Македонија
ФДМ бара поголема видливост на дијаспората во институциите
Членовите на Форумот за демократска Македонија Кристијан Фидановски и Емилија Тодорова остварија средба со Никола Шалваринов, директор на Агенцијата за иселеништво на Република Македонија.
На средбата се разговараше за досегашните дејности на Форумот за демократска Македонија (ФДМ), проблемите со кои се соочува дијаспората и можностите за соработка. Претставниците на ФДМ ја истакнаа потребата од поголема видливост на дијаспората во институциите на Република Македонија, вклучувајќи ја тука и Агенцијата за иселеништво.
Шалваринов ја потврди програмската определба на Агенцијата за тесна соработка и поголемо присуство во дијаспората и за усогласување на нејзините активности со Националната стратегија за соработка со дијаспората на чија изработка се работи во моментов. Воедно тој ја истакна вредноста на информациите што доаѓаат од организациите на дијаспората и поттикна на поинтензивна соработка на тој план.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
УНДП-конференција: Родовата еднаквост во намалувањето на ризиците од катастрофи во Западен Балкан и Турција
Катастрофите ги погодуваат сите, но последиците од нив не се еднакви за сите. Одредени категории граѓани, особено жените, лицата со попреченост и други ранливи групи, се помалку заштитени во случаи на катастрофи. Овие прашања во однос на родовата еднаквост во намалувањето на ризиците од катастрофи се во фокус на дводневната регионална конференција во организација на Програмата за развој на Обединетите Нации, што се одржува во Скопје.
„Жените не се само жртви на климатските промени, туку тие се и витални градители на издржливост и одржливост. Со зајакнување на улогата на жените, преку образование, економски можности и инклузивни политики, можеме да изградиме посилни, поотпорни заедници способни да ги издржат предизвиците на климата што се менува“, истакна министерката за животна средина и просторно планирање, Каја Шукова во воведното обраќање.
Амбасадорката на Швајцарија, Вероник Хулман, ja истакна поддршката на нејзината држава за одржливиот развој во Северна Македонија во однос на засилувањето на отпорноста кон катастрофи.
„Швајцарија го препознава значењето на родово сензитивниот пристап во однос на политиките за намалување на ризиците од катастрофи и затоа треба да ги вклучиме најранливите групи во креирањето и имплементацијата на мерките на митигација. Токму затоа Швајцарскиот проект „Подобрување на отпорноста кон поплавите во Полошкиот регион“ се стреми да го зголеми разбирањето кај сите засегнати страни за потребата од јасни насоки за систематско вклучување на жените и ранливите групи во креирањето политики и планови за одговори при катастрофи.“ – изјави Хулман.
„Жените често се на првата линија во борбата против последиците од катастрофите.
Затоа е значајно нивниот глас, не само да биде слушнат, туку и поддржан, особено во процесите на носење на одлуки. Треба да ги препознаеме жените како лидерки, кои преземаат мерки за заштита на заедницата. На сличен начин, лицата со попреченост поседуваат уникатно знаење и искуство кое е клучно за зголемување на отпорноста на заедниците. Препознавањето на овие способности и планирањето за потребите на маргинализираните групи ја засилува отпорноста на сите нивоа“ – изјави Григорјан.
На конференцијата учествуваат претставници од земјите на Западниот Балкан и Турција, амбасади, невладини организации, приватен сектор, регионалната канцеларија на УНДП во Истанбул и повеќе агенции на Обединетите Нации.
Конференцијата е организирана во рамки на проектот „Подобрување на отпорноста кон поплави во Полошкиот Регион“, финансиран од Владата на Швајцарија; а со поддршка на Регионалниот хаб на УНДП во Истанбул како и финансиска поддршка на Владата на Турција.
Македонија
Иљази им забрани на докторите од Токсикологија да даваат изјави за медиумите
Економската директорка на Клиниката за Токсикологија, Бесија Иљази, им забрани на вработените на Клиниката за токсикологија да даваат медиумиски изјави, по скандалите кои еден месец ја тресат здравствената установа.
Таа претходно немаше слух за барањето на вработените кои повикаа да се вработат двајца дипломирани биолози и еден болничар, од кои имаат потреба, наместо 18 лица на чиешто вработување Иљази инсистираше, а за кои веруваат дека не ги исполнуваат критериумите.
Откако докторите јавно ја прозваа Иљази дека не соработува со нив, македонски јазик не зборува, не се знае ништо за нејзиното образование, клиниката е во долгови, а во моментов не функционира Токсиколошката лабораторија, и се снаоѓаат со тестови и со еден лаборант, Иљази наместо да одговори на критиките, донела писмена наредба до докторите да не комуницираат со јавноста.
„Клиниката за Токсикологија Скопје, ВД. Организацискиот директор на Клиниката на ден 20.05.2024 ја донесе следнава НАРЕДБА за забрана на неовластено присуствување, давање изјави за јавност преку интервјуа и свикување прес конференции. Се забранува неовластено свикување на конференции за печатени и електронски средства за информирање, давање интервјуа и слично со што би се нанело штета на угледот на клиниката. Средби со новинари, други медиуми само со претходно известување до В.Д. Организацискиот директор. Непочитувањето на оваа наредба подлежи на сакнционирање“, се наведува во наредбата.
Министерот за здравство, Илир Демири, претходно го разреши медицинскиот директор на Токсикологија, Данил Петревски, и покрај тоа што нивните поплаки се однесуваа на економската директорка. Од минатата недела 18-те лица повторно почнале да доаѓаат на работа на Клиниката, а во јавноста беше објавено дека меѓу нив има и лице кое барало од лаборант урина со наркотици да биде заменета со чиста. Договориците потоа го обвинија професорот Нико Беќаровски за навреди на етничка основа, а тој возврати со најава за тужби и доби поддршка од вработените на Клиниката кои тврдат дека такво нешто не се случило, а за Беќаровски имаа да кажат се’ најубаво.
Министерот за здравство, Илир Демири, минатата недела не кажа дали осумнаесетте договорци од Токсикологија се стручни, туку рече дека бил загрижен за 18-те семејства кои не добиле плата. Прашан за тврдења во јавноста дека тие лица не исполнуваат критериуми за да работат таму, министерот рече дека тоа прашање требало да се постави лани.
Скопје
Герасимовски: Мотивиран кадар во градинките дава резултати
Општина Центар и оваа година додели 12 награди и пофалници за најдобрите воспитувачки, негувателки, соработници и помошно-технички персонал од детските градинки.
,,Професионалниот, посветен и мотивиран кадар е од голема важност во процесот на воспитувањето, негата, квалитетното згрижување и образување на нашите најмали.
Раното детство е клучно за севкупниот развој на личноста. Затоа е од витална важност персоналот што работи во предучилишните установи да биде на ниво на задачата, а децата да се развиваат, растат и учат во средина што е стимулативна и безбедна. Само така ќе им обезбедиме успешен старт во животот.
Како Општина ќе продолжиме да ве поттикнуваме и мотивираме во таа благородна мисија“, истакна градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски, честитајќи им на вработените за добиените награди.
Наградите во износ од 30.000,00 денари се доделени, согласно општинската Програма за здравствена, социјална заштита и заштита на децата, а врз основа на претходно утврдените критериуми за вреднување на работата на вработените во детските градинки во Општина Центар.
Настанот се одржа во матичниот објект на ЈУДГ „13 Ноември“, а беше организирана и детска ликовна изложба, при што за најдобрите трудови беа доделени пофалници.
Општина Центар секоја година доделува парични награди и благодарници за вработените во градинките што се истакнале во својата дејност, со цел дополнително да ги мотивираме сите оние што директно или индиректно придонесуваат во работата со деца, соопштија од оваа општина.