Македонија
Апелација му ја укина пресудата на Панчевски за мобинг
Апелациониот суд ја укина првостепената пресуда против поранешниот претседател на кривичниот суд, Владимир Панчевски, по тужбата за мобинг што против него ја поднесе Горан Стаменковски, поранешен раководител на одделот за човечки ресурси во Судот, а актуелен советник на премиерот Зоран Заев.
Во одлуката на Апелациониот суд се наведува дека пресудата е нејасна, неразбирлива и не содржи доволно образложени причини за решителни факти од кои се раководел првостепениот суд. Исто така, во одлуката стои дека основан е и жалбениот навод на тужениот Панчевски за погрешно и нецелосно утврдена фактичка состојба.

Стаменковски минатата година го тужеше Панчевски за мобинг. Според него, експретседателот на Судот го деградирал затоа што бил учесник на протестите на шарена револуција во 2016 година. „Поради ваквото однесување на тужениот, тужителот претрпел промени во насока на хиперсензитивност, зголемена анксиозност, снижено расположение и ослабена толеранција.. Пријавува немир, чувство на лутина…Вака наведените промени се од реактивен карактер, а резултат на продолжителни стресни настани и околности во склоп на работната средина“, пишува во одлуката на Апелациониот суд.

На вака утврдената фактичка состојба, стои во одлуката, првостепениот суд прифаќа дека во горенавадените преземени дејствија тужениот и неговото однесување психички го вознемирил тужителот Горан Стаменковски со што му го повредил достоинството, интегритетот, угледот и честа и кај истиот предизвикал чувство на страв, непријатност и пониженост чија крајна цел е престанок на работен однос.
„Меѓутоа, по наоѓање на овој суд, не е јасно од каде првостепениот суд заклучува дека горенавадените дејствија претставуваат елементи на психичко вознемирување согласно со Законот за заштита од вознемирување на работното место“, пишува во одлуката на Апелација. Со ова, предметот се враќа на повторно судење во Основниот суд Скопје 2.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Контрола во угостителски објекти во Куманово – затекнати малолетници после полноќ и под дејство на алкохол
Полициски службеници од СВР Куманово, заедно со инспектори од Државниот пазарен инспекторат и Државниот инспекторат за труд, во текот на ноќта меѓу 13 и 14 декември извршиле контрола во четири угостителски објекти на подрачјето на Куманово.
Како што соопшти Министерството за внатрешни работи, при контролата биле легитимирани вкупно 74 лица, а во два објекти биле затекнати малолетници после полноќ.
„Притоа, во еден од нив од слобода е лишена С.В.(45), која го изнајмила простортот, затоа што се затекнати 14 малолетници, од кои еден бил под дејстов на алкохол и е пренесен во Комплекс клиники „Мајка Тереза“ во Скопје. Исто така, Државниот пазарен инспекторат и Државниот инспекторат за труд изрекоа глоби на објектите поради сторени прекршоци по Законот за угостителство“, информираат од МВР.
Оттаму додаваат дека по целосно документирање на случајот, против одговорните лица ќе биде поднесена соодветна пријава.
Македонија
(Видео) ВМРО-ДПМНЕ предлага Резолуција за осуда на дезинформациите за мигранти
ВМРО-ДПМНЕ денеска претстави „Резолуција за осуда на манипулациите на опозицијата и за потврда на политиките против нелегалната миграција“.
„Во изминатите денови, јавноста беше сведок на организирана и координирана кампања од страна на опозицијата, којашто влеваше несигурност и паника помеѓу граѓаните. Овие лажни сценарија ги нема во владините политики, напротив, ВМРО-ДПМНЕ активно се борела против мигрантите и мигрантските кампови, кои претходната влада на СДС и Заев сакаше да ги направи. ВМРО-ДПМНЕ јавно ги осудува политиките и одлуките на поранешната влада на Зоран Заев, со којашто беа отворени можности за создавање на кампови за мигранти, спротивно на националните и државни интереси“, кажа на прес-конференција, Никола Мицевски, координатор на пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој накусо ја презентираше Резолуцијата.
„Таа е составена од 9 точки, и во неа стои дека се осудуваат дезинформациите за наводно прифаќање мигранти и изградба на кампови, се потврдува дека такви политики не постојат ниту ќе постојат, се поништуваат сите претходни аранжмани на владата на Заев поврзани со мигрантски кампови и се повикува на одговорен јасен говор, заштита на безбедноста, стабилноста и меѓуетничките односи. Исто така, се констатира дека свесното ширење дезинформации ќе биде санкционирано согласно важечките закони. Резолуцијата воспоставува јасна државна политика против нелегалната миграција и стапува во сила веднаш по нејзиното изгласување. Во таа насока, оваа Резолуција на ВМРО-ДПМНЕ ќе ја предложиме во Собранието на Република Македонија и од таа причина ги покануваме сите парламентарни партии заедно да ја поддржат“, истакна Мицевски.
Македонија
(Видео) Димитријевиќ: Власта носи мигранти за пари
„Во буџетот нема пари. За првпат во историјата, утре – 15 декември – се затвора Трезорот. Државата доцни со сите исплати: нема пари за плати, пензии, социјална помош, породилно, нема ни за поврат на ДДВ. Дупката изнесува најмалку 1 милијарда евра“, кажа денеска на прес-конференција, Александар Саша Димитријевиќ, генерален секретар на СДСМ.
Како што истакна Димитријевиќ, „власта не се грижи за граѓаните, се грижи само за себе, за бизнисите со наместени тендери, за криминалот и за пумпањето пари од буџетот очајно им треба свеж кеш“.
„Затоа ја продаваат Македонија. Затоа прифатиле мигранти во пакет со кредити од 6 милијарди евра. Паралелно, ВМРО-ДПМНЕ спроведува намерна изолација и ја држи Македонија надвор од ЕУ. Не за заштита на националните интереси, туку за свесно оддалечување од Европа. Изолацијата е стратегија. Без ЕУ, без европски контроли и без европско правосудство – полесно се краде и нема одговорност за никојМакедонија сакаат да ја претворат во црна точка на Европа“, вели тој.
Димитријевиќ рече дека „27 земји членки на Советот на Европа јавно бараат ревизија на Европската конвенција за да се олесни депортацијата на мигранти“.
„Каде ќе одат тие луѓе? Во земји надвор од ЕУ – како Македонија. Доколку во Македонија се донесат мигранти осудени за сериозни кривични дела, тоа ќе значи директна закана по безбедноста на државата. Во исто време, тоа целосно ќе го закочи европскиот пат, затоа што со евентуален влез во ЕУ повторно би се отвориле вратите кон Унијата – нешто што европските земји сакаат да го спречат. Затоа на ВМРО-ДПМНЕ ѝ одговара Македонија да остане изолирана. Ова е нивниот „win-win“ :Британија депортира мигранти за пари, а ДПМНЕ добива изолирана држава во која непречено продолжува кражбата. Губитници се само граѓаните и иднината на Македонија“, потенцира генералниот секретар на СДСМ.

