Регион
Oслободeни петтемина Срби што ги приведе косовската полиција

Косовската полиција ги ослободи петтемина Срби што утрото беа уапсени во општината Гнилане под сомнение дека сториле дело против безбедноста на Косово. Според косовската телевизија КТВ, Србите биле пуштени на слобода по дадените изјави во полицијата. Веста за КТВ ја потврди и јавниот обвинител на Гнилане, Јетош Малоку.
Истиот извор наведува дека ослободувањето дојде по острата реакција на Белград, кој се закани дека ако Србите што се уапсени во Косово не бидат ослободени, тогаш Србија веднаш ќе ги прекине преговорите со Косово.
Приштинскиот весник „Експрес“ пренесува дека Специјалните полициски сили на Косово ја реализирале акцијата во селото Горно Куфце кај Гнилане во моментот кога со неколку Срби бил и припадникот на срспката војска Ненад Стојановиќ, кој правел обиди Србите во Безбадносните сили на Косово да го напуштат БСК.
Весникот „Зери“ информира дека директорот за Косово при српската влада, Марко Ѓуриќ, ја пренел заканата на српскиот претседател Александар Вучиќ дека ако веднаш не се ослободат уапсените, се прекинуваат долгорочно преговорите на Белград со Приштина.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Вучиќ: Србија ќе се приклучи на развојот на руската вакцина против рак

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изјави дека разговарал со Александар Кецман, директор на Институтот „Гамалеја“ во Москва, кој го информирал дека во Русија се развива вакцина против рак.
„Ми објаснија одредени работи. Имаме голем процент на заболени од рак. Оваа вакцина е поинаква, бидејќи им помага на веќе болните луѓе — не е превентивна. Може да биде успешна до 85 проценти,“ рече Вучиќ.
Тој додаде дека Србија ќе се вклучи во проектот веднаш штом Русија го дозволи тоа:
„Ќе подготвиме целосна инфраструктура за да бидеме спремни за два до три месеци. Не можеме уште да ја произведуваме, но ќе направиме сè за да бидеме подготвени.“
Вучиќ нагласи дека во Србија има повеќе случаи на малигни заболувања отколку во другите земји, што, според него, е поврзано со последиците од бомбардирањето во 1999 година.
Регион
Возачот на автобусот приведен по тешката несреќа кај Сремска Митровица: две жртви и 80 повредени

Возачот на автобусот кој денеска се преврте кај Сремска Митровица е приведен и му е одредено задржување до 48 часа, соопшти српското Министерство за внатрешни работи (МУП), пренесе „Н1“.
Во несреќата загинаа две лица, а околу 80 се повредени. 35 повредени лица се згрижени во Општата болница во Сремска Митровица, една личност е пренесена во Клиничкиот центар на Војводина, а уште една е во операциона сала. За останатите се врши дијагностика.
Автобусот на компанијата „Сирмиум бус“, кој превезувал работници од фирмата „Хелткеар“, излета од патот и се преврте на кров од засега непознати причини. Несреќата се случи околу 14:45 часот.
Полицијата го затвори патот и не дозволува пристап до местото на несреќата, а на лице место излезен е и јавен обвинител за да ја утврди причината за трагедијата.
Регион
Автобус со работници се преврте кај Сремска Митровица, има жртви

Тешка сообраќајна несреќа се случи попладнево околу 14:30 часот на излезот од Сремска Митровица, кај поранешната фабрика „Матроз“, кога автобус на „Сирмиумбус“ што превезувал работници од фабрика се превртел на кров, јави Нова.рс.
Според првичните информации, најмалку две лица загинале, а повеќемина се повредени и се пренесени во Општата болница во Сремска Митровица. На местото на несреќата се полицијата и противпожарните служби, а сообраќајот е блокиран поради увидот.
Фотографии од местото на настанот покажуваат долги колони возила на патот Сремска Митровица – Јарак. Истрагата за причините е во тек.