Свет
Извлекувањето во Тајланд за малку ќе имало трагичен крај, тврдат спасувачите

Акцијата за спасување на 12. момчиња и нивниот тренер во Тајланд за малку не завршила трагично, откриле некои од спасувачите за британски „Гардијан“, истакнувајќи дека пумпите за вода неколку часа по извлекувањето на последното дете нагло престанале да работат.
Во тие моменти, спасувачите биле оддалечени повеќе од 1,5 километри од излезот на пештерата, а главната пумпа престанала да работи. Поради тоа, имало ненадеен пораст на нивото на водата во пештерата.
Тројца австралиски спасувачи, кои биле во пештера, тврдат дека тогаш слушнале викање и виделе факли за сигнализација длабоко во пештерата, односно работници кои се обидувале да стигнат до сувиот дел.
„Паничното викање започна поради тоа што нивото на водата нагло почна да се зголемува“, изјавиле спасувачите за „Гардијан“, додавајќи дека во пештерата тогаш имало повеќе од 100 спасувачи и работници. За среќа, сите успеале да избегаат од пештерата навреме.
За нешто повеќе од две недели, колку што поминаа во поплавената пештера, Там Луанг, тајландските момчиња и нивниот фудбалски тренер во просек изгубиле по околу 2 килограми, но нивната општа состојба е добра и не покажуваат знаци на стрес, објави во средата претставник на Министерството за здравство.
Во меѓувреме, на родителите на четирите момчиња, кои во неделата први беа извлечени од пештерата, им беше дозволено да ги посетат, но морале да носат заштитни костуми и од нив да бидат оддалечени околу два метра.
Премиерот Прајут Чан-оча побара од јавноста на децата да им се овозможи доволно време и простор целосно да закрепнат.
„Важно е да им се даде доволно простор и да им се овозможи непречено да продолжат да учат“, изјави тој за новинарите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Вучиќ: Србија ќе се приклучи на развојот на руската вакцина против рак

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изјави дека разговарал со Александар Кецман, директор на Институтот „Гамалеја“ во Москва, кој го информирал дека во Русија се развива вакцина против рак.
„Ми објаснија одредени работи. Имаме голем процент на заболени од рак. Оваа вакцина е поинаква, бидејќи им помага на веќе болните луѓе — не е превентивна. Може да биде успешна до 85 проценти,“ рече Вучиќ.
Тој додаде дека Србија ќе се вклучи во проектот веднаш штом Русија го дозволи тоа:
„Ќе подготвиме целосна инфраструктура за да бидеме спремни за два до три месеци. Не можеме уште да ја произведуваме, но ќе направиме сè за да бидеме подготвени.“
Вучиќ нагласи дека во Србија има повеќе случаи на малигни заболувања отколку во другите земји, што, според него, е поврзано со последиците од бомбардирањето во 1999 година.
Свет
Ројтерс: Зеленски ќе му презентира на Трамп план за користење на ракетите „Томахавк“

Украинскиот претседател Володимир Зеленски подготвува презентација за Доналд Трамп во која ќе објасни како Украина би ги користела крстосувачките ракети „Томахавк“ доколку САД одобрат нивна испорака, објави Ројтерс повикувајќи се на висок извор.
Според агенцијата, Киев смета дека овие ракети со домет од над 1.600 километри би можеле да го променат текот на војната, овозможувајќи напади врз цели длабоко во Русија, вклучувајќи енергетски постројки и воени бази.
Сепак, не е извесно дали Трамп ќе ја прифати украинската аргументација. Тој вчера изјави дека на САД им се потребни сопствените залихи на „Томахавк“ и изрази загриженост поради нивното исцрпување.
Свет
Орбан и Путин разговарале за можниот самит со Трамп во Будимпешта

Унгарскиот премиер Виктор Орбан телефонски разговарал со рускиот претседател Владимир Путин за планираниот состанок меѓу Путин и американскиот претседател Доналд Трамп во Будимпешта, соопшти Кремљ. Според соопштението, иницијативата за разговорот дошла од унгарската страна.
„Орбан ја изрази подготвеноста да помогне во организирањето на можниот руско-американски самит во Будимпешта“, се наведува во соопштението на Кремљ.
Путин го информирал Орбан за неговиот неодамнешен телефонски разговор со Трамп и изјавил дека планираниот состанок ќе го искористи за дискусија околу „алгоритамот на понатамошни чекори“ со цел пронаоѓање начин за завршување на војната во Украина.
По разговорот, Орбан на социјалните мрежи напиша дека „подготовките се во полн ек“, очигледно алудирајќи на можниот самит во унгарската престолнина.
Трамп и Путин разговарале вчера, првпат по речиси два месеца. Американскиот претседател потоа најави дека планира состанок со рускиот лидер во Будимпешта — што би билa првa неговa посетa на главен град на земја членка на ЕУ од почетокот на инвазијата врз Украина.
Трамп изјави дека Путин не ја поддржува идејата САД да ѝ испорачаат на Украина ракети „Томахaвк“ и додаде дека „можеби сега не е совршен момент“ за воведување дополнителни санкции насочени кон руските енергетски приходи.