Македонија
Промовиран прирачник за иселеници и сликовница за млади со цел да се зацврстат врските со дијаспората
Агенцијата за иселеништво на Република Македонија презентираше три нови проекти од значење за иселениците од Македонија во дијаспората. Станува збор за прирачникот за иселениците, сликовницата за изучување на мајчиниот јазик за децата на иселеници во дијаспората и новата интернет-страница на Агенцијата за иселеништво.
На промоцијата министерот задолжен за дијаспората, Едмонд Адеми, посочи дека иселениците се лојални граѓани во земјите во коишто живеат, творат и работат, но истовремено се и мост на поврзување меѓу Република Македонија и земјата на престојот. Тој додаде дека нема поголема заштита и промоција на сопствениот национален, културен и јазичен идентитет од тоа кога една Влада се грижи за новите генерации родени надвор од Македонија, да овозможи на овие генерации да им го зближи знаењето и учењето на мајчиниот јазик.
Дректорот на Агенцијата за иселеништво, Никола Шалваринов, посочи дека Агенцијата изработила соодветна илустрирана азбука во печатена и дигитална форма, како помагало за изучување на мајчиниот јазик, наменета за децата на иселениците, којашто на илустративен начин допира до најмладите и создава здрава основа за изучување на мајчиниот јазик.
Исто така, нагласи дека и останатите два проекта, прирачникот за иселеници и интернет-страницата на Агенцијата, се во духот за информирање и приближување на работата на Агенцијата до иселениците. Според Шалваринов, прирачникот за потребите на иселениците на јасен и недвосмислен начин ги појаснува правата, обврските и потребите коишто можат да ги остварат иселениците од Македонија. Од друга страна, со ребрендирањето на интернет-страницата, се овозможува лесен пристап до минатите, идните и моменталните активности на Агенцијата, со што се дава соодветна слика за работењето коешто е од клучен интерес и за иселениците и за државата.
При изработка на трите проекти, Агенцијата за иселеништво добила поддршка од повеќе институции и Владата на Република Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Нова спортска сала доби основното училиште „Наум Охридски“ во Булачани
Основното училиште „Наум Охридски“ во Булачани во општина Гази Баба, доби нова спортска сала. Во присуство на премиерот Христијан Мицкоски, министерката за образование и наука Весна Јаневска и градоначалникот Бобан Стефковски, објектот со површина од 550 квадратни метри, денеска беше пуштен во употреба. Станува збор за инвестиција од 29,7 милиони денари кои ги обезбеди локалната самоуправа.
Честитајќи им на учениците, наставниците и на локалните жители, министерката Јаневска информираше дека Владата има намера во текот на мандатот да изгради триесетина училишни спортски сали, а за две веќе договорите се потпишани.
– За да имаме здрави деца, здрави генерации, неопходна им е физичка активност. Освен за часови по физичко, салата ќе биде достапна и за воннаставни спортски активности, кои создаваат здрави животни навики и ги учат децата од најмала возраст на другарство и позитивен однос кон врсниците, соработка и почит кон другите, ги ангажираат децата со позитивни активности и со тоа ги намалуваат ризиците од застранување, рече Јаневска.
Таа посочи дека МОН е насочено кон градење на поквалитетно образование кое ќе им овозможи на учениците оптимално да ги развиваат знаењата, вештините и компетенциите за да можат подоцна да бидат достојни граѓани на Македонија.
– Затоа и сакаме во што повеќе училишта да создадеме услови за едносменска работа и продолжен престој на децата. Тоа е услов нашите ученици да можат да се натпреваруваат со нивните европски врсници, истакна министерката, додавајќи дека големите промени веќе се случуваат и дека ќе бидат исполнети сите ветувања дадени пред граѓаните, кои воедно се и дел од програмата за работа на МОН.
Македонија
Со банките е договорена каматна стапка од 1,95 проценти за унгарскиот кредит, најави Мицкоски
„Од неколку од банките веќе имаме потврда и очекувам најголем дел од нив да застанат зад проектот и конечно 250-те милиони евра од унгарскиот заем да бидат поделени на македонското стопанство“, порача денеска премиерот Христијан Мицкоски.
-Договорена е каматна стапка од 1,95 проценти, до три години грејс период и до 15 години рок на отплата во зависност од потребите на компаниите. Ценам дека е ова историски договор со историска најниска каматна стапка, рече Мицкоски во одговор на новинарско прашање по денешното пуштање во употреба на новата спортска сала во ООУ „Наум Охридски“ во скопското село Булачани.
Нагласи дека за да добијат кредит компаниите ќе треба да имаат минимум 20 отсто сопствено учество, а максималниот износ кој можат да го добијат е ограничен на 10 милиони евра.
-Тоа значи дека ќе имаме инвестициски бран од 300 милиони евра. Сите компании ќе имаат можност да ги вложат овие средства во основни средства за работа, во обновливи извори на енергија, како и во објекти кои ќе ги користат како свои административни згради, односно за сопствена потреба, рече Мицкоски.
Македонија
Поради бизнис интересите на СДСМ граѓаните плаќаат поскапа струја, велат од ВМРО-ДПМНЕ
Нема област во која во владеење на СДС и ДУИ не преовладувал нивниот бизнис интерес, на место интересот на државата и граѓаните, велат од ВМРО-ДПМНЕ и додаваат дека како и се што уништија во државата, СДС и ДУИ за свои лукративни интереси го девалвираа и уништија и енергетскиот сектор.
„Поради нивите бизнис интереси со цел големи профити, направија граѓаните да плаќаат поскапа електрична енергија. Поскапата струја која што ја плаќаат граѓаните, како и финансиските проблеми на некогаш најпрофитабилното македонско претпријатие, ЕСМ е последица на седум годишното криминалното и недомаќинско работење на кадрите на СДС и ДУИ. Дека тоа е така може да се споредат сумите во различни периоди. На пример, во 2017 година кога со ЕСМ раководеше премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски просечната цена за еден мегават час електрична енергија беше 33 евра, а сега истата изнесува 133 евра за мегават-час. Освен ова, во периодот кога премиерот Мицкоски управувал со ЕСМ, производната цена за електрична енергија се намалила за 25% во однос на претходната. Ова само покажува одговорно и домаќинско работење, што не е случај со изминатото седумгодишно раководство кое мислело на само на свои бизнис и лукративни интереси. И со секоја следна година од доаѓањето на власт на СДС и ДУИ, цената на произведената електрична енергија по мегават-час постојано растеше, за годинава да достигне рекордни 133 евра“, се вели во соопштението на партијата.
Оттаму додаваат дека една од причините за енормниот раст на цената на струјата е не ископот на јаглен и скапо увезениот.
„И тоа најверојатно се направило за да се им овозможи на одредени компании блиски до СДС и ДУИ, да увезуваат јаглен и со тоа да остварат големи профити. Бизнис интересот и лакомоста за големи профити на СДС и ДУИ ги плаќаме сите ние, преку поскапа цена на струјата. Можеби ќе треба време за да се намали цената на струјата, но преку посветено, одговорно и домаќинско работење на новото раководство на ЕСМ тоа ќе се постигне. Набрзо од денес енергетскиот систем во Македонија ќе биде целосно консолидиран и вратен во нормална состојба, што ќе доведе и до пониски цени на електричната енергија.