Македонија
(Видео) Локвенец: Горди сме, Македонија е триесеттата земја членка на НАТО

Нека ни е честит уште еден голем историски успех! Mакедонија добива покана за полноправно членство во НАТО на следниот самит на Алијансата. Горди сме! Македонија- триесеттата земја членка на НАТО. Македонското знаме, на триесеттиот јарбол пред седиштето на Алијансата!, изјави на прес-конференција Хари Локвенец, пратеник од СДСМ и коалицијата.
Според него, по неодамнешното добивање датум за преговори со ЕУ, ова е уште едно голем признание за сите наши граѓани, за нашата татковина. „Успехот на Македонија е признаен, препознаен и вреднуван од целиот демократски свет. Пред нас е историска можност за почеток на преговори за членство во ЕУ и покана за полноправно членство во НАТО. Ова е остварување на врвните национални и државни интереси на Република Македонија и сите нејзини граѓани. Се реализира децениска желба на цела една генерација, се обезбедува стабилноста и македонската иднина“, вели Локвенец и додава:
„Членството во НАТО не значи само загарантирана стабилност и безбедност, туку значи и можност за многу повеќе инвестиции. Тоа значи повеќе пари во економијата, нови работни места, повисоки плати, повисок животен стандард за сите граѓани. За само една година, Владата предводена од СДСМ ја врати земјата на евро-атлантскиот пат и покажа капацитет за реформи и решавање на отворените прашања во интерес на сите граѓани. Како сериозна и државотворна партија, преку одговорна и посветена работа, ги остваруваме стратешките интереси. Се обврзуваме, успешно да ја завршиме сета домашна задача. Се потврдува, Договорот со кој се решава 25 годишниот спор со Грција е патриотски чин. Го зајакнува и гарантира македонскиот идентитет и јазик и ги отвора вратите за влез во ЕУ и НАТО“.
Според него, дојдовме на прагот на ЕУ и НАТО, се случуваат историски моменти што на подобро ја менуваат иднината на нашата држава. „Да ја искористиме шансата што е пред нас. Заради нашата држава и заради иднината на следните генерации, да кажеме „Да“ за влез на Македонија во НАТО. Да кажеме ДА за ЕУ. Да кажеме ДА за македонската иднина!“, порача тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Реконструиран локалниот пат Бујковци – Мршевци

Општина Илинден изврши комплетна реконструкција на локалниот пат што ги поврзува населените места Бујковци и Мршевци, во должина од 1.100 метри. Во рамки на проектните активности на терен се изврши целосно санирање на постоечката асфалтна површина со поставување на нов асфалтен слој, извести Општината.
Градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски, изврши увид во градежните активности и нагласи дека после многу години конечно се реконструира овој локален пат, кој е од исклучителна важност за повеќе населени места од општината како и дека со ова значително се подобрува секојдневието на жителите и се зголемува безбедноста на сите учесници во сообраќајот. Дополнително, ќе се постави ново ЛЕД улично осветлување во должина од над 400 метри, како и целосна хоризонтална и вертикална сообраќајна сигнализација согласно сообраќајниот проект.
„Изградбата на овој локален пат е дел од проектите што ги финансира Владата, а средствата за реализација се 60% од Владата на Република Македонија и 40% од Буџетот на Општина Илинден.
Локалната самоуправа и понатаму останува посветена на реализација на инфраструктурни и развојни проекти, со цел создавање современи, квалитетни и безбедни услови за живот на сите граѓани“, велат од Општината.
Македонија
Привршува реновирањето на училиштата во Аеродром пред почетокот на учебната година

В. д. градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески, утрово ги посети основните училишта „Браќа Миладиновци“, „Блаже Конески“, „Љубен Лапе“ и „Александар Македонски“, кои ги завршуваат последните подготовки пред почетокот на новата учебна година.
Во ОУ „Браќа Миладиновци“ летово беше реновирана училишната спортска сала, која ќе овозможи подобри услови за спортските активности на учениците. Во основното училиште „Блаже Конески“ се молерисуваат ѕидовите и се поставува фасада на новиот дел од објектот, каде неодамна беа инсталирани прозорци, што значи дека училиштето ќе биде енергетски ефикасно.
Во ОУ „Љубен Лапе“ целосно е реновиран главниот влез, вклучувајќи нова фасада, гранитни нелизгачки плочки на платото и скалите, како и железна ограда за поголема безбедност на учениците. Исто така, се реновираа две училници и се варосаа ходниците на првиот кат, а главниот влез се реновира и во училиштето „Александар Македонски“.
„Нашата цел е секое дете да учи во безбедна и современа средина. Со овие значајни инвестиции во реновирањата на училиштата, создаваме подобри услови за учење и развој на младите генерации во Аеродром. Ќе продолжиме да вложуваме во инфраструктурата за квалитетно образование и безбедност на учениците“, изјави Митески за време на посетата.
Македонија
(Фото) Пожарот во ловиштето Јасен не е изгаснат, еден крак сè уште активен

Пожарот во ловиштето Јасен сè уште не е изгаснат. Еден крак е сè уште активен. Дождот што заврна во мала количина не го изгасна, извести директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов.
Како што изјави тој, се дејствува со два „ер трактора“ на Дирекцијата за заштита и спасување. Една жешка точка има високо на сртот, а од спротивната страна две жешки точки со чадење. Се работи за екстремно стрмен терен и терен со зимзелена шума, што е исклучително ризично да се спуштат луѓе.
„Нашиот фокус е со двата „ер трактора“ и со полицискиот хеликоптер да дејствуваме на оваа точка. Ќе дадеме сè од себе во текот на денешниот ден да го ставиме целосно под контрола и овој преостанат крак од пожарот“, додаде Ангелов.