Македонија
(Видео) Арсовски: Владата да одговори колку ќе потроши за прославата

Сведоци сме на изјави на некои од музичарите што биле договорени да настапат, кои јавно кажуваат дека биле манипулирани и излажани и воопшто не им било кажано дека настапуваат на прослава за промена на името, НАТО и ЕУ. Дополнително, само СДСМ може да организира прослава за промена на името и да им продава пиар на граѓаните дека влегуваме во ЕУ и НАТО и затоа се слави. А сите, за жал, видовме дека добивме датум за датум за преговори за влез во ЕУ и НАТО ако и само ако доколку го смениме уставното име на Република Македонија, изјави Димче Арсовски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.
„Ако СДСМ е подготвен да лаже за договарање артисти за настап, замислете за што сè е подготвен да лаже и да манипулира за многу поголеми работи што ни претстојат во наредниот период и во иднина. Излажа за прославава, излажа за 500 евра плата, излажа за влез во ЕУ и НАТО, излажа дека нема да се менува Уставот. Суши-лаже за сè и сешто. Ако артистите и прославата биле договорени пред еден месец, Владата веднаш да одговори кога е распишана јавната набавка за прославата и кој владин орган стои како организатор на таа прослава? Која е фирмата што ги изнајмува бините, озвучувањето и осветлението и колку пари чини тоа бидејќи парите се даваат од џебот на граѓаните?“, праша Арсовски.
Според него, сумата за ангажманот на изведувачите очигледно е огромна штом се крие од страна на Владата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Инспекторатот на Општина Карпош проверил 50 градби и изрекол 26 казни

Во текот на изминатата недела, од страна на градежен и комунален инспектор, како и со активно присуство на комуналните редари, биле спроведени над 50 контроли на терен, информираат од Општина Карпош.
Како резултат на овие контроли, изречени биле вкупно 26 казни и 17 опомени, со целосна примена на законските надлежности и прописи.
Градежниот инспектор, согласно својата надлежност, како што појаснуваат од општината, изрекол четири казни во висина од 500 до 3.000 евра, на правни и одговорни лица.
Комуналниот инспектор изрекол пет казни по 300 евра за одговорни лица, како и пет казни по 1.500 евра за правни лица.
„Воедно, беа изречени и пет опомени, при што недостатоците беа коригирани веднаш на лице место.
Дополнително, казни беа изречени и за повеќе правни субјекти, како резултат на утврдени прекршувања. Истовремено, кај дел од градежните компании беше постапено по издадени опомени, со целосно почитување на наложените мерки.
Комуналните редари во истиот период изрекоа 12 казни во висина од 40 евра, како и 12 опомени. Доколку во наредниот период не се извршат потребните корекции кај овие градби, во постапката ќе се вклучи и комуналниот инспектор, чии казни, согласно законот, се со значително повисоки износи“, нагласуваат од оваа општина.
Општина Карпош апелира до сите инвеститори и градежни компании кои работат на територија на општината, да ги почитуваат законските прописи, како и да водат сметка за околината, особено при работа во зони со индивидуално домување.
Потенцираат дека нема компромис со незаконското градење.
„Општина Карпош продолжува со засилен инспекциски надзор врз сите градилишта на своја територија, со цел да се обезбеди законска, безбедна и одговорна урбана изградба“, се нагласува во информацијата.
Македонија
Реконструирани две нови улици во Ѓорче Петров

Општина Ѓорче Петров реализираше уште два инфраструктурни зафати во урбаното јадро, со целосна реконструкција и асфалтирање на две улици.
Улиците Вера Циривири и Никола Вукмировиќ добија нов лик, како дел од континуираната стратегија за модернизација на инфраструктурата. Вкупната површина е 3.020 м², а вкупната вредност на инвестицијата е 3.135.000 денари.
Проектот е финансиран со средства од Владата на Република Македонија, што ја потврдува важноста на соработката помеѓу локалната и централната власт.
Двете улици ја поврзуваат ул. 4-ти Јули со бул. Ѓорче Петров, што значително ја подобрува сообраќајната комуникација и ја зголемува безбедноста на жителите во овој дел од општината.
Градоначалникот Александар Стојкоски изјави дека општината продолжува со модернизацијата на инфраструктурата во Ѓорче Петров.
-Овој проект е само еден од многуте што ќе следат, бидејќи нашата цел е да создадеме современи и функционални услови за живот за сите наши граѓани. Благодарни сме на Владата за поддршката и продолжуваме со напорна работа за напредокот на општината – рече Стојкоски.
Со овие нови вложувања, Општина Ѓорче Петров продолжува да го подобрува квалитетот на живот за сите жители, инвестирајќи во урбана инфраструктура и создавајќи функционален град за сите, истакнуваат од таму.
Македонија
Министерството за локална самоуправа со швајцарска поддршка набави ИТ-опрема за центрите за развој на планските региони

Во рамки на проектот „Одржлив и инклузивен рамномерен регионален развој“ – 2 фаза, Министерството за локална самоуправа успешно спроведе постапка за набавка на ИТ опрема за сите осум Центри за развој на планските региони. Овој проект, поддржан од Владата на Швајцарија, претставува значајна инвестиција во подобрување на капацитетите на Центрите и нивната способност да обезбедат поефикасен и поквалитетен сервис за граѓаните.
Во Министерството за локална самоуправа, денеска симболично беше извршено примопредавање на опремата, при што директорите на Центрите едногласно истакнаа дека таа значително ќе им помогне во обезбедување на побрз и поефикасен пристап до информации, како и голема поддршка во напорите за одржлив развој во сите региони низ земјава.
Набавената опрема, која вклучува преносни и персонални компјутери, монитори, мултифункционални принтери и NAS системи е целосно приспособена на потребите на Центрите за развој на планските региони. Вкупната вредност на оваа донација изнесува 1.295.500,00 МКД и ќе има директно позитивно влијание на работењето на овие институции.
Воспоставувањето на силни и добро опремени центри претставува основа за продолжен раст и развој, кој ќе ги подобри условите за живот на сите граѓани, а посебно на оние во помалку развиените региони, велат од министерството.