Македонија
Начинот на кој ги затворивме спорните прашања со соседите го поздрави цел демократски свет, изјави Заев
Премиерот Зоран Заев во оценката за учеството на ова издание на Самитот ЕУ/Западен Балкан што се одржа во Лондон истакна дека се работи за респектибилен собир кој годинава бил посветен на регионалната економска соработка како суштински дел од интегративните процеси на ЕУ, потоа на надворешната политика и билатералните прашања и наследството од минатото, како и на безбедносните прашања и миграциите, тема на која, како што рече, Европската Унија е целосно фокусирана.
„Мора да се каже дека Република Македонија има специјално место на ова издание на Самитот на ЕУ за Западен Балкан. Со постигнатиот договор за македонско-грчкиот спор за името и за стратегиско партнерство со Грција, како и со датумот за преговори со Европската Унија, нашата земја е препознаена како лидер во регионот од аспект на надворешната политика и билатералните прашања и наследството од минатото. Начинот на кој нашата земја ги затвори отворените прашања со сите соседи е модел за успешна приказна што ја поздрави целиот демократски свет, и посебно нашите соседи и нашите партнери во Европската Унија“, изјави премиерот Заев по повод учеството на Самитот ЕУ/Западен Балкан во Лондон.
Заев нагласи и дека на овој Самит уште еднаш дошла до израз определбата на сите земји во регионот да споделуваат европски ставови и вредности во однос на заедничко поврзување и соработка.
„Се договоривме дека нема да го пропуштиме моментот да учествуваме сите заедно во посилна Европа на политички, на економски и на безбедносен план. Владата на Република Македонија е фокусирана да обезбеди и да гарантира стабилна и мотивирачка средина и да биде кредибилен партнер за бизнис-иницијативите што се отвораат на овие средби. Нашите следни чекори се насочени кон постигнување на ЕУ стандардите за регионална соработка и за економските политики, соодветно на големиот потенцијал на единствениот пазар на ЕУ. Еден од елементите за мотивирачка средина за бизнис-иницијативите е и поканата Република Македонија да биде 30-та земја членка на НАТО, што ја очекуваме за ден-два во Брисел“, потенцираше Заев во изјавата за учеството на владината делегација на Самитот на ЕУ за Западен Балкан во Лондон.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Почина хирургот и професор Владо Јаневски
По повеќегодишно боледување, на 71-годишна возраст, денеска почина познатиот хирург, професор и доктор Владо Јаневски, сопруг на министерката за образование и наука Весна Јаневска.
Јаневски важеше за истакнат медицински професионалец кој зад себе остави значаен придонес во хирургијата и медицинската едукација. Во текот на својата кариера, своето знаење и искуство ги пренесе на бројни лекари и хирурзи, кои денес работат во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, како и во приватните здравствени установи.
Посмртните останки ќе бидат изложени утре, 1 март, во 11:00 часот, во капелата во Бутел.
Македонија
Евакуација од Израел побарале 11 македонски државјани
Единаесет македонски државјани досега побарале евакуација од Израел, откако утринава САД и Израел го нападнаа Иран, соопштија од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија. Во моментов воздушниот простор е затворен и не е можна евакуација.
„Согласно последните информации, воздушниот простор останува затворен најмалку до понеделник. По неговото повторно отворање ќе бидат разгледани можностите и моделите за организирање евентуална евакуација, во согласност со околностите и безбедносната состојба“, велат од Министерството.
Оттаму додаваат дека во оваа фаза,препораката до македонските државјани е внимателно да ги следат официјалните известувања на израелските власти, да постапуваат согласно безбедносните протоколи и да останат во засолништа кога тоа е наложено.
„Апелираме до сите наши државјани да се воздржат од патувања кон земјите од овој регион сè до стабилизирање на безбедносната состојба. Во случај на потреба од помош граѓаните можат да се обратат на следните контакти: Амбасада на Република Северна Македонија во Тел Авив телефон +972 54 500 8566, телефон +972 54 967 0546 и е-пошта: [email protected], како и во Министерство за надворешни работи и надворешна трговија на телефон +389 75 273 732 / +389 75 268 736 и е-пошта: [email protected]. Министерството, преку Дипломатско-конзуларното претставништво во Тел Авив, континуирано ја следи состојбата и навремено ќе ја информира јавноста за понатамошниот развој“, додаваат од МНР.
Македонија
Муцунски: Стоиме зад нашите американски сојузници
Ние стоиме зад нашите американски сојузници во справувањето со дестабилизирачките закани на Блискиот Исток, објави министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски.
– Соединетите Американски Држави јасно ставија до знаење дека дипломатијата е секогаш првата опција – но одвраќањето останува од суштинско значење кога постојат веродостојни ризици. Безбедноста, стабилноста и одговорноста одат рака под рака, се наведува во објавата на Муцунски на платформата „Х“.

-Во исто време, нашите амбасади и конзуларни тимови низ целиот регион се активно вклучени и работат на поддршка и помош на нашите граѓани, обезбедувајќи ја нивната безбедност и обезбедувајќи ја целата потребна конзуларна помош, се додава во објавата на налогот на министерот Муцунски на социјалната платформа „Х“.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, потврди дека САД започнале напади врз Иран во осумминутно видео објавено на неговиот профил на „Truth Social“. Во видеото, Трамп потврди дека САД започнале „големи борбени операции“ против Иран. Тој исто така вели дека целта на кампањата е да се „заштити американскиот народ“ и да се елиминираат непосредните закани што ги претставува иранскиот режим, кој го нарече „злобна група многу ужасни луѓе“.

