Македонија
Заев од Галичник: Да ја негуваме традицијата, Македонија е едно семејство
Како покровител на 45. Галичка свадба, претседателот на Владата , Зоран Заев, заедно со заменикот и министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски, министрите за култура, за комуникации, отчетност и транспарентност и за дијаспора, Асаф Адеми, Роберт Поповски и Едмонд Адеми, како и со заменик – министерот за локална самоуправа Дејан Павлески и со Националниот координатор за развој на културата Роберт Алаѓозовски, денеска присуствуваше на 45-тата Галичка свадба.

Искажувајќи го своето задоволство поради можноста да биде покровител на овогодинешната Галичка свадба, Премиерот Заев истакна дека Владата ќе продолжи да ја негува македонската традиција.
„Пред само неколку дена во Брисел бев посебно горд на поканата која ја добивме за членство во НАТО. Денеска сум посебно горд на нашата историја, нашето културно историско наследство кое го славиме со векови наназад и така ќе продолжиме во иднина. Нашето културно наследство е наша гордост. Штитејќи го културното наследство, го јакнеме и нашиот идентитет“, рече премиерот Заев.

Инаку во мај годинава, престижниот магазин „Њујорк тајмс“, Галичката свадба ја вброи меѓу 9-те најдобри фестивали во Европа. На оваа листа покрај од Македонија, се наоѓаат фестивали од Шведска, Шпанија, Германија, Шкотска, Чешка, Италија и два фестивали во Франција.
Оваа значајна културна манифестација повеќе од 4 децении ги негува свадбарските обичаи и ритуали на жителите од мијачкиот крај. Во исто време, ја зачувува автентичноста на изворните песни и ора, како и надалеку познатата галичка носија на која е врежан печатот на вековните македонски традиции.
„Почитувани пријатели, ја градиме Македонија како едно општество, како едно семејство за сите. Тоа е промена за трајна придобивка којашто од Македонија ќе направи земја со која сите ќе се гордееме“, додаде Премиерот Заев.
Тој на овогодинешните младенци на Галичката свадба, Тања Лепчевска и Златко Димовски им посака среќа, бериќет и брак исполнет со многу деца.
Галичката свадба секоја година се одржува на „Петровден“, односно за време на викендот кој е најблиску до овој празник. Манифестацијата, традиционално, започнува в петок. Низата свадбени обичаи кулминираат денеска, со венчавањето на младоженците во црквата „Св. Петар и Павле“, како и со изведбата на невестинското и други ора. Во минатото на Петровден во ист ден се правеле повеќе од 60 свадби.
Меѓу гостите на овогодинешната, 45-та Галичка свадба, беа и амбасадорите на неколку земји во Република Македонија. Оваа значајна културна манифестација ја следеа повеќе од три илјади луѓе од земјава, но и од странство.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сали во Брисел: Билатералните прашања не смеат да го кочат европскиот пат на земјата
Во рамките на официјалната посета на Брисел, Првиот заменик-претседател и министер за европски прашања, Беким Сали, оствари средба со европратеникот Матеј Тонин (EPP) во Европскиот парламент.
За време на средбата се дискутираше за напредокот на Северна Македонија во процесот на евроинтеграции и за спроведувањето на клучните реформи, вклучувајќи го владеењето на правото, јавната администрација и правата на заедниците. Истакната е важноста билатералните прашања да не го попречуваат напредокот на земјата кон ЕУ.
Исто така, беше оценет постигнатиот напредок во Планот за раст и дигитализацијата на услугите, вклучително и проектот WiFi4WB и приклучувањето во SEPA, како и соработката со Претседателството на Кипар и европските партнери за решавање на предизвиците со транспортерите по воведувањето на Системот Entry/Exit.
Првиот заменик-претседател Сали повторно ја потврди посветеноста на Северна Македонија кон европскиот пат и подготвеноста за натамошно унапредување на секоја реформа со европските партнери.
Македонија
Во наредните денови дожд, на планините снег – температурите растат
Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб ветер, а долж Повардарието умерен ветер од југоисточен правец. Минималните температури ќе се движат од -4 до 3 степени, додека максималните ќе достигнат од 6 до 11 степени.
Во Скопје се очекува променливо облачно време со слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до -1 степен, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Во наредните денови времето ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, а на повисоките планини и од снег. Ќе дува слаб до умерен ветер, а во среда повремено засилен ветер од југоисточен правец. Температурите ќе бидат во пораст.
Македонија
Сиљановска-Давкова на Светскиот самит на лауреати: Во науката нема мали и големи држави, туку само мали и големи идеи
Промената во светот бара промена во образованието, гледање на реалноста низ очите на новите генерации, рече претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во своето обраќање на Светскиот самит на лауреати, што денеска се одржува во Дубаи, во пресрет на Светскиот самит на владите.
На еминентниот собир, на којшто учествуваат околу 150 врвни научници, вклучувајќи Нобеловци и лидери на истражувачки институции од целиот свет, Сиљановска-Давкова посочи дека во време на подем на вештачката интелигенција, образованието повеќе не е еднонасочна улица на пренесување и помнење на факти и посочи на потребата фокусот на образованието да се префрли на критичко и креативно размислување.
„Вештачката интелигенција е дел од новиот модел на образование. Таа не може и не треба да биде забранета. Сепак, тоа треба да се регулира, бидејќи носи бројни ризици, меѓу коишто е зависноста“, рече претседателката.
Според неа, образованието мора да почне да се фокусира на менталната стабилност, емоционалната интелигенција и етичкото и моралното расудување, што ѝ недостасува на вештачката интелигенција.
„Ни треба глобален консензус дека вештачката интелигенција во образованието и во секојдневниот живот мора да биде транспарентна, фер и водена од човекот. Вештачката интелигенција мора да биде алатка, а не господар“, рече Сиљановска-Давкова.
Претседателката смета дека промена на парадигмата е потребна и во македонскиот образовен систем.
„Верувам дека во науката нема мали и големи држави, туку само мали и големи идеи. Имаме луѓе со одлични идеи. Имаме хемичари и физичари кои се меѓу првите 2% од најцитираните научници на глобално ниво. Имаме жени во STEM кои ги надминуваат регионалните и европските нивоа. Имаме талент и потенцијал, но не можеме да го направиме тоа сами. Ни треба вашата поддршка, идеи, а најважно од сè, вашиот совет. Македонската академија на науките и уметностите, нашите универзитети и факултети се отворени за соработка во истражувачки и развојни проекти од коишто сите би можеле да имаме корист“, рече претседателката на самитот.

