Македонија
(Видео) Мајката на претепаното бебе користела социјална помош

20-годишната мајка на претепаното бебе е корисник на социјална помош, информира Министерството за труд и социјала. Оттаму велат дека социјалните служби веќе го трeтираат овој случај, а обезбедувањето целосна грижа и заштита на детето е примарна обврска на надлежните.
– Она што можеме да го соопштиме во моментот е дека мајката на детето е корисник на парична помош на лице што до 18 години имало статус на дете без родители и родителска грижа – соопштија од Министерството.
На детето веќе му е одреден старател, а социјалните служби не дозволуваат контакт на роднините со девојчето.
Состојбата на 14-месечното бебе, кое викендов беше примено на КАРИЛ со крвавење во мозокот и тешки скршеници на коските на нозете, се стабилизира, а ако добро напредува, во наредните денови девојчето ќе биде пренесено на Детската клиника.
– Детето е подобро, сè уште немаме контакт со него, но дише само, не е на апарати. Се работи за повреди од човечка природа и претходно било повредувано. Има рефлекс на цицање, јадење, што е добар знак. Мајката не е со него, од синоќа го презедоа социјалните служби, а ние комуницираме само со старателот – изјави д-р Маја Мојсова, раководител на Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување – КАРИЛ.
Полицијата го истражува случајот откога пред два дена мајката и детето биле примени на Ургентниот центар со тешки телесни повреди, а жената давала различни изјави за тоа што се случило – од тврдења дека бебето паднало од креветот до обвинувања за семејно насилство од страна на роднините на нејзиниот сопруг, кој е во затвор.
Од МВР велат дека работат на расчистување на случајот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Владата: Ќе го прифатиме секој договор помеѓу синдикатите и работодавачите

Премиерот Христијан Мицкоски заедно со министерот за економија и труд, заменик-министерот за економија и труд, државниот секретар во Министерството за финансии и советникот во Кабинетот на претседателот на Владата одржа средба со претставници на синдикатите.
Се разговараше за минималната плата, колективниот договор и репрезентативноста на синдикатите.
„Ставот на Владата во врска со зголемувањето на минималната плата е јасен и поврзан со закон. Имено, согласно закон Владата е обврзана да го определи нивото на минималната плата најдоцна до 31 март. Владата ќе го прифати секој договор помеѓу синдикатите и работодавачите, во моментот кога тој ќе биде постигнат во рамките на економско социјалниот дијалог“, велат од Владата.
Македонија
Утре променливо облачно време со локален дожд попладне

Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Попладне и во вечерните часови ќе има локален дожд, а на планините повремен снег.
Ќе дува умерен, а во источните делови и вдолж Повардарието засилен ветер од северозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -5 до 3, а максималната ќе достигне од 10 до 18 степени, јавува УХМР.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Попладне и во вечерните часови ќе има услови за повремен дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до -1, а максималната ќе достигне до 18 степени.
Следува период на стабилно и топло време, освен утре и во сабота кога ќе има локални врнежи од дожд. Утринските и дневните температури ќе бидат во пораст.
Македонија
Работен состанок за решавање на предизвиците од областа на судските и дисциплинските постапки

Министерството за внатрешни работи се одржа работен состанок помеѓу претставници на МВР, Државниот правобранител на РСМ, Основниот граѓански суд-Скопје, Апелациониот суд-Скопје и Државната комисија за одлучување во управна постапка.
Целта на средбата беше дискусија за отворените прашања во врска со роковите за носење на решенијата во дисциплински постапки и други прашања од областа на судските и дисциплинските постапки.
Претставниците на институциите се договорија овие работни средби да продолжат и во иднина со цел меѓуинституционално решавање на сите предизвици со крајна цел заштита на правата на работниците и избегнување на финансиски импликации на штета на буџетот.