Економија
„Еуроникел“ преку „Фени“ ја спасува од банкрот пехчевска „Нова рефрактори“ со 105 вработени

Фабриката за производство на огноотпорни материјали „Нова рефрактори“ од Пехчево, која изминативе месеци беше на раб на банкрот поради стопираното производство во кавадаречки „Фени“ и косовски „Фероникели“ како најголеми купувачи, повторно работи рентабилно. Долговите што кон „Нова рефрактори“ ги имале „Фени“ и Фероникели“ , двете сопственост на „Кунико рисосрсис“ во 2017 година, изнесувале 1,5 милион евра. Во моментот кога „Фени“ престана со производство, во септември лани долгот се намалил на 1,2 милион евра.
Во март годинава, пак, „Еуроникел“, македонско преставништво на ГСОЛ, ја продолжил соработката со „Нова рефрактори“ заедно со рестартирањето на „Фени“.
„Ова значеше позитивен импулс за ‘Нова рефрактори’ поради фактот што ‘Еуроникел’ ги исплати заостанатите долгови на ‘Нова рефрактори’ и ги обнови комерцијалните односи, а фабриката почна со редовни испораки на огноотпорни материјали на ‘Фени’“, велат од „Еуроникел“.
Од „Еуроникел“ велат дека во контактите со менаџментот на „Нова рефрактори“ покажале заинтересираност за влез во акционерската структура на претпријатието.
„Нова рефрактори“ официјално со производство почна во 2014 година и оттогаш па до денес се позиционираше како еден од најголемите снабдувачи со огноотпорни материјали во регионот.
„Фабриката беше во состав на ‘Кунико рисорсис’ која беше доминантен сопственик со 49% преку својата компанија ‘Фени’. Во периодот 2014/2015 година кога ‘Кунико’ беше во сопственост на ИМР и БСГ, ‘Нова рефрактори’ бележеше зголемување на производството, а беше почнат и инвестициски циклус за ревитализација на постоечката опрема. Во тој период го достигна максималниот број од 130 вработени. Кога, на почетокот на 2016 година ‘Кунико’ претрпе промена во акционерската структура и ИМР стана доминантен акционер со 90%, почна проблематичниот период за ‘Нова рефрактори’ од аспект на крајно игнорантски и несериозен однос од страна на доминантниот сопственик кон својата сопствена компанија. Во периодот 2016/2017 година ‘Нова рефрактори’ вршеше континуирана испорака на огноотпорни материјали во двете топилници за фероникел во сопственост на ‘Кунико’, ‘Фени’ и ‘Фероникели’-Косово и не дозволи во ниеден момент процесот на производство во овие две топилници да биде доведен во прашање. За возврат, долгот што овие две топилници го имаа кон ‘Нова рефрактори’ континуирано растеше и во ноември 2016 година надмина износ од 1.000.000,00 евра. И покрај сите обиди за наплата на долгот од компанијата мајка, истиот и понатаму се зголемуваше и во јуни 2017 година го достигна својот максимум со износ од 1.500.000,00 евра. Во периодот септември/октомври, истата година, ‘Фени’ запре со работа, па следеше блокада на сметката и стечајната постапка. Во тој период и топилницата ‘Фероникели’ ги прекина сите порачки за огноотпорни материјали со што ‘Нова рефрактори’ изгуби два најголеми купувачи, а со тоа иднината на фабриката стана целосно неизвесна. Во истиот тој период долгот од овие топилници кон ‘Нова рефрактори’ изнесуваше 1.200.000,00 евра“, информираа соработниците на фабриката.
„Нова рефрактори“ сега има 105 вработени.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Се намалуваат цените на дизелот и на бензините

Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) донесе Одлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,06 % во однос на одлуката од 4.8.2025 година.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат намалување во просек: кај бензините за 1,391%, кај дизелот за 3,169%, кај екстра лесното масло за 3,989% и кај мазутот намалувањето е за 0,667%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок за 0,0797%.
Малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се намалува за 1,00 ден/лит.
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се намалуваат за 0,50 ден/лит.
Малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалува за 1,50 ден/лит.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се намалува за 0,159 ден/кг и сега ќе изнесува 39,786 ден/кг.
„Напоменуваме дека ова се максималните цени на нафтените деривати од 00:01 часот на 12.8.2025 година. Трговците на големо и трговците на мало со нафтени деривати и горива за транспорт можат да ги формираат цените на одделни нафтени деривати и горива за транспорт и пониско од највисоките утврдени цени“, велат од РКЕ.
Економија
Мицкоски: Опозицијата се служи со лаги, земјоделските производи се откупуваат

„Исплатата на субвенциите кај земјоделците е навистина за мене би рекол изненадувачки позитивна, бидејќи изминатата недела веќе се исплатија околу 400 милиони денари за околу 7 илјади земјоделци и ценам дека на тој начин ќе продолжиме и понатаму да ја придвижуваме економијата и земјоделската активност“, вели Христијан Мицкоски, претседател на Владата, одговарајќи на новинарско прашање.
Во однос на обвинувањата од страна на опозицијата Мицкоски посочи дека тие се служат со лаги, мислејќи дека на тој начин ќе добијат некој политички поен, но како што рече земјоделците да бидат спокојни бидејќи имаат Влада која работи во нивен интерес.
„Ги следам пораките од опозицијата коишто се обидуваат повторно со конструкции, лаги, да напаѓаат. Јас би сакал да кажам следно: фактите се сосема поинакви. А, кои се фактите; оваа Влада беше избрана пред нецели 14 месеци, имавме во национални шуми и во А.д. Водостопанство неисплатени плати повеќе од 3 месеци, тоа се заврши и се исплатија тие плати и до ден денес се исплаќаат редовно.
Имавме неисплатени субвенции од 2021 година, сега се завршува со исплатата на субвенциите за 2024 и се отпочнува со тековните од 2025 година. Во делот на тутунот-договорите коишто беа потпишани на 375 денари по килограм и 80 денари субвенција откако беше избрана оваа Влада, со нови преговори со откупувачите се качија од 375 на 400 денари и субвенцијата од 80 на 100 денари со што се постигнаа рекордни 500 денари по килограм продаден тутун, а реколтата од 17, 18 милиони килограми порасна на 22, 23 милиони килограми, затоа што донесовме закон во којшто кажавме сè додека и последниот лист македонски тутун не биде откупен нема да се увезува друг тутун.
Рано-градинарските продукти, дали е тоа зелката пролетна, доматите, краставицата, лукот, кромидот, пиперките итн. забележуваат рекордна откупна цена. Затоа што ние како Влада и Министерството не се договараме со откупците околу цената, како некој што го правеа тоа во минатото да профитира на маката на земјоделците и секаде се бележат рекордни цени. И кај мелничарите, и кај производителите на пченица, кај грозјето исто така. Оваа година имаме и род 25% повеќе, затоа што навремено работеа системите за водоснабдување коишто минатата година не работеа; ако минатата година беше 70, 75 милиони килограми, сега ќе биде над 100.
И тоа сè се факти. А тоа што го гледаме од страна на опозицијата е само обид да се конструира нешто и мал обид за политикантство; тие си имаат своја агенда, а ние треба да работиме во интерес на граѓаните. Тие ќе лажат, нема да ја говорат вистината мислејќи дека на тој начин ќе добијат некој политички поен, но граѓаните нека бидат спокојни имаат Влада којашто води сметка за се“, истакна тој.“
Економија
9.000 тони македонска пченица ќе се откупат за потребите на стоковите државни резерви, вели ВМРО-ДПМНЕ

„Стоковите резерви на пченица се полнат со македонска пченица, откупена директно од македонските земјоделци. Државните резерви, со своите вредни и неуморни раце, ги полнат македонските земјоделци“, вели ВМРО-ДПМНЕ.
„Со одлука на Владата, 9.000 тони македонска пченица ќе се откупат за потребите на стоковите државни резерви.
Тоа ја покажува и потврдува вистинската грижа и посветеноста на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ за интересот на државата и земјоделците.
Наместо да се купува увозна, која како држава скапо ја преплаќавме, како што беше случај во време на власт на СДС и министер Љупчо Николовски, сега државните стокови резерви ги полни пченицата од македонските земјоделци.
За време на владеење на СДС, стоковите резерви се полнеа со пченица купена од странство за 25% поскапа од берзанска, односно 27 денари по килограм, што беше за шест денари поскапо.
А профитот, односно ќарот 100% од ваквите зделки, завршуваше кај посредниците, а сега целата добивка завршува директно кај македонскиот земјоделец.
Тоа време заврши. Сега никој не заработува на грбот на другите, посебно на трудот на земјоделецот и на штета на државата“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.