Скопје
Кисела Вода: Свечено отворени „Три круши 2018“, одржана уште една „Коријада“
Со два одлични концерти на градскиот дувачки оркестар при МКЦ и КУД „Китка“, вчеравечер свечено беше отворено културното лето „Три круши 2018”. На настанот свое обраќање имаше градоначалникот на општина Кисела Вода, Филип Темелковски, кој ја поздрави публиката и говореше за курсот по кој ќе се движи годинешната манифестација.
„Ви посакувам добредојде на 13-тото по ред културно лето ‘Три круши’. Низ годините наназад оваа манифестација стана препознатлив белег на општина Кисела Вода бидејќи секое лето тука, во селото Драчево, на Трите круши се собираат љубителите на културата и уметноста, збогатувајќи ја културната понуда на главниот град. Заложбите за развој на културното живеење продолжуваат и во оваа нова веќе 64-та година од постоењето на општина Кисела Вода“, истакна градоначалникот Темелковски. Додаде дека изборот на содржините во програмата е направен така што секој може да најде нешто по свој вкус.

Пред почетокот на музичкиот дел говореше и отец Гоце Димитриевски, од црквата „Св. Спас“, кој упати благослов и им посака здравје, среќа и благосостојба на сите присутни.
Дувачкиот оркестар при МКЦ ѝ понуди на публиката незаборавно доживување. Од сцената на „Три круши” одекнаа светски популарни музички хитови во нивна адаптација. Присутните уживаа во најголемите хитови на ABBA, Europe, хитови како Strangers in the night, но и преработка на „Народе македонски”, како и бразилска самба.
Следеше голем концерт на Културно-уметничкот друштво од Драчево „Китка”. Настапот го почнаа со изведба на нивното традиционално оро „Драчевка”, a потоа следеа „Водарки“, „Тресеница“, „Жетварки“, „Повардарие“ , „Пајдушко – Бувчанско “, „Источна”. КУД „Китка“ од Драчево, кое дава голем придонес за афирмација на македонскиот фолклор и традиција претставувајќи го во најдобро светло ширум светот, уште еднаш доби огромни аплаузи од сите кои одлучија да бидат дел од отворањето на 13-тото издание на оваа манифестација.
Следниот настан од “Три круши 2018” е закажан за во четврток, кога ќе настапат Александар Митевски и DJ FICHO, во петок Дани Димитровска со бенд, а саботата е резервирана за целовечерниот концерт на Миле Кузмановски.
Инаку, на отворањето на културното лето му претходеше уште еден настан кој се одвиваше во попладневните часови. Во паркот Шопен се одржа хуманитарна Коријада, во организација на Општина Кисела Вода, преку Одделението за култура и Здружението на пензионери од општина Кисела Вода, со поддршка од Општинската организација на Црвениот крст – Кисела Вода.

Посетителите купуваа од изложените бели печива изработени од активот на жените пензионерки од Кисела Вода, а собраните средства од продажбата се наменети за хумани цели, односно за Црвениот крст кои ќе ги распредели на социјално загрозени лица. Лекарски тим, пак, вршеше бесплатни прегледи и даваше бесплатни лекарски совети. Граѓаните имаа можност да го проверат својот крвен притисок и состојбата на шеќер во крвта.
Пред почетокот на културно-уметничкиот дел во изведба на Здружението на пензионери „Кисела Вода”, свое обраќање имаше и градоначалникот Филип Темелковски, кој ја упати својата благодарност до сите учесници во настанот и потенцираше дека се надева на понатамошна добра соработка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Фото) Герасимовски: Поставени сите уреди за мерење бучава – инспекциските служби вршат контроли на 30 локации во Центар
Општина Центар ја заврши првата фаза од воспоставувањето систем за мониторинг на бучавата во јавниот простор со поставување на вкупно 30 уреди за мерење на бучава на повеќе фреквентни локации низ општината.
Уредите се поставени на улиците: „Народен фронт“, „Наум Наумовски Борче“, „Орце Николов“, „Михаил Цоков“, „Славка Недиќ“, „Живко Чинго“, „Радњанска“, Бул. „Климент Охридски“, „Ленинова“, „Самоилова“, „Отон Жупанчиќ“, „Мирослав Крлежа“, „Ѓорѓи Пешков“, „Пиринска“, „Јордан Мијалков“, како и на Кеј „13-ти Ноември“.
Градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски, истакна дека уредите се наменети исклучиво за индикативни мерења и претставуваат значајна алатка за поддршка на инспекциските служби.

„Овие мерни единици не препознаваат гласови, туку ја мерат амбиенталната бучава во децибели и фреквенцијата на звукот. Со тоа овозможуваме побрза и поефикасна реакција на инспекциските служби и подобра заштита на јавниот ред и мир“, изјави Герасимовски.
Од општина Центар информираат дека податоците добиени од уредите за мерење на бучавата, служат како индикатор за дополнителна теренска контрола, а врз основа на нив не се покренуваат прекршочни постапки.
Инспекцијата за животна средина постапува согласно Законот за заштита од бучава во животната средина, при што санкции се изрекуваат исклучиво врз основа на официјални мерења извршени од акредитирана лабораторија.

Согласно член 56 од Законот, прекршочните санкции се утврдуваат според големината на правниот субјект и изнесуваат од 6.000 до 7.000 евра за микро, од 13.000 до 14.000 евра за мали и од 37.000 до 41.000 евра за средни правни субјекти.
Уредите се користат со посебен фокус на бучавата која потекнува од угостителски објекти и сообраќајот, со цел унапредување на квалитетот на живот и заштита на јавниот мир на граѓаните во Центар, соопштуваат од Општината.
Македонија
Делови од Илинден, Карпош, Кисела Вода и Гази Баба денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 08:20 – 14:20 часот, корисниците од дел од с. Марино, општина Илинден;
· од 09:00 – 15:00 часот, корисниците на ул. Козле, крак 2, општина Карпош;
· од 10:00 – 13:00 часот, корисниците од улиците: 1511 и 1512, (позади Автосервисот – Мечкаров), општина Кисела Вода;
· од 11:00 – 14:00 часот, корисниците од дел од ул. Коце Металец, општина Гази Баба.
Македонија
Делови од Центар и Карпош денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради уличен дефект на булеварот Св.Климент Охридски (спроти Соборен Храм), прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на потегот од крстосницата со Партизански Одреди до паркинг ЈАТ, општина Центар.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот.
Исто така денеска поради реконструкција на водоводна цевка Ф 300мм. на улица Бањалучка 10 со прекинато водоснабдување ќе бидат корисниците од улицата Бањалучка, Осло, Будимпештанска, Урош Ѓурович, Љубица Георгиева дел од улица Женевска и Васил Чакаларов. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување на работните активности.

