Македонија
(Видео) Македонски иноватори во Израел презентираа проекти за еврејското наследство
Македонски иноватори од 24 до 29 јуни имаа можност на студиски престој во Израел да се запознаат со тајната на израелското економско чудо. И покрај сите предизвици што ги носат конфликтите на Блискиот Исток, во Изрел со години се развива една извонредна приказна за иновативноста поради која со право Израел се нарекува стартап-нација. Речиси целиот свет учи од импресивниот израелски претприемнички модел, кој се заснова пред сè на култура на лидерство и управување со ризик. Стартап-нацијата сега ги пренесува своите искуства и на Македонија.
Македонската делегација која го посети Израел ја сочинуваа победничките тимови од првиот хакатон „Биталон“. Турата наречена „Израел, стартап-нација” всушност беше награда за најдобрите млади информатичари и иноватори од цела Македонија кои креираа дигитални алатки за да раскажат дел од историјата на еврејската заедница во Битола. Во Израел тие ги презентираа проектите кои ги развија на битолскиот Хакатон Биталон во организација на израелското Министерство за надворешни работи и македонското Министерство за информатичко општество и администрација, во соработка со Факултетот за информатички и комуникациски технологии од Битола и здружението ,,Архам“.
Турнејата низ Израел вклучуваше посета на Ерусалим, Тел Авив и Хаифа, средба со водечки технолошки компании, акцелератори и лидери, но и посета на локалитети од областа на културното наследство. Македонската делегација посети и група деца со посебни потреби коишто се рехабилитираат со помош на музика.
Покрај на Универзитетот „Бар Илан”, како и во повеќе технолошки центри и акцелератори, македонските иноватори ги презентираа своите проекти инспирирани од еврејската историја и во Музејот на холокаустот „Јад Вашем” во Ерусалим, кој ја чува историјата на 6 милиони жртви на холокаустот.

„Првата идеја беше да се најдат алатки со кои младите луѓе во Македонија ќе се заинтересираат за историјата на Евреите, но излегоа поголеми работи. Младите иноватори направија дигитални алатки со кои ќе можеме да го продолжиме овој проект. Добивме повеќе одошто очекувавме. Сега веќе имаме идеи за неколку апликации“, рече амбасадорот на Израел во Македонија, Дан Оријан.
Врвни израелски стартап-центри пред македонската делегација презентираа како успеале да ги лансираат своите бизнис-идеи. Меѓу нив е и компанијата „Мобилај Оркам“, која разви очила за слепи лица, односно алатка која со помош на гласовни пораки им помага на слепите во секојдневното опкружување. Оваа компанија само два дена по посетата на македонската делегација ја посети и принцот Вилијам, кој во тој период беше во неколкудневна посета на Израел.
Но, ова е само мал дел од целата приказна за Израел како стартап-нација. Во израелските стартапи и невозможното станува можно. Тоа се компании кои ги подобруваат, но и ги спасуваат животите на луѓето нудејќи иновативни решенија, почнувајќи од областа на безбедноста во сообраќајот, па сè до употребата на вештачка интелегенција во функција на помагање на децата болни од канцер.
Македонската делегација се запозна и со проектот со којшто оваа година Израел, покрај само неколку други земји во светот, ќе лансира ракета во вселената со модул кој треба да слета на месечината. За добрите идеи овде нема граници. Македонската делегација беше тука за да ги пренесе искуствата од Израел, земја која ѝ подава рака на Македонија со верба дека таа може да биде нова стартап-нација.
„Сакам да се заблагодарам до израелскиот амбасадор во Македонија, Дан Оријан, за неговите напори да се организира студиски престој во Израел за овие одлични млади луѓе кои се нашата иднина и кои можат да го поттикнат развојот на нашата економија, наука и образование. Тоа што овие млади луѓе од Македонија дојдоа на Универзитетот ‘Бар Илан’ за да ги прошират своите искуства е многу важно. Се надевам дека соработката ќе продолжи. Контактите, мостовите помеѓу македонскиот и еврејскиот народ се многу важни и се надеваме на подобра иднина како за нас така и за Израел”, рече вршителот на работи во амбасадата на Македонија во Израел, Александар Аврамовски, кој ја пречека македонската делегација.
Израел е релативно мала земја со нешто помалку од 9 милиони жители. Стара е само 70 години. Нема речиси никакви природни ресурси и е лоцирана во конфликтното опкружување на Блискиот Исток. Сепак, оваа земја има повеќе стартапи од поголемите земји кои не се соочуваат со војна, како што се Јапонија, Кина, Индија, Канада и Велика Британија. Израел исто така успеа да создаде најмногу компании регистрирани на NASDAQ берзата и да изгради вибрантен стартап и иновациски екосистем на кој може да позавидат и поголемите земји.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ реагира: Доколку СДС има докази за вмешаност на поединци од власта во случајот со 5 тони дрога нека ги достави до Обвинителство, во спротивно ќе добие тужба
„СДС веќе ја претера. Навикнати сме на лаги, манипулации, шпекулации и ширење на невистини од нивна страна, но ова веќе ја прели чашата. Ги повикуваме доколку имаат било какви докази за некаква вмешаност на поединци од власта во случајот со 5 тони дрога веднаш да ги достават до ЈО, во спротивно ќе добијат тужба“, реагира ВМРО-ДПМНЕ.
„На СДС најлесно им е да растураат пердуви во јавноста, и потоа да немаат никаква одговорност.
Провери ли СДС во фабриката за марихуана кај Заев? Зошто имало камиони без таблици во таа фабрика? Зошто Заев лично ѕвонел на телефони во царинската управа и се интересирал за случајот со марихуана? Каква е улогата на Вице во целиот случај?
СДС мора да разбере дека ако они крадеа, ние не крадеме. Ако тие даваа пасоши на криминалци, ние не даваме. Ако тие договараа тендери во 4 очи и добиваа автомобили за истото, ние не правиме така. СДС е синоним за криминал, корупција и неспособност, ВМРО-ДПМНЕ е синоним за чесност, работа и дела“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
СДСМ: Молкот за дрогата од 5 тони е потврда дека скандалот оди до врвот на власта
Трет ден по ред власта молчи за огромниот картелски скандал со заплената на 5 тони дрога во соседна Србија, која дошла од Македонија. Нема ниту еден одговор, како толкава количина дрога имало во Македонија, како поминала граница, скенери, камери, велат од СДСМ.
Молкот, според нив, е јасна потврда дека скандалот оди до самиот врв на власта.
„Ваков криминал не може да се случи без поддршка, логистика и заштита од луѓе на високи позиции во власта. Уште колку вакви пратки, уште колку тони дрога вредна милиони евра ја поминале границата? Каде завршуваат огромните пари од шверцот на дрога и што се финансира со овие пари?
СДСМ со денови говори дека постои поврзаност на криминални структури во Македонија и Србија. Овој случај е уште една потврда за тоа“.
Криминални тендери, 5 тони дрога, фотографии на Мицкоски со криминалци, луксузни часовници од 65.000 евра. Како во мафијашки филм, истакнуваат од оваа партија.
Молкот, како што додаваат, мора да престане.
„Обвинителството мора да се разбуди, да спроведе целосна истрага и да лоцира одговорност за картелскиот скандал со 5 тони дрога, без разлика кој на која функција се наоѓа.
Нема бегање од одговорноста.
Македонија
Се откри театарот на Трендафилов нарачан од СДС и Левица, велат од ВМРО-ДПМНЕ
Излезе на површина несериозноста, неодговорноста и поигрувањето на Слободан Трендафилов со чувствата и иднината на работниците, истакнуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Откако се постигна договор и се закажа средба меѓу Владата и гранковиот синдикат УПОЗ за зголемување на платите на административните службеници и до 40%, претседателот на ССМ се јави на социјалните мрежи.
Во стил на инфлуенсер, Трендафилов објави статус со фотографија како седи сам во празните простории на синдикатот, при што пишува дека чекал да дојде претставник на Владата за да се потпише договор за зголемување на платите.
Ова е само уште една потврда на тезите дека барањата на Слободан Трендафилов не се барања од и за работниците, туку се барања со политичка заднина и дека зад оваа раководство на ССМ стојат СДС и Левица“.
Ваквото однесување на Трендафилов, додават од владејачката партија, не е ништо друго освен обичен театар за широката маса, во која тој изигрува жртва, а виновна е владата.
„На него никогаш не му било до зголемување на платите на работниците, туку целта единствено му било да се наштети на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, што е иста политичка агенда со таа на СДС и Левица.
Оттука се јавува потреба да се постави прашањето, дали СДС и Левица му ги пишуваат барањата на ССМ и Трендафилов?“
Изминатиот период Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, појаснуваат од партијата, потпиша нови колективни договори и ги зголеми платите во образование, здравство, полиција, одбрана, социјала и другите сектори, но за тоа Трендафилов ништо не кажа.
„Исто како што збор не изусти за ценовните шокови во време на власт на СДС и ДУИ, кога инфлацијата рушеше двоцифрени рекорди, кога сметките за струја се зголемија за над 50% и молчеше кога во неколку државни институции со месеци немаше плати.
Исто така, потсетуваме дека во изминатите години на власт на СДС, се потпишаа колективни договори во разни државни институции и сектори, без одобрение од министерството за финансии. Тоа значи, СДС и ССМ си потпишале договори без претходно одобрени средства, што е спротивно на условите за потпишување на колективен договор и уште едно изигрување на работниците за политички цели.
Со овие политички игри и лицемерие Трендафилов и ССМ покажуваат дека не се борат за работниците, туку соработуваат и работат во корист на СДС и Левица против власта предводена од ВМРО-ДПМНЕ“.

