Македонија
На Самитот во Лондон француска поддршка за спроведување на договорот од Преспа
Франција целосно го поддржува спроведувањето на неодамнешниот договор меѓу Грција и Република Македонија во врска со името, истакнал денеска шефот на француската дипломатија, Жан-Ив Ле Дриан, на Самитот од Берлинскиот процес посветен на Западен Балкан, кој се одржува во Лондон.
Како што се вели во изјавата на портпаролот на Министерството за Европа и за надворешни работи на Франција, Ањес Фон Дер Мил, добиена од Амбасадата на Франција во Скопје, на Самитот на кој присуствуваат осум земји од Европската Унија (Германија, Австрија, Хрватска, Франција, Италија, Полска, Велика Британија) и шесте земји од Западен Балкан, министерот Ле Дриан го претставува претседателот на Република Франција.
Франција е вклучена во Берлинскиот процес од неговиот почеток во 2014 година и беше домаќин на Самитот во 2016.
„Политичкиот дијалог воспоставен во оваа пригода меѓу земјите членки на ЕУ и земјите од Западен Балкан, како и конкретните проекти кои имаа за цел да се забрзаат економските размени, да се даде поддршка на младите и да се решат билатералните спорови, придонесоа за одржлива стабилизација, за економски и социјален развој и за приближување кон Европа на овој регион“, ќе посочи, меѓу другото, францускиот министер за Европа и за надворешни работи.
Во изјавата се наведува дека тој повторно ќе ја искаже поддршката на Франција кон помирувањето меѓу земјите и народите од Западен Балкан, особено преку Младинската канцеларија за регионална соработка (РИКО), создадена според моделот на Француско-германската канцеларија за млади (ОФАЈ).
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Дел од Карпош денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 09.00 до 12.00 часот, корисниците од булеварот Партизански Одреди бр. 95, општина Карпош.
Македонија
Претежно облачно со повремени врнежи од дожд, наместа пообилни
Претежно облачно со повремени врнежи од дожд, наместа пообилни (локално над 25 l/m2) и со услови за појава на грмежи. Ќе дува слаб до умерен, наместа повремено засилен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 10, а максималната ќе достигне од 10 до 16 степени.
Во Скопје, претежно облачно со повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе се спушти до 6, а максималната ќе достигне до 13 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на циклонска активност од денеска до сабота ќе преовладува претежно облачно време со повремени врнежи од дожд. Пообилни врнежи се очекуваат во текот на денешниот ден и во четврток (над 25 l/m2 за 24 часа). Поради спуштање на постудена воздушна маса од север, во четврток на планините врнежите ќе преминуваат во снег, а дневните температури ќе опаднат за 4-6 степени во споредба со утрешните.
Стабилизирање на времето се очекува од недела.
Македонија
Муцунски во Белград: Регионалното поврзување е клучно за забрзување на европската интеграција
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, вечерва во Белград учествуваше на работна средба со министрите за надворешни работи на земјите-членки на Централноевропската иницијатива (ЦЕИ).
Фокусот на разговорите беше ставен на проширувањето на Европската унија, актуелните геополитички околности и предизвиците што произлегуваат од нив, како и на регионалната безбедност и неопходноста од засилено регионално поврзување и соработка.
Министрите уште еднаш ја потврдија важноста на ЦЕИ како стабилна платформа за продлабочување на соработката во сите области од заемен интерес, унапредување на партнерствата и ефективно справување со регионалните предизвици.
Во своето обраќање министерот Муцунски ја нагласи улогата на регионалното поврзување и регионалните иницијативи како клучни алатки за забрзување на европската интеграција – најзначајниот процес за поддршка на мирот, безбедноста и економскиот развој на континентот. Тој ја потврди целосната посветеност на Република Северна Македонија на европскиот пат, нагласувајќи дека тоа е геостратешка неопходност за стабилен, сигурен и просперитетен регион.

