Денеска се одржа првата прес-конференција посветена на 39. издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“, на која директорката на Фестивалот, Гена Теодосиевска, најави издание со бројни содржини и новитети.
На прес-конференцијата беше соопштен годинашниот лауреат на „Златна камера 300“ за животно дело, оскаровецот Роџер Дикинс, а беа претставени и креативните решенија за годинешното издание на Фестивалот, како и новиот слоган кој гласи: Hats Off („Симнуваме капа“), во знак на почит кон традицијата на фестивалот, кинематограферите, градот Битола и публиката.
Директорката Теодосиевска најави дека од ова издание се зголемува бројот на фестивалски програми, и оваа година ќе бидат вкупно 14. Таа рече дека годинава има и нови селектори на филмските програми: Марија Џиџева на документарната програма, Даријан Пејовски и Марија Апчевска, како селектори на кратките филмови, како и Слаѓан Пенев, кој ја селектираше програмата „Европски перспективи“.
„Да се поместуваат границите, не значи да се негира досега направеното, но да ѝ се додаваат различни состојки на една содржина секако дека во една смисла значи промена, но не и отфрлање на позитивните искуства вклучени со години и градени со децении од оние кои ја почувствувале потребата да се основа и да се организира еден ваков фестивал и да се слави филмот во градот на браќата Манаки. „Вкусот“ на таа промена зависи од сензибилитетот на оној кој ја обликува. Тоа сме сите ние, фестивалскиот тим на овој фестивал и вие како наши соработници. Постоењето на оваа симбиоза е неспорно и повеќе од клучно“, рече Теодосиевска.
На прес-конференцијата се обрати и претседателот на Друштвото на филмски работници на Македонија, Игор Иванов – Изи, кој истакна дека асоцијацијата останува посветена на фестивалот.
„’Браќа Манаки’ годинава го живее своето условно речено ‘транзициско’ издание, за кое очекуваме да мине во најдобро светло и да го најави големиот јубилеј догодина, четириесеттиот ‘Браќа Манаки’, со кој ние, филмските професионалци од Македонија, очекуваме да започне декада на ‘ново македонско кино’ – раздобје ослободено од политизирање, стигматизација, лажни вредности и злоупотреби. Новите генерации филмски автори и публиката тоа несомнено го заслужуваат, а нашите заложби во соработка со Агенцијата за филм и другите институции од оваа сфера ќе бидат насочени во правец конечно да овозможиме услови за создавање и консумирање филм, според денешните европски стандарди. Не би сакал во иднина повторно да немаме претставник за Оскар“, рече Иванов.
Уметничкиот директор на фестивалот, Благоја Куновски – Доре, рече дека за големината на годинашниот лауреат на „Златна камера 300“ за животно дело, големиот британски и светски кинематографер, оскаровецот Роџер Дикинс, сведочат импозантните бројки од 115 најразлични светски филмски награди и 148 номинации.
На прес-конференцијата се обрати и амбасадорот на Обединетото Кралство, Чарлс Гарет, кој изрази задоволство што неговиот сонародник и великан на светската кинематографија годинава го добива признанието од фестивалот „Браќа Манаки“. „За нас филмот е дел од креативните индустрии, област во која имаме успех. Благодарам што ме поканивте и симнувам капа“, рече амбасадорот Гарет.
Годинешното издание на ИФФК „Браќа Манаки“ се одржува од 22 до 29 септември 2018 г. во Битола. Повеќе информации за фестивалот се достапни на www.manaki.com.mk.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
„Интер(но)фејс“ на Борис Шемов во „Мала станица“
На 18 декември 2025 година, со почеток во 20.00 часот, во Мултимедијалниот центар „Мала станица“, во рамките на програмските активности на Националната галерија, ќе биде отворена изложбата „Интер(но)фејс“ на уметникот Борис Шемов, курирана од д-р Ана Франговска.
„Интер(но)фејс“ е мултимедијален проект кој се фокусира на односот меѓу човекот и вештачката интелигенција, на улогата на јазикот како визуелно, идеолошко и комуникациско средство, како и на пост-интернет естетиката како нова културна реалност. Преку различни медиумски форми – текстуални интервенции, видео-содржини, алгоритамски и дигитални процеси – изложбата отвора прашања за моќта, контролата, технологијата и трансформацијата на субјектот во современиот дигитален контекст.
Насловот „Интер(но)фејс“ упатува на двојната природа на интерфејсот – како техничка површина на комуникација меѓу човекот и машината, но и како внатрешен, идеолошки простор во кој се преговараат значењата, одлуките и позициите на моќ. Изложбата го третира интерфејсот не само како функционален медиум, туку како критичка зона на судир меѓу човечкото искуство и алгоритамската логика.
Проектот се надоврзува на актуелните уметнички и теориски дискурси за постхуманизмот, визуелната култура и дигиталната медијација на реалноста. Во таа рамка, „Интер(но)фејс“ ја поставува вештачката интелигенција не како неутрален технолошки алат, туку како активен фактор во креирањето на современите културни, политички и етички релации.
Изложбата „Интер(но)фејс“ може да се посети во периодот од 18 до 24 декември 2025 година во Мултимедијалниот центар „Мала станица“, Национална галерија, Скопје.
Култура
Концерт на Драган Ѓорѓевиќ-Сузуки и Дино Имери во Музејот на македонската борба
На 17 декември (среда), со почеток во 20 часот, во амбиентот на Музејот на македонската борба, ќе се одржи концерт на двајцата истакнати уметници од регионалната и меѓународната сцена – виолончелистот Драган Ѓорѓевиќ Сузуки, еден од најценетите и највлијателни виолончелисти во регионот, и пијанистот Дино Имери, волшебникот на пијаното.
Сузуки е препознатлив по својата извонредна техничка виртуозност, длабока музикалност и силно сценско присуство, а критиката и публиката го вбројуваат меѓу најдобрите виолончелисти на Балканот. Заедно со Дино Имери, еден од најреномираните македонски пијанисти, тие носат концертна вечер од врвен уметнички ранг.
Публиката ќе има можност да ужива во внимателно избрана програма со дела од: Бетовен, Шнитке, Шуман, Дебиси, како и композиции од Имери Илкоска, носејќи свеж и современ израз во концертната вечер.
Концертот е со слободен влез, претставувајќи ретка можност за љубителите на класичната музика да доживеат висок уметнички квалитет и инспиративна интерпретација.
Култура
(Фото) Одржан традиционален предновогодишен концерт на Воениот оркестар
Под мотото „Заедно посилни во хармонија на звуците“, вчеравечер во Македонската филхармонија во Скопје се одржа традиционалниот предновогодишен концерт на Воениот оркестар на Армијата, овој пат збогатен со настап на музичари од Централниот оркестар на Вооружените сили на Романија.

По пречекот на претседателката и врховен командант на Вооружените сили Гордана Сиљановска-Давкова и интонирањето на химната на Романија и македонската химна, здружениот оркестар, под диригентската палка на мајор Каталин Ион од Вооружените сили на Романија, концертот го започна со свечена фанфара, a продолжи со позната љубовна тема од Романија. Првиот дел беше заокружен со популарен сплет на светски хитови аранжирани за дувачки оркестар и композицијата „Концертна прослава”, со мотиви од романското поднебје.

По него, под раководство на диригентот на Воениот оркестар на Армијата, потполковник Горан Илијевски, следеа блок на нумери од македонското поднебје, во кој беа опфатени фолклорни теми, народни песни, но и незаборавни забавни македонски евергрини.

Во третиот и последен блок, кој беше посветен на армиските припадници кои се секогаш подготвени да ја одбранат татковнината и да им помогнат на нашите сограѓани, покрај светски познати нумери со новогодишна тематика, беше изведена и македонската композицијата „Нашата Армија“, која претставува силен музички омаж на посветеноста и службата кон татковината.

Овој традиционален музички спектакл, покрај претседателката и врховен командант на Вооружените сили Гордана Сиљановска-Давкова, го проследија и министерот за одбрана Владо Мисајловски, началникот на Генералштабот на Армијата генерал-мајор Сашко Лафчиски, министри во Владата, пратеници во Собранието на Република Северна Македонија, претставници на дипломатскиот и воено-дипломатскиот кор акредитирани во Република Северна Македонија, активни и пензионирани генерали на Армијата, припадници на Министерството за одбрана, Генералштабот и командите на Армијата и други гости.

Мотото на традиционалниот предновогодишен концерт е уште еден доказ за сплотеност со сојузниците. Вчерашниот настан, преку хармонијата на звуците и универзалниот јазик на музиката, потенцира дека музиката продолжува да нè обединува и сплотува, ги поврзува луѓето кон заеднички вредности и стремежи и претставува мост помеѓу различни култури и традиции.



